д-р Кирил Лазов

Парадоксанолста на проблематиката за тоа дали го надминавме пикот на коронавирусот или допрва доаѓа останува дискутабилна за колегите епидеимиолози кои многу суштински се навлезени во анализите и будно ја следат кривата на нови заболени, оздравени и починати лица од коронавирусот. Многу работи во врска со вирусот допрва ќе треба да се разјаснуваат, да се докажуваат, но многу и ќе останат неразјаснети.

За нас како луѓе дирекно инволвирани во оваа проблематика, од првиот момент етаблирани во ударните борбени линии, најважно е ситуацијата да се држи под контрола. За жал процентот на заболен медицински персонал е болно соочување со реалноста, кое за жал релевантните фактори не го прифаќаат, а бројката на заразени медицинска лица ни малку не е за потценување.

Ова само уште еднаш дополнително ги потврдува укажувањата и критиките упатени на адреса на Министерството за здравство и министерот Венко Филипче дека медицинските лица не се доволно заштитени и дека ширум здравствените установи нема доволно заштитна опрема. Здравствените работници се оставени на милост и немилост сами да се снаоѓаат и да бараат донации за заштитна медицинска опрема. Тоа е факт. Тоа е реална состојба. Но некој при очи не прави слеп, при уши глув. Некој упорно ја потценува интелегенцијата на здравствените работници и ја манипулира јавноста со изјави во кои се презентираат лажни факти дека има доволно заштитина опрема.

Во целата оваа ситуација доминантна е безидејноста и бесцелноста која остава впечаток дека се се врти во некој магичен круг, дури и изјавите на надлежните од ресорното министерство и од влада се округли. Се е некако заобиколено или како што велат србите „како киша око Крагујевца“. Тоа вртење во круг не не поместува од точката во која се наоѓаме колку и да се уверуваме во тоа.

Во оваа насока се наметнува едно прашање дали коронавирусот е поопасен или коронавладетелеството кое го наметна оваа гарнитура. Но дополнително се намтенуваат низа потпрашања поврзани со сите уредби, со сите мерки, со сите активности и едно големо ЗОШТО со многу прашалници кои секако ќе останат неодговорени.

Во целата полемика едно е сосем јасно. Оваа влада предводена од СДС, партијата на чие чело стои најголемиот манипулатор, ниту води грижа за граѓаните, ниту за економијата, ниту за долгорочните последици кои ги предизвикуваат со нивните незрели постапки. И тоа го покажаа многу пати до сега. А и не знам што да се очекува повеќе од луѓе кои во ек на светска пандемија покачуваат акциза на горивото, во време кога во целиот свет цените на нафтата паѓаат, кај нас се зголемуваат.

И што би очекувале од министер за здравство кој ја лаже јавноста повеќе од педесет денови за набавката на респираторните машини, кој е свесен за она што го кажува и сам верува на сопсатвената лага.

И што да очекуваме ако на сето ова дополнително се надоврзат случувањата во Куманово поврзани со тестот на кумановскиот градоначалник, а го доведуваат под знак прашалник кредибилитетот на целиот процес. Уште ако земеме во предвед и дека се губат тестови, а голготата на пациентите се развлекува и трае со недели, сомнежите се дуплираат и мултиплираат.

Што да очекуваме од политичари кои немаат изграден концепт за самосвесност и самоконтрола, политичари кои се поопасни од коронавирусот за државата.

Велат дека доброто менаџирање со политиката значи во право време и на право место. А времето на нашите политичари е секогаш задоцнето, местото погрешно.

Дури и прашањето дали мерките кои се носта за заштита на населението се оние вистинските? Министерот излезе со контроверзни и понижувачки изјави, без почит кон лицата над 67 години, заплашувајќи ги со драконски решенија, а по само неколку денови сам се негираше со предлог доставен до Влада за намалување на забраната за движење.

Но во една систематска рекапитулација за да резимираме каде сме всушност во кругот најважно е дека сепак имаме мотив и имаме цел.

Имаме високо мотивиран и подготвен медицински кадар кој вложува надчовечки напори да се справи со вирусот. Здравствените работници и покрај недоволната заштита и несоодветна опрема сами наоѓаат начини да обезбедат заштитна опрема и да се борат со непријателот наречен – коронавирус.

Имаме широкогради граѓани и граѓански здруженија кои со совјата безрезервна поддршка помагаат во изработка и набавка на заштитна опрема за медицинските лица.

Имаме странски и домашни донации во медицинска опрема… но немаме идеја за да ја решиме короната која за нас е Рубикова коцка или загатка на Сфингата.

Затоа имаме технички премиер, вицепреимер, министер за здравство и министер за образование во самоизолација. Имаме заболени медицински лица. Заболени во сите сектори. Имаме 1260 заболени и кластери кои се шират. Имаме нови кризни подрачја…

Е токму во тоа е проблемот што никој не проговорува за тие кризни подрачја, а и кога се говори тоа е млако со доза на рамнодушност.

Помеѓу мотивот и целта да се реши Рубиковата коцка и загатката на Сфингата и реалноста, нас ни се случува Куманово со алармантна бројка на заболени која рапидно расте и е загрижувачка. Ни се случува Прилеп. А Велес и Тетово се новите потенцијални кризни подрачја.

Вонредната состојба и мерките кои што се воведоа не се сосема доволен механизам да се постигне крајната цел,можеби ова олабавување на мерките ќе даде подобри резултати, можеби не. Резултатот ќе го согледаме за некој ден.

Повеќе од јасно е дека успехот не доаѓа кога ќе посакате. Тој доаѓа кога ќе постојат дефинитивни планови, силна желба и постојана упорност и активност. А целиот напор се исплати само доколку не се откажеме од она што сме го наумиле.

Ние не се откажуваме, но од нас зависи како и во која насока ќе го користиме интелектуалниот потенцијал за да ја решиме загатката и да го победиме вирусот.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.