Васко Шутаров

Ден пред нацистичкото бомбардирање на Белград стотина километри во една одалечена недојдија, група патници го чекаат својот единствен автобус што треба да ги одведе во главниот град. Двајца Роми разлеваат песна „би сакал ова да е само сон, јој јој, јој”. Автобусот од компанијата „Крстиќ и син” конечно пристигнува на импровизирана постојка, прибирајќи една чудна галерија од ликови: еден неоткриен талент за шлагери, еден воен ветеран, угледниот господин, германофилот Брка, еден болен од туберкулоза, еден неспретен ловџија. И сите имаат некоја неодложна потреба токму тогаш да заминат за Белград. Цел еден микрокосмос од ликови и карактери на едно исто место. Се пали ќумбето во автобусот, се качуваат и двајцата Роми и сите заедно стануваат дел од редот на фирмата „Крстиќ и син”. Иако инсистира на стега и ред („на кој му се брза може и пеш да оди”!), таткото Крстиќ прв го крши редот и пoпат качува еден штотуку венчан млад пар (им бара венчален лист, за да му го докажат тоа), а патем си застанува на една фарма да купи свињи за продавање во Белград. Добива џабе и мевце кое ќе се најде наскоро на скарата од разгореното ќумбе. Aвтобусот, освен ред и правила, си има и свој оддел за свињи и скара.

Oва е кратко сиже, колку на помладите читатели да им приближам кадри од веќе култниот екс-југословенски филм, „Кој тоа таму пее”, на можеби најоригиналниот раскажувач на приказни од типичното балканско милје, Душан Ковачевиќ. И не само во овој филм, Homo Balcanicus и неговиот културолошки контекст се оживеани и во мноштво други брилијантни драми и филмови -„Маратонците го трчаат почесниот круг”, „Радован Трети”, „Собирен центар” или „Балканскиот шпион”. Денес, неговите екранизирани текстови добиваат статус на култни филмови, во „МоМа” или на Канскиот фестивал. Странците веројатно имаат свој резон и око за необичното, оригиналното, па дури и егзотичното во фолклорот од автентични балкански ликови, па наоѓаат причина да се чудат или смеат. Но, само вистински Балканци, можат да ги разберат и вистински да ги оживеат ликовите и репликите напишани од Душан Ковачевиќ.

И како после толку децении од премиерата, да не се сетите на филмов, кога цели сцени од него ги живееме во вистинска смисла на зборот, без трошка чудење или замислување. Павле Вујисиќ кој ја игра една од носечките улоги во филмот, сопственикот и вистински воспоставувач на редот во автобусот, кој постојано се држи до некои правила само од него измислени, заборава на нив кога ќе му замириса на ќар и пари, па ги крши во секоја добра прилика. И, како на еден Европјанин, посетител на „МоМа” или Кан или на некој бирократ или комесар од Брисел, да му се објасни таквиот, скоро природно стекнат нагон за продуцирање апсурди. Како со докторов што деновиве стана славен на социјалните мрежи, што дење носи рестриктивни мерки и правила, вечерта романтично танцува во преполн клуб без маски и социјална дистанца, а утредента носи уште поригорозни мерки и забрани за сите, за странски и домашни пејачи, појачани децибели и распојасани коњопои, (сè во едно!) и сè поради нивното, но, не дај Боже, и поради неговото забегување. Или неговото е, само апсолутно романтично?

Од неколку причини ми се врти филмов во глава деновиве. Едната, подолго време не ми дава мир, а толку пати се повторувала како правило. Поривот, неодоливата потреба за лудување во времиња кои не се ни најмалку весели ни радосни, а се доволно луди да бараат исклучиво трезвеност, будност и мудрост. Втората причина, тоа силно изразено чувство дека подолго време сите ние, се возиме со сличен таков автобус пред распаѓање, за да стасаме на некое важно место, од само нам познати и неодложни причини. Да, има и трета причина. Бидејќи во истиот автобус сме сите, и возачи, редари и патници, а токму чуварите на возниот ред најчесто ги кршат правилата кои сами ги измислуваат и наметнуваат (правила си се правила!). За оние кои го имаат, можеби и неброено пати гледано филмот, јасно им е за кои сцени станува збор. Посебно за синот Мишко, за кој лукавиот татко ги убедува патниците (освен германофилот Брка) дека го знае патот напамет и може и километри да вози со врзани очи. А патем, Мишко не е со сите, а патот е сè само не рамен и нормален пат. Но, вози Мишко!

Вози Мишко!

Кога се распаѓала Римската империја, декадентноста, лудите баханалии и пирови го доживувале својот климакс. Кога почнувале или завршувале и најголемите војни, било и време на најлуди забави. Барем во десетици книжевни записи е запишано безумното лудило што владеело по завршувањето на Првата светска војна и раскалашната ноншалантност со која е примена веста за ширење на страшна пандемска чума. И големата светска криза десетина години потоа, ја следат сите можни хедонистички лудирања и забави, од секаков тип. Се измислуваат и играат нови танци, се точи и покрај забраната, алкохол на тони. Доаѓањето на фашизмот на светската политичка сцена, милионските жртви на комунизмот, најголемата војна потоа и сите повоени несреќи, ја следеле истата таа потреба, да се забега во слатко лудило од радости и во забава. Распадот на Југославија го следеа најурнебесни хумористични серии, најраспеани ноти, шоу програми и пародии во кои, како во „Топ листа надреалиста“, кога карикирано Сараево го преградуваа со ѕидови, а публиката се смееше до солзи и се забавуваше на сето тоа, што за неколку месеци и вистински се случуваше. Повоените крвави фронтови на територијата од истата таа држава, ги следеше жесток турбо-фолк, торза напукнати од силикони и неброени забави со „рукице горе”. Или „Хајде да лудујемо”, со чиј рефрен и се претставуваме на „Евросонг” и на Европа и на светот, пред да пропаднеме како држава.

Кочи Мишко! Ама, не така нагло!

Ништо подруго не е ни во лудава пандемска година, кога препораките за социјално дистанирање и носењето заштитни маски, неосетно за нас кои се придржуваме до нив, преку ноќ се претворија во општо групно лудување по клубови до бесвест и фрлање маски во вис. Ни музичките теми, ни забавувачите не се нешто драстично сменети, а ни публиката. И возачите и патниците од автобусов што се распаѓа, во ист забавувачки делириум. Еднаш се живеее, вози Мишко, макар и на слепо, па кочи – ама не вака нагло!

„Би сакал сето ова да е само сон, јој јој, јој”, пееја Ромите во незаборавната песна од филмот. Да, ама не е! Многу е грда реалноста во која стануваме свесни, дека оние кои се најодговорни за правилата, се први кога треба да се кршат. Принципите затоа постојат, за да се рушат, вели една сентенца од време пред распадот на Римската империја. И затоа, не е толку страшно прашањето, кој тоа таму пее, туку оној кој треба да мисли, што му свирнува во умот