Афера до афера, скандал до скандал. Аферата „Рекет“ на СЈО, лубриканти, апетисани, бегства, скандали во правосудството, продавање на идентитетот, блокади, обука на магариња, најголема смртност во Ковид кризата, некаков шверц на тутун како да имаше, попис, Дубаи, Мексико и останатите афери на Рашковски во „период“ (оние што разбираат математика ќе знаат што означува овој термин). Таман човек ќе помисли дека сме го допреле дното, се соочуваме со ново изненадување. Афери и скандали кои станаа математичка константа која се повторува во период до бесконечност. И тоа само оние откриените и обелоденети!
Веројатно сум подзаборавил и пропуштил да спомнам уште некој од „владините бисери“, но не постои доволен простор во меморијата на еден човек ниту, пак, во рамките на една колумна целосно да се опфати бесконечниот карактер на владините скандали.
Аферата „Мафија“!
Најновото достигнување на владата на Заев! Не знаеш дали да критикуваш или да се плашиш?! Не знаеш дали да прашаш нешто или мудро да молчиш?! Таков е првичниот впечаток од реакцијата на огромното мнозинство од македонската медиумска индустрија. Од медиуми до новинари. Истакнати и помалку истакнати.
Се плашат?! Новинарите се плашат?! Нормално дека се плашат! Се плашат оние чесните! Оние коишто немаат „никаков грб“ за сопствена и семејна заштита и коишто живеат исклучиво од пишаниот и кажан збор.
Психолозите велат дека стравот од непознатото е еден од најголемите стравови. Токму непознатото во аферата „Мафија“ е нејзината највпечатлива карактеристика. Непознати извршители, непознати идентитети на корисниците на нивните „услуги“. Непознати идентитети на над 200 лица, од досега обелоденетите случаи, кои добиле вистински и оригинални македонски пасоши со лажен идентитет.
Затоа новинарите молчат! Се плашат! Молчат и медиумите! Едните од страв! На други така им чини, од корист! СДСМ е на власт! Мафијата е на власт!
На власт од 2017 година! Од тогаш датираат почетоците на оваа афера!
Велат дека ги следеле активностите на оваа група, вршеле истрага и подготвувале акција повеќе од две години. Демек изјавите коишто дојдоа од опозиционите челници ја испровоцирале и преураниле акцијата која се базирала на нивната „темелна“ истрага. Тука се наметнуваат многу прашања од кои неколку се особено важни.
1. Уште колку време актуелната власт ќе набљудувала и следела како се издаваат македонски пасоши на криминалци со лажен идентитет, преправајќи се дека спроведува некаква истрага?
2. Уште колку пасоши ќе биле издадени да не беше обелодент скандалот?
3. Дали властите, освен што ги следеле криминалците во сопствените редови, имаат увид во движењето и активностите на оние коишто добиле македонски пасош со лажен идентитет?
4. Дали може криминал од ваков обем да се реализира без поддршка и логистика од највисоките функционери на власта?
Да почнеме со ред.
Да не беше алармот од опозицијата, како и постојаните прес конференции поткрепени со опипливи докази, прашање е дали воопшто сето ова ќе добиеше некаква видливост во јавноста. Прашање е дали ќе имаше било каква активност на актуелната власт која ќе води кон конечна разрешница на аферата „Мафија“. Веројатно бизнисот со пасоши ќе траел уште долго, долго време, доколку само Заев и Спасовски се прашуваат. Ако ги земеме во предвид изјавите на Спасовски, дека МВР го следела овој криминал повеќе од две години, а при тоа минатото лето имавме предвремени избори со неизвесен исход, сосема е нелогично Заев и Спасовски да ризикуваат и да остават нерасчистен случај во наследство на некоја идна влада.
Ако МВР подолго време ја следело оваа криминална активност, при што актуелниот министер Спасовски еден период беше и технички премиер, а МВР го раководеше кадар на опозицијата, тогаш, според она што во моментов го говори Спасовски, произлегува дека и власта и опозицијата се запознаени и инволвирани во истрагата во однос на овој случај. За тоа мора да постојат службени белешки, односно белешки за вклученоста на министрите за внатрешни работи во континуираното спроведување на процесот на следење и прибирање докази за овој криминал.
Тоа е причина заради која мора да се реализира темелна и транспарентна истрага, која ќе даде одговор на ова прашање и ќе ја потврди или ќе ја демантира тезата на актуелната власт. Секое неспроведување на истрага и оставање на случајот во сивата зона, со сигурност ќе значи дека Заев, Спасовски и компанија, се длабоко инволвирани во аферата „Мафија“.
