Васко Шутаров
Кога веќе се наѕирал крајот на Втората светска војна, на Конференцијата во Јалта, Рузвелт, Сталин и Черчил начелно се договориле за контурите на новиот светски поредок по војната. Од најтајно чуваната средба на врвот во 20 век, многу бргу потоа, истекуваат сите можни тајни разговори. Една од тие тајни е предупредувањето на Рузвелт до Сталин, за што сведочи Черчил, дека ситуацијата со решавањето на повоените граници на Полска, мора да биде „чиста, како Цезаровата жена”. Оваа дипломатска метафора има свои корени во познатата изрека на римскиот император Гај Јулие Цезар кој, кога ја избркал својата втора сопруга Помпеја Сула, се повикал на тогашниот принцип за морална чистота: „и причината за сомневање е доволно силна причина”!
Имаше ли барем некој од европската или светска политика, како во случајов со Полска, да се заложи или барем да им укаже на преговарачите на Договорот од Преспа, дека ситуацијата во Македонија мора да биде чиста како „Цезарова жена”? Се сомневам. А уште повеќе се сомневам дека кој било од главните двајца македонски преговарачи за овој договор и воопшто слушнале за оваа дипломатска метафора. Да се креира меѓудржавен договор од комплексниот македонско-грчки проблем со името, мора да се биде воден од највисоки морални начела, макар и за највисоки политички цели, во кој императивно ќе бидат вградени највисоките од сите принципи, заштитата на државните и национални интереси. И внимавајќи на деталите, во кои обично „се крие ѓаволот”. А, дека Договорот од Преспа, и покрај предупредувањата на стручната јавност и покрај сомнежот на големото мнозинство граѓани што не излезе на т.н. „консултативен референдум” во врска со заштитата на државниот и национален интерес, ако до вчера продуцираше само сомневања, од ден на ден продуцира секојдневни понижувања за кои владините трибуни нè убедуваа дека се неможни. Од „северномакедонскиот бурек од Кадино”, преку „северномакедонски политичари”, до „северномакедонска песна” на некое музичко шоу во соседството, катаден ги распаметува и оние кои посакувааа да бидат уверени дека (барем) „идентитетот ни е забетониран” и дека „македонскиот јазик е нечепнат”. Но, ако козата лаже, не лажат роговите! Не само што ни се придодаваат придавките во секоја згода и незгода, далеку од секаква службена употреба, не само што сме атакувани од надвор, туку од дома боцкаат сите рогови поврзани со заштитата на македонскиот идентитет и јазик. И тоа веќе не е случаен след на настани. Следејќи ги деновиве дебатите за Предлог-законот за употребата на македонскиот јазик, во кој не само што зачудува, туку изместува од ум одредбата „поддршка на учење на македонскиот јазик како странски/втор јазик во и надвор од Републиката”, неминовно паѓа мрак на очи. Веќе не се во прашање сомневањата за недостаток од високи принципи во заштитата на нашите интереси и достоинство со Преспанскиот. Последиците и фактите зборуваат за системска непринципелност и крајна нечесност вградена во овој процес. Патем, ни во дипломатијата многу долго не остануваат и најголемите тајни sub specie aeternitatis. Под превезот на вечна тајна. И оние, заклучени и договорени во четири очи. Така што…
Тогаш, за што чисто, принципиелно или барем политички коректно да се фатиме од настаните во неделава што изминува? Искрено се надевав дека Атиџе од „Медената земја” ќе ја оставиме барем некое време во чистотата на својата витална животна енергија и радост, која плени од приказната во филмот. Високо-морално исправена пред предизвиците на животот, Атиџе последниот облагородувач на дивите пчели во Европа, производител на најчистиот органски мед од овие простори, се соочува деновиве со сиот примитивизам на хибридниот инженеринг на македонската дневна политика. Во медената приказна, трутовите си дојдоа по своето. Да земат и повеќе од половина или ако може, сè да земат, сосе Оскарот во најава. На највулгарен, просто дегутантен начин, женава-инкарнација на многу заборавени и изгубени вредности во нашите животи, дневната политика безмилосно ја фрла во канџите на нашата џунгла на асфалтот. Макар тој пат водел преку неасфалтираните патишта до нејзиното Лозово. До општината, каде првично ѝ се понудува да се вработи како хигиничар, а како награда да сними и две песни во професионално музичко студио. На „поправен”, добива друга понуда, да биде туристички промотор на општината и „незнамштодруго”. Цел свет ја разбра пораката на Атиџе, освен нејзините од општината, освен нејзините во Македонија. А како инаку ќе останеше приказнава на Атиџе чиста и недопрена, ако веднаш не се вклучеше на најпогрешен можен начин, пропагандната машинерија на власта, која најде преку оваа приказна да ги испере изживувањата на градоначалникот на општината во која живее Атиџе, врз вработени жени во локалната самоуправа. Од пред неполн месец дена. Отиде приказната за најорганскиот мед, во хибридно-амбалажен неповрат!
