Христијан Мицкоски
Нацијата е среќна…, блескаме…, го добивме новиот кандидат за министер за финансии, успешна личност, во зрели свои околу триесетина години и многу успешни потфати во минатото, со одлично лично портфолио, добро де тук-таму по некоја украдена идеја и сосема случајно се води во регистарот на МВР како сторител на кривично дело… Но, нацијата треба да биде спокојна, тука се поискусните, сега веќе двоецот Заев – Анѓушев ќе помогнат, секогаш кога треба да се потпише нешто, тие се тука да ја охрабрат новата ни министерка, да не се плаши, та нели блескаме, па да заблескаме со некој кредит и криминална одлука уште повеќе. 102,5% исти, ќе каже тогаш кандидатот за претседател пред првиот круг, па тогаш Зоран Заев свесен за дебаклот ќе најави онака одлучно, полн со лажна самодоверба пресврт, откако неговите политики доживуваат дебакл, а државата ја водат во бездна, операција „Метла”, пишува претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во својата колумна за МКД.мк.
Метлата го замете професорот (кој според многумина беше најслаб министер за финансии од независноста до денес), но затоа пак добивме кандидат за министер кој можеби е за некој процент повеќе од оние 102,5% сличен со двоецот Заев – Анѓушев. А ако има и минимална дилема, многу скоро ќе му стане јасно кога ќе треба да ги потпише оние 125 милиони евра заем, ребалансот на буџетот, потоа неколку нови задолжувања како што е проектот на принцот на политичкиот криминал во вредност од 500 милиони евра, па новата eврообврзница што се најавува кон крајот на оваа или почетокот на следната, новиот буџет… полека туркајќи ја Македонија кон грчко сценарио.
Разум нема кога стравот стапува на сцена. Страв од правдината. Свесни за криминалот, предавствата, корупцијата, срамот и распродажбата што ја прават веќе трета година по ред, обидувајќи да се спасат, исплашени, под притисок ќе тргуваат со сѐ што не е нивно, што е наше, на народот, на татковината… А вториот канал со кој ќе дејствуваат се поранешните удбашки инсталации и нивните слуги во десницата (но за ова ќе пишувам во некоја следна колумна).
Но, со правдината нема компромис. И добро е да знаат оние курири кои бараат прошка за нивните стопани. Нема прошка за криминалот без разлика од каде доаѓа сторителот и тоа за месеци од сега. Во првите 100 дена од новата влада ќе покажеме и докажеме пред нацијата пред граѓаните на Македонија дека нема компромис со криминалот, дека можеме и мораме подобро, а овој народ тоа го заслужува. А слугите и квислинзите на оние удбашки инсталации треба да знаат дека нема трговија со криминалот за политички цели како што напиша Димитров неодамна, туку одговорност пред законите и Уставот.
Заклучокот е јасен – ниту правда ќе има, ниту правдина ќе завладее, кожата можеби ја преоблекоа времено, но карактерот не. Го трчаме последниот круг од маратонот, целта е јасно видлива, да не ги повториме грешките од подалечното, но и од поблиското минато. Целосно го разбирам вашиот револт и желбата за крај на оваа политичка каста.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.