Истрагата ќе даде одговор и на второто прашање, односно дали навистина се издадени „само“ околу 215 пасоши. Дали овие 215 пасоши се доделени на лица кои ја сочинуваат мрежата на „економски промотори на картелот на Заеви“? Дали оваа мрежа на „експерти“ имала за задача да врши „извоз и дистрибуција на секундарните производи“ од плантажите со марихуана на Заеви? Можеби ДЕА и оние меѓународните партнери, коишто Спасовски ги спомна како поддржувачи на операцијата за сузбивање на криминалот со фалсификувани пасоши, всушност за примарна цел го имале сузбивањето на криминалот на корисниците на услугите на неговото министерство, односно мрежата „економски промотори на картелот Заеви“?Темелната истрага треба да даде одговор и на овие дилеми,
Исто така, јавноста треба да знае колку идентитети на македонски граѓани се злоупотребени. Тие граѓани треба да бидат лично информирани и запознаени со цел да не се најдат во непријатна позиција или на удар на властите на трети земји во кои постои веројатност криминалците со лажен идентитет да сториле криминал токму под таквиот лажен идентитет.
Апсењето на групата припадници на МВР, кои директно биле инволвирани во постапката на издавање пасоши, е една страна на медалот. Што станува со оние коишто добиле пасош со лажен идентитет? Тоа е третото прашање коешто не интересира.
Тоа не се луѓе, обични џепчии, кои пасошот го користат само за да поминат преку граница со цел да избегаат од органите на прогонот заради ситни кражби или криминал од помали размери. Од информациите коишто секојдневно се лиферуваат, разбравме дека се работи за исклучително сериозни криминалци, нарко босови и убијци. Слушнавме дека некои од нив добиле и по неколку патни исправи со различен идентитет. Тоа се луѓе кои располагаат со милионски суми криминално стекнати пари. Пари кои можe да бидат искористени во многу сериозни криминали, дури посериозни и од оние коишто ги слушнавме како нивна област од интерес, трговијата со дрога, рекетот, убиствата, итн, итн.
Доаѓаме до она коешто е исклучително важно и опасно за Македонија како држава, и нешто коешто ги надминува границите на она што го нарекуваме само криминал.
На што алудирам?
Ако една личност со лажен идентитет, којшто се темели на идентитетот на некој македонски граѓанин, се здобие со статус резидент во некоја трета земја, особено земја членка на ЕУ или, пак, поседувајќи неколку македонски пасоши стекне статус резидент во неколку различни земји, тој ист човек ќе се здобие со многу сериозни права кои произлегуваат од статусот резидент. Особено интересно е правото за отворање на банкарски сметки во земјата на престој. На тој начин, тоа лице ќе може непречено да врши трансфер на пари кои ќе бидат добро маскирани и скриени од очите на оние кои се задолжени да се борат против појавата на перење пари и финансирање на тероризам.
Да, доаѓаме до клучниот збор. Тероризам!
Македонија многу лесно може да се најде на удар на оние европски институции кои се задолжени за борба со појавата на перење пари и финансирање на тероризам. Ќе го добиеме FATF и MONEYVAL на врат! Ќе го привлечеме вниманието на сите заштитни механизми на ЕУ и Советот на Европа во оваа област. Загрозениот безвизен режим, на кој со право се укажува од повеќе страни, ќе биде најмалиот проблем со кој би можела да се соочи нашата земја. Опасноста за наше колективно инволвирање во активности поврзани со финансирање на тероризам е исклучително реална, а оној „тероризам“ кој што „Кацарска“ судството го утврди за настаните од 27 Април, ќе биде неспоредлив со вистинскиот тероризам во којшто може да биде вовлечена Македонија, благодарение на оваа власт. Иронијата да биде поголема, владата на Заев токму во периодов турка процедура за усвојување на Закон за спречување перење пари и финансирање на тероризам.
Затоа е неопходна темелна истрага која ќе ги утврди сите инволвирани во сторениот криминал. Политичката одговорност од актуелната власт е неизоставна и истата не смее да зависи од текот на неопходната истрага. Истрага која ќе го даде одговорот и на четвртото прашање, односно дали може криминал од ваков обем да се реализира без поддршка и логистика од највисоките функционери на власта?
Јас мислам дека не може!
Очигледно е дека активностите на „пасош групата“ кореспондираат со периодот на владеење на СДСМ. Ако уапсените службеници од МВР го туркале овој „бизнис“ и пред доаѓањето на власт на Заев, под претпоставка дека тие се врвот на пирамидата и нема никој повисоко од нив, тогаш истите тие ќе работеле и пред 2017 година. Знаеме дека Заев има бомби за сè и сешто пред 2017 година и многу лесно ќе им влезеше во траг ако постоела пракса на издавање лажни пасоши и пред 2017 година. Тој со сигурност ќе имаше информација која ќе му овозможеше да спроведе барем една сериозна акција за сузбивање на некаков криминал, конкретно за овој, издавањето пасоши со лажен идентитет. За овие пет години од владеењето на СДСМ не видовме ниту една активност насочена против криминалот, а притоа истата да не биде мотивирана од политички реваншизам и пресметка со политичкиот противник.
Секое дистанцирање и бегање од одговорност на Заев и компанија во однос на аферата „Мафија“ е надвор од памет! Фатени се на дело! Фатени се како што ДЕА ги фати на дело со 800 килограми марихуана во најновата афера „Картел“, или како и да се вика!
На почетокот реков нема крај на аферите и скандалите!
Е, нема! Што ли не чека денес или утре?
To be continued!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.