Васко Шутаров

Отсекогаш сум бил склон кон уверувањето, дека луѓето од културата се во суштина добри луѓе. Тоа уверување доаѓа веројатно од мојот личен однос кон културата, како нешто добро, убаво, возвишено. И за чудо, моето лично искуство во соработката со стотици и стотици уметници и културни работници, ми го поткрепува тоа уверување. Да, во културата постојат бескрајно многу добри и со талент надарени луѓе. Сум имал и чест, да соработувам со десетици креатори на културни политики, министри, советници од културата, директори на моќни културни институции. Ја имаа културата, во малиот прст. И редум беа, креативни, воспитани и културни луѓе. Имав привилегија да запознам и наши и светски великани од културата. И колку поголеми, толку поедноставни и почовечни се токму тие, најголемите. И најскромни, истовремено.

Но, не секогаш е благодарна таквата генерализација. Како и во секоја друга професија, постојат разни табиети, карактери, темпераменти, подобри и помалку добри луѓе. Впрочем, луѓето од културата не успеваат секогаш да се одредат или пронајдат во една од 164 општоприфатени дефиниции за културата, не пак да се одредат само по критериумите за добро, убаво или возвишено, за кои постојат уште толку дефиниции. Гладијаторската борба за опстанок на пазарот бомбардиран од културни продукти, девалвирањето на понудата од културни продукти со проблематична естетика, сè понискиот праг на културна етичност во времиња на изразен културен клиентелизам, го отапува талентот, ја гуши креативноста и го убива убавото, благородното и доброто, како кај авторите, творците, уметниците, така и кај културните конзументи. Причини за убивање на доброто, возвишеното, естетски-врвното и морално-етичкото во културата, колку што душа сака. Од маргинализацијата на културата и културното во општеството, до суровата борба за егзистенцијална сигурност и уште посуровата борба за клиентелистичка “финоќа” и блазираност. Таман, во поим да се убие и доброто и убавото, во секој човек, па макар тој бил и од Бога даден уметник.

Имајќи го пред себе единствениот во последниве три години документ од културата, испратен ургентно пред неколку дена во собраниска процедура, се прашувам дали воопшто останало нешто добро, убаво, возвишено или барем малку разумно во главите на креаторите на културните политики на државата. Главите на креаторите? Токму така. Македонската актуелна култура, страда најмногу од многуглавата хидра од културни креатори, кои со најновиот предлог- закон за култура, по сопствен образец и за свој интерес, проектираат нејасни визии и контури на нешто што наликува на експериментална креатура во културата. Првиот впечаток што се наметнува е, дека не знаат точно што сакаат да постигнат во културата, но точно го препознаваат својот личен интерес во неа. И секако, совршено добро се препознаваат во она што е нивен заеднички одиум. Презирот и омразата кон  сè поранешно создадено во културата, медиокритетскиот презир кон културните величини, поранешни и сегашни. Ги обединува и популистичкиот призив кон “своите од шарените” изразен преку шарени лижавчиња за подзалажување (еве планираме за вас програмски совети, на секое ниво?!? Уф, колку подло и под секое ниво!). А овој предлог-текст на закон уште и кажува, дека актуелниве креатоти на културните политики се подготвуваат да заминат во опозиција. Па од таа позиција, повторно да го јавнат бранот на незадоволство, како оној од времето на шарената револуција. Покерскиот блеф со Колективниот договор во културата, како и бројни одредби од предлог-законот за култура кои тешко ќе станат применливи, само укажуваат дека оркестарот одлучил да свири уште некое време, додека “блескавиот” брод почнува да тоне.

Првата причина заради која овој закон е крајно лош и штетен, е преформулирањето на националниот интерес во културата, во јавен интерес. Зошто со таква леснотија се брише остварувањето на националниот интерес во културата, без постигнување на поширок консензус околу остварувањето пред сè на државниот и национален интерес во културата! Предлог-законот сигурно не е современа рамка за остварување на културата, а дефинициите кои се содржани во него се крајно неспретно изведени. Јавниот интерес е заеднички именител и за државниот и за локалниот интерес во културата, но тие ниту се формулирани, ниту се дефинирани. Ако во постоечкото законско решение јасно се разграничени, словото на предлог-законов ниту ја диференцира, ниту синтетизира, а најмалку ја дефинира културата, она за што во принцип ваков закон и се носи. Но, затоа остава простор за произволни толкувања, па одредени субјети под превезот на “јавен интерес” да добијат повластувања за реализација на нивни проекти, исто како и стожерните национални институции од културата, а можеби и повеќе од нив. Компаративно анализирајќи, не наидов на такви формулации во законодавствата на поблиските европски држави како Бугарија, Грција или Хрватска, каде националниот и државниот интерес во културата се крајаголен камен на нивните културни политики. А, ако веќе авториве мислеле на словенечкиот закон за култура од кој црпеле инспирација, можеле барем да ги погледнат одредбите на словенечкото законодавство од културата, во кои културните права на националните малцинства  се одредени во лесно мерлив реципроцитет, онолку колку што добива словенечкото малцинство во матичните држави. Словенија е држава! A не мегдан како нашиов, за остварување на еспериментални модули, во кои  лесно им се видува МОБ да стане НОБ, па зошто не и ЈОБ, ако законот некако им помине! Арам да им биде, срамот што го немаат и презирот со кој се хранат.

