Весна Јаневска

Тешко да се премолчат гласините дека некои луѓе примиле пари, од 1000 до 30 000 денари за гласање или негласање, како и гласините дека луѓе добивале закани за губење на работа во врска со изборите. Трагично. Се прашувам да ли само јас го мислам тоа и само јас ли имам чуство на голема тага и срам.

Ако поради тоа што го мислам и ако поради тоа што сакам да го кажам се плашам дека ќе го изгубам работното место и семејството ќе го доведам до работ на пропаста, слобода ли е тоа и демократија ли е тоа? Ако некој го користи мојот глас и тогаш кога не сум го дала, слобода ли е тоа ,демократија ли е тоа? Да живееш во страв за сопствениот опстанок, кој зависи од вољата на друг и некој да си земе за слобода да манипулира со твоето базично право на глас, не е ни слобода ни демократија. Правото на глас е право на рамноправност и право на слобода. Само на денот на изборите и гласот на бездомникот и гласот на царот вредат исто и тогаш и едниот и другиот се комплетно рамноправни. Како тогаш некој, се осмелува да ми ја одземе рамноправноста, слободата и да ми ја одреди вредноста? Е, се осмелува, некои “проевропски“, некои “демократски“, некои “прогресивни“ сили сметаат дека е успех ако на тој начин се стигне го повеќе гласови.

Зар не е роб оној кој нема право на мисла и право на глас да ја искаже таа мисла, зар не роб оној чие вработување зависи од вољата на неговиот газда (во слуајов најчесто државна институција), а не од неговите способности, вештини и знаење и зар не е роб оној чиј живот зависи од волјата на газдата, затоа што работата значи живот во оваа земја. Зарем не е роб оној на кој му го злоупотребуваат гласот и со него остваруваат своја цел?

Сега не може да следи ништо друго освен она што безброј пати го има искажано великиот уметник, Петар Темелковски, во неговите патриотски беседи. Вели: „Го платиле еден Македонец 10 лири за да го убие Пиринскиот цар, а на пазарот во Серес еден вол вредел 100 лири. Зарем душата не еден Македонец вреди 10 пати помалку од еден вол?“

Зарем душата на еден Македонец, Албанец, Ром или било кој од било која етничка заедница вреди 1000 денари до 500 евра? Прашувам кој е тој што толку ги пороби и понижи за својата слобода да ја трампаат за противуслуга вредна 1000 денари или 500 евра? Кој е тој што ги донесе во ваква ситуација, како, кој и како ги донесе до таму овие пари да им значат повеќе од слободата, како тоа овие пари им значат повеќе од нивната визија и волја, кој е тој кој што вака ги воспитува и учи и конечно, ДО КОГА ЌЕ ТРАЕ ТОА РОПСТВО?

Ова ропство не завршува тука и неговите пипци не посегаат само по овие „души“. Се изнаслушавме и изначитавме ćе и сешто и секакви коментари за повеќе личности, само затоа што имаат свое мислење, свој став, сопствена политика и не мислат како некои други? Зошто, сакајќи да стигнат до целта некои имаат потреба да ги понижуваат и навредуваат другите? Зошто својата вредност и успешност ја мерат со омаловаување на вредностите на други. Одговорот на овие прашања тешко може да се сумира во неколку реченици, а уште потешко во неколку зборови, но јас ќе се обидам да ги одберам оние кои мислам дека се меѓу највжаните: фрустрација, несигурност, немоќ, ароганција, немање на цивилзациски вредности, немање на демократски капацитет.

Ропството не завршува тука, на тие пари и тие понижувања. Крона вирусот беснее во поробената Македонија. Луѓе страдаат, докторите и сестрите гинат на работа, а пресовите на министерот ги нема, мерки нема, Комисијата ја нема. Да, во преден план треба да е формирањето на Влада, ама, што пречи тоа за организирана борба против епидемијата? А неа ја нема. Најмалку важно е дали е ова прв, продолжен прв или втор бран, многу поважно е што мерки нема, ниту пак стратегија како после овој летен „одморски“ бран без почитување на мерките низ туристичките места, системот би се справил со нов претпоставен пик?

Заробени се и учениците, а со тоа всушност е заробена е и иднината и родителите и наставниците. Зарем не е ропство тоа што за само еден месец почнува училишната година, а нема стратегија како да се продолжи? Навистина, како? Повторно ли експериментално, без систем, без препираки и обуки, без вистинско вреднување на можностите и постигнување на ученикот?

Повторно ли треба да се очекува „пад на системот“, затоа што простете, ако изборите можеа да бидат жртва на „пад на системот“ , како може да се очекува дека училишната година, работата на образовниот кадар, на учениците, нема да бидат под притисок на истите проблеми- од пад на интернетската мрежа до претпоставен напад врз системите од надвор?

Тешко да се премолчат состојбите. Многу е тешко да се премолчи ропството.

Крцка Македонија под тешкото бреме што го носи на своите плеќи.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.