Предраг Димитровски
Алберт Ајнштајн во една пригода рекол дека дефиниција за безумие е „да го повторуваш истото одново и одново и да очекуваш различен резултат.
Искрено, не знам на што и кого мислел кога го рекол ова, но од оваа временска дистанца неговите зборови со сигурност можат да се однесуваат на она кутро мало „Татарче“, кое се одѕива на името Красимир и на презимето Каракачанов. Инаку, познат како бугарски вицепремиер и министер за одбрана, лидер на бугарското ВМРО, а во суштина чиста копија на еден лик Божидар Димитров, Бог да му душа прости.
Е тој Красимир Каракачанов, што се пожали дека му го украле ВМРО, минатата година, чинам, се пофали дека има многу пријатели меѓу македонските политичари. И ги уфираше дека кога заедно седат на маса во кафеана и пијат по некоја чашка ракија, сите признавале дека се македонски Бугари, ама јавно тоа никако не сакале да го сторат. А, зошто, да ги прашаш? Ако навистина така се чувствуваат.
По долги месеци пауза, одеднаш Договорот за добрососедство со Бугарија се најде во центарот на вниманието. Како ли само им текна на новинарите да го прашаат токму Каракачанов дали официјална Софија ќе го блокира почетокот на преговорите за членство на Македонија во ЕУ? И види чудо, одеднаш сите изненадени.
Каракачанов да ти настапил со отворена уцена. Или Гоце Делчев ќе се реши што бил, односно Македонците ќе прифатат дека бил Бугарин, или Македонија ќе добие нова сопка. А, зошто да не, кога веќе си го сменила знамето и името. Е, сега е на ред да си ја смени историјата. Поточно, не да ја смени, туку да ја прифати единствено како бугарска.
Кутрото мало „Татарче“. Уште не пораснало, иако е човек во зрели години, а Бугарија е одамна членка на НАТО и ЕУ. До него тешко или воопшто не стигнуваат евроатлантските вредности. Тоа продолжува да си живее во светот на едноумието. Или, подобро речено, во светот на комунизмот, чиј експонент на тајните служби бил, а сега збори ли збори против него како најголем дисидент да бил. А, не бил, туку бил обичен кодош.
Е, ваквите лица од двете страни на границата некои аналитичари ги ставаат во т.н. „московско-белградска“ струја во македонско-бугарските односи, што произлегува од поблиското минато. Нејзина основно цел е постојано да создава и поддржува состојба на раздор, конфликти и спротивставување меѓу Скопје и Софија.
Зашто, тоа е најлесниот начин да нема вистинско зближување меѓу двете држави и истовремено да биде спречена евро-атлантската интеграција на Македонија. За жал, Каракачанов само покажува дека е дел од оваа струја, оти таа има силни политички и институционални позиции во Бугарија и ништо повеќе од тоа.
„Московско-белградската“ струја има за цел Македонија да остане во орбитата на Москва и Белград, а за тоа треба да послужат историјата и, се разбира, уцените. Оттука кутрото мало „Татарче“ е само стара, веќе добро прочитана книга.
Покрај оваа, се наведува постоење и на уште две струи, но за нив во некоја друга пригода.
Навистина, одамна не се случило една изјава на Каракачанов да предизвика реакција кај нас и на Министерството за надворешни работи, и на вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров и на старо-новиот премиер Зоран Заев. И сите смирени, мирни како бајчиња. Чиниш мед и млеко им тече од устите. Се добива впечаток како самите да нарачале што да каже кутрото мало „Татарче“. А, којзнае, можеби спаѓаат во оние македонски политичари, кои кога пијат на маса со него велат дека се македонски Бугари?! Нивно право. Што секако не значи дека тоа треба да го злоупотребат на штета на чувствата и достоинството на оние кои се чувствуваат само како Македонци. Асли Македонци.
Туку, види чудо! Заев ни одржа лекција за Гоце Делчев. Ни кажа кој бил, за што се борел… Ама некако пак како да остана недоречен. Никако од уста да му излезе дека Гоце се борел за автономна или слободна Македонија. Ах, пусто тоа на „М“!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.