Арно ама, читам во продолжение, некоја позната „регионална обложувачница”, штотуку ги објавила квотите и прогнозите на букмејерките, според кои шансите на „Медена земја” да добие барем една од двете номинации за „Оскар”, не се најoптимални. Што правиме сега? Си го враќам филмот за Медената и се чудам и неминовно се прашувам, како тоа во селото на Атиџе не видов ниедна обложувачница? Нели е тоа чудно, за нашава медена земја?
Шегата настрана, бидејќи ако во некое наше време (не така дамнешно) не постоеше ни село без фудбалски тим, ни гратче без свој карате или стрелачки тим, без свој аероклуб, клуб на млади техничари или клуб на радиоаматери, денес не постои простор кој наместо овие форми и содржини на игри, не го заменија некои други игри. Обложувачници и коцкарници. Селото на Атиџе е едно од ретките, каде оваа најчеста игра и забава нема зачекорено. Играта на среќа. Тоа така заразно „освојување на среќата” од нашето секојдневие, од кое изгледа само Атиџе е поштедена. Тоа совршено бегство од реалноста, за кое сè почесто и погласно стручни лица за зависности кажуваат дека е поопасно од било која друга зависност. Бидејќи е несупстанцијално, независно е од било каков супстрат или надворешна супстанца.
Но, нашава власт на ден пред заминување, решава дека треба токму во овој тип на зависност да вложи скоро 7 милиони евра во државни апарати за коцкање. И уште толку милиони евра, пред неполни 8 месеци. Или, вкупно, некои 14 милиони евра, за неполна година. Што би рекле креаторите на владината пропагандна машинерија, тоа се заедно скоро шест годишни буџети за финансирање на државниот студентски центар, колку тригодишно финансирање по одредбите од колективниот договор од културата (за што немаше пари, во тековниот буџет) или скоро девет годишни буџети за борба против аерозагадувањето.
Ескапизам е терминот со кој се одредува бегството од реалноста. По разни основи и разни причини. Само тотално одлепена од реалноста и отуѓена по сите основи од граѓаните влада, може да финансира и поддржува продуцирање нови и нови зависности. Системски креирано е таквото бегство од реалноста, финансирано од наши пари, за создавање нова армија зависници. Зошто? За да не се гледа редефинирањето и рекомпонирањето на државата? Големите влогови во коцкањето со судбината на Татковината? Да не се приметува ендемски вкоренетата корупција и недоличниот пад кон дното на светските рангирања за перцепција на корупцијата? Да не се следи текот на парите што ни од игрите на среќа, веќе никој жив не знае во кои приватни џебови се одлева. Да не се обрнува внимание на „али-експрес” мерачите за рекордно загадениот воздух? А посебно на „али-експрес министрите”, кои ни на заминување не престанаа да замајуваат со ноторни лаги и невистини. На болните и социјално обесправените – гладни и жедни за помош од државата, на ледените сали во кои учат култура нашите деца, на верските обреди на кои наместо „Бог се јави”, посоодветно беше да се чуе „Бог да чува”, на бројните градови низ државата кои првото новороденче во 2020 година го добија, наместо вообичаено на 1 јануари, во втората декада од месецов, на чудесно исчезнатите 27 тони ресенска јаболка (која патем државата цели три години ја обезвреднуваше до фрлање). Станува мачна еремијадава. Но, зошто??
Затоа што, никако не ме напуштa чувството, дека сме сите заедно однесени некаде, јабана. Сè подалеку од себе и сè подалеку од светот. Станавме веќе едно чудо, изгубени генерации во „кривите дрини” на некои туѓи прави патишта. Дали и во која мерка, можеме да се вратиме на себе, после ова налудничаво безпилотно возење по тенките жици на нашето трпение? Да се вратиме себеси, можеме ли? Како што Атиџе после Америка сигурно ќе си се врати, дома и себеси? На својата матица и својот мед. На своите вредносни и морални вертикали. На културата што нè одгледала. На својата песна, бесценета. Полна пелин, а медено милозвучна. Тоа сме ние. Ќе плукнеме, ама пак само македонска за себе и за светот, можеме да испееме. И, ќе се вратиме…за да тргнеме конечно, понапред-поздраво, почисто и почесно!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.