Погрешни решенија на спорови можат да генерираат уште поголеми проблеми и судири. Договор за решавање на спор не се склучува само колку моментално да се затвори прашањето. Големите политичари размислуваат што тој договор ќе произведе во иднина, додека малите политичари гледаат како да го затворат прашањето што побрзо, на Балканот вирее вториов тип на политичари и затоа живееме во општества во какви што живееме.
На денешен ден пред точно еден век со потпишување на мировен договор се стави крај на Големата војна. Таа била најмачната и најтешката војна која човештвото ја има видено. Се војувало со тактики од 17-ти и 18-ти век но со поефикасно оружје што довело до огромни човечки загуби. Милиони млади животи згаснале во темните ровови, таква била војната, рововска, спора и мачна, милиони млади животи завршиле на бајонетот на противничката војска или пронижени од противнички куршум испукан од само неколку метри, борбата била гради в гради, немало голема мобилност.
Кога се стигнало до крајот на војната тогашна Европа сметала дека се става точка на сите војни и дека човештвото ќе влезе во нова ера без конфликти. Единствен кој знаел дека реалноста ќе биде дијаметрално спротивна бил американскиот претседател, големиот Вудру Вилсон, кој во Версај посочил дека договорот така како што е составен не само што не става крај на Големата војна туку тој договор ќе изроди уште поголема војна. Вудру Вилсон бил и иницијатор за создавање на Лигата на народите – претходник на Обединетите Нации. Американскиот претседател истапил со десет точки кои требале да го внесат светот во нова ера на мир и напредок, во една од точките Македонците имале изгледи да го остварат својот сон за независна македонска држава.
Планот на Вилсон не бил целосно прифатен, тој разочаран се повлекол од Версај, договорот бил потпишан.
Денеска науката Големата војна ја нарекува „Прва светска војна“, еден дел од науката ќе каже дека Првата и Втората светска војна всушност се една иста војна со мало примирје, друг дел од науката ќе каже дека Големата војна завршила со победата на Реган и Тачер врз Советскиот Сојуз или победата над комунизмот и падот на железната завеса, оние пак кои повеќе сакаат теории ќе ви кажат дека Големата војна сѐ уште трае. Но и покрај сите овие погледи кон историјата едно нешто е сигурно, а тоа е дека лошите договори можат да произведат катастрофи. Решенијата по Првата светска војна ги произведе најголемите зла во поновата историја на човештото – нацизмот и комунизмот.
Македонците во Големата војна учествуваа преку Единаесетата македонска дивизија чиј спомен денеска некој се обидува да го сквернави.
И покрај сите катастрофи кои ја снајдоа Европа на крајот таа изнајде начин да се помири, на Балканот заглавивме со политичари кои не можат да видат што произведува нивната политика и договорите кои ги потпишуваат.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.