Она што овој закон не одмолчува и е просто грев да се прочита, е леснотијата со која се отпишуваат доајените и бардовите на македонската култура од постоечкиот закон, во рамките на доделување дополнителен надоместок кон пензијата, на врвни репрезенти на македонската култура. Според новиот закон, тоа било чист трошок и товар за културниот буџет. Ушто едно, арам да ви е! Наместо и во пензионерски денови да им укажете можност да даваат од тоа неизмерно уметничко и креативно искуство што го имаат, наместо да им го продолжите уметничкиот век како што го заслужуваат, авторите на овој срамен текст планираат во иднина да престане праксата за додаток, на и онака малите пензии на големите имиња од македонската култура.

Со истата леснотија авторите на законот ги бришат македонските “амбасадори на културата”. Проминентни и вистински репрезенти на македонската култура во светот, кои буџетот на ресорното министерство не го чинат ниту денар. Наместо да осмислат и креираат можности за збогатување на нивната мисија. Ама пусти медиокритетски презир. Мириса на кабинетски кебапи и пица на парче, базди на “завидлизам на големо” и во овој дел од предложениот законски текст.

За културната децентрализација и немањето издржана анализа за капацитетите на локалните самоуправи за поддршка на национални институции, а истовремено акумулирање на нови овластувања на министерот за арбитрирање во компетентностите и на овој план, подобро и да не се трошат зборови. Министерот со овој предлог закон, станува врховен културен арбитар. Арбитрира и во избор на директори на институции во културата, му се дава можост да носи општ акт за повеќегодишни програми и проекти, формира советодавни и програмски тела, арбитрира врз секој проток на финансии, во материја која со ништо не одредува критериуми и правила за финансирање на проекти од областа на културата. На голема врата во “новата култура” се промовираат нови видови и подвидови клиентелизам, волунтаризам и кабадахиство, какви што ниедна модерна европска култура не познава. И она што е најчудно, со ништо не се менува или подобрува начинот на финансирање во културата, освен што се предлагаат два годишни конкурси. И нема да ме чуди, ако се повторат како во изминатите две години лавините од реакции и констернации предизвикани по објавите на годишните програми од културата, кога во најава имаме закон кој со ништо не придонесува за одредување на мерила и критериуми кои ќе значат и повеќе правичност и повеќе демократичност во проектирањето на годишните програми од културата.

Веројатно се случувало и порано, патот до пеколот во културата да биде поплочен со најдобри намери. Но, овој актуелен пат до пеколот во културата е воден само од реваншистичкo-политички и лични-лукративни побуди. И арогантно се фали еден од авторскава “хидра”, дека законот имплементира политички решенија. Друг автор, под превезот на заложбите за соработка со независниот сектор, неопходна за развој на капацитетите на современите културни политики, креира одредби со кои облигаторни стануваат високи проценти од сопствените приходи на институциите, за соработка со независната културна сцена, наметнувајќи висок праг на нивна институционална зависност . Им симнувам капа за амбицирањето, присетувајќи се колку скромно и на мала врата пред десетина години влегоа во Закон за култура, преку амандман поднесен од тогашен пратеник. Но, затоа ни повеќе од ред во предложениов закон нема за македонската културна дипломатија, која единствено преку ресорот култура ќе треба да го презентира најрепрезентативното од домашната култура, пред странските политики, креирајќи посакувана перцепција за нашата држава во светот.

Се спрема за опозиција, многуглавата хидра што креираше култура изминативе три години. Летнаа бргу трите години на клацкање фотељи, во амбиенти и простори кои ги презираа и обојуваа шарено. Лично си профитираа, но потполно заборавија на принципите и начелата на чиј шарен бран дојдоа на власт. Брутално узурпирајќи било каков простор за создавање поширок културен креативен бран, ослободен од политика, клиентелизам и приземен конзумеризам, се спремаат за заминување. Потајум сонувајќи, дека шарените лаги и кукавичково јајце од ваквиот предлог-закон, ќе ги мотивираат токму нивните, заборавените и предадените. Со вакви недоквакани шарени лаги, може само слободен лет да им се посака, над новото кукавичко гнездо. Барем да знаеја и умееја, едно гнездо да исплетат и свијат.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.