Васко Шутаров
Вирусот што ја напаѓа само власта
Кога англискиот крал Едвард Осми се откажал од престолот поради љубов со Американката Волис Симпсон, во 1938 година заминал на едно подолго патување по Медитеранот. Посебна желба му била, конечно без посебни државни и кралски протоколи и почести да одигра партија голф со Кемал Ататурк, да се дружи со рибари по медитеранските острови и да се капи гол во водите на Јадранот. Тој е редок пример на моќник, кој откажувајќи се од кралските привилегии и вистински ја соголил моќта до видливост и за најпростодушното око – „еве го, кралот е навистина гол!“
Истата таа 1938 година се раѓа еден друг, нам исто така познат британски политичар, кој подоцна станува и најмлад министер за надворешни работи. Тоа е лордот Дејвид Овен, посебно запаметен во колективната меморија на државите од регионот како преговарач за постигнувањето мировен договор во крваво завојуваните држави произлезени од распадот на Југославија.
Лордот Дејвид Овен пред да почне да гради политичка кариера и стане прв човек на британскиот Форин Офис во периодот од 1977-1979, имал друг научен интерес, претходно веќе специјализирал неврологија и бил исклучително талентиран за медицина. Подоцна, сето свое медицинско и политичко искуство и знаење ќе го вгради во една книга за болестите што ги носи моќта, а најмногу политичката власт и моќ. „Синдромот хибрис” е термин кој прв го употребува токму тој, а се однесува на стекнати пореметувања на личноста од претерано консумирање власт и моќ. Денес терминот сѐ почесто се користи во политичката теорија и пракса, кога треба да се анализираат нестандардни и чудни однесувања надвор од здравиот разум, на моќниците од политиката.
Синдромот хибрис што го продуцира моќта и власта
Поимот хибрис потекнува од античка Грција и означува карактер на луѓе кои се претерано надмени, претерано горделиви, вообразени и дрски до таа мерка, што дури ги срдат и боговите. Хибрисот го нарекувале состојба „пред паѓањето”, која обично ја следеле сиромаштија и беда, заразни чуми и постојани немири. За хибрисот или незаузданата алчност за моќ и власт пишува и Тукидит, кој оваа човечка слабост, во комбинација со стравот кај останатото население од вакводевијантно однесување на политичките водачи, ги сметал за „два најмоќни деструктивни сентименти погубни за демократијата”. И боговите се чудат на глупоста наречена претерана горделивост, велеле старите Грци.
Веројатно поучени од овие и од сите подоцнежни искуства на застранувања и комплетни забегувања од прекумерна моќ (доволно да се сетиме само на Клаудиј, Калигула или Нерон во стариот Рим), Венеција, а нешто подоцна и Дубровник, во годините на својот најголем трговски и државен подем како слободни градови-држави на Јадранското Море, воделе посебно сметка да ги оневозможат таквите потенцијални девијации на своите политички првенци. Во Венеција власта на дуждовите била временски ограничена и исклучиво ненаследна. Затоа денес посетителите на велелепната Дуждова палата можат слободно да се исчудуваат на големото црно петно со кое е покриен ликот на еден од дуждовите, во галеријата на ликови на венецијанските владетели. На тоа место требало да стои ликот на Марино Фалиеро, великодостојник кој ги ставил своите лични и семејни интереси пред интересите на Републиката, поради што бил окрутно убиен и осуден на забрана за јавно сеќавање – damnatio memoriae.
Но, да се вратиме на модерново доба, на лордот Овен, неврологот и политичар и неговото поимање на „синдромот хибрис” кај луѓето од власта. Синдромот напретерана надменост, вообразеност, отсуство на емпатија и отуѓеност од граѓаните и реалноста, како психичка девијација, тој го воочил кај скоро сите балкански лидери кои му биле добро познати, иако тие не биле од посебен интерес за неговата анализа. Медицинската дијагноза на синдромот, лордот Овен ја поставува и темелно објаснува преку анализа на политичките профили на точно сто американски претседатели и британски премиери.
Симптоми на политичката болест хибрис
„Синдромот хибрис” лордот Овен го препознава во следниве неколку значајни симптоми: стремеж кон постојано прoдуцирање активности кои ќе го прикажат политичарот во најдобро можно светло, придружено со несразмерно голема грижа за личниот имиџ и себепромоција, изразената нарцисоидност во поимањето на светот само како арена за стекнување власт, моќ и слава, тенденцијата за себе да се зборува во трето лице еднина или кралското „ние”, театралноста во однесувањето и обраќањата во јавноста, прекумерната самоувереност и селективното слушање само на она што го поттикнува чувствителното владејачко его, окружувањето само со соработници кои знаат да ласкаат и да бидат само негови добри слушатели и беспоговорни извршители, во психолошките препреки да се слушне критичко мислење од кој било друг, во губењето врска со реалноста и силната прогресирачка изолација, како и во сѐ понагласеното отсуство на каква било лична одговорност за случувањата во реалниот живот.
Лордот Овен бил убеден дека од „синдромот хибрис” вистински боледувале американските претседатели Теодор Рузвелт, Вудро Вилсон, Џон Кенеди, Линдон Џонсон, Ричард Никсон, а посебно Џорџ Буш помладиот, а од британските премиери Невил Чемберлен, Винстон Черчил, Антони Идн, Маргарет Тачер и Тони Блер. Русите, поттикнати од ова негово истражување исто така го користат овој инструмент(во рускиот јазик познат како „гибрис комплекс”), за анализа на психичките пореметувања на свои поранешни лидери, како што е Никита Хрушчов, на пример, кој светот беше го довел на раб на нуклаерна војна и кој остана запаметен преку тропањето со десниот чевел по говорницата во Обединетите нации.
Моќта и власта се моќна дрога, според многумина и најмоќна, а не сите политичари имаат силен карактер и психофизички предиспозиции да ѝ се спротивстават и одолеат. Големиот филозоф Бертранд Расел уште пред студијава на Овен, пишувал за овој феномен кој што се однесува на менталната стабилност на поединецот кога е во позиција да практикува моќ. Ја опишал таа причинско-последична врска помеѓу моќта и пореметеното однесување како опијанетост од моќ. И ако се вратиме на Тукидит, преку Расел и Овен, доаѓаме до идентичниот заклучок за истиов овој синдром на политичките моќници, дека единствен начин тој да не ја загрози демократијата е да биде под постојана и неселективна демократска контрола и надзор и под постојан демократски притисок за повикување и полагање одговорност за таквото несоодветно однесување.
Јавачите на македонската апокалипса
Дали оваа дијагноза за прекумерната ароганција и игноранција во политичкото однесување поставена од неврологот и политичарот Дејвид Овен е доволно разбирлива за неврохирургот и политичарот Венко Филипче? Дали би му било малку појасно и нему и на неговиот партиски шеф и премиер, како во апокалипсава денес, изгледаат во очите на македонската јавност? Дали се барем малку свесни, како со своите неконзистентни и некомпетенти политики, биполарни одлуки и отсуство на одговорност за сеопштава мизерија и лудило, се доживувани меѓу македонските граѓани? Дали се воопшто свесни дека севкупната македонска формула за владеење во вакви комплексни и оловно тешки времињаја сведоа само на ароганција плус игноранција, помножена со дневна доза надменост и незнаење и дневно отсуство на каква било одговорност? И колку се свесни неврохирургот Филипче и бизнисменот Заев, за пеколно длабоката потонатост во канџите на оваа психолошка замка, на која пред нив не одолеале и посилни и поцврсти политичари. Сето ова станува сосемајасно гледајќи ги редовно во нивните викенд походи со моќните мотори на четири тркала, кога стануваат персонификација на вистински јавачи во реалната македонска апокалипса. Среде македонската Апокалипса, денес. Во која, како и во филмот на Копола, редовно нѐ надлетуваат хеликоптери, за да ѝ„заштедат време” на власта во изборот на најзгодно место за ручек, или за сечење ленти до Прилеп и назад, и нормално, да ѝ „заштедат време” за вечера, на некое уште позгодно место.
Неврологот Дејвид Овен бил убеден дека ваквата политичка зависност од моќ, слава, власт и пари, придружена само со арогантна дрскост и отсуство на одговорност и солидарност, сигурно не се отстранува хируршки и сигурно не е од доменот на неврохирургијата. Болеста на зависност од владеење со таквите психички отстапувања од нормалното не се отстранува со неврохируршки нож, бидејќи болеста е стекната од прекумерно уживање и насладување со политичка моќ, туку само со демократски рез и со отстранување на заболеното политичко ткиво со овој подмолен синдром, наречен хибрис. Вежбањето демократија е најдобра терапија после длабокиот демократски рез, ќе каже лордот Овен.
Кога стравот станува гнев, гневот омраза, а омразата страдање
Пандемијата од страв, животниот и егзистенцијалниот страв за преживување под секаков тип на ограничувања кој трае веќе подолго од година дена, создава гнев, кој станува сеприсутен во сите пори од нашето секојдневно живеење. Акумулираниот страв предизвикува гнев, гневот предизвикува омраза, а омразата – страдања и самоуништувања. Одамна помина медениот месец во кој совршено добро се усогласуваа збунетоста и стравот од непознатата опасност и тренирањето строгост во услови на арогантна опуштеност и парадоксалното креирање ѕвезди и спасители од власта во пандемискава несреќа. Никогаш во 30-годишната независност и самостојност на државата, личната и колективна несреќа и страдања не биле толку силно изразени и доведени до точка на вриење. Никогаш за овие три децении самостојна држава, личниот физички опстанок и опасноста од реалното опстојувањето на државата не биле подеднакво и толку силно загрозувани. Власта која нема уво и сенс да го слушне и разбере таквиот набој од насобран гнев, има сериозен проблем најнапред со самата себе. Со сопствената незауздана ароганција до небо, игнорирањето на реалните проблеми, надменоста и отсуството на елементарна емпатија и солидарност со сеопштото страдање, незнаењето како да создаде и проектира ЕДЕН НОРМАЛЕН ДЕН во нашите животи, комплетното отсуство на чувство за одговорност во најапокалиптичните месеци од нашите животи. Кој не го слуша поединечниот и колективен крик на насобраниов гнев, ќе слуша громови. Ни држави со подолги и потрајни демократски традиции не успевале да го канализираат и завладеат таквиот сеопшт гнев.
И власта продолжува да лета
и да си пука како за последно
Ега!
Среде апокалипсава,
Сега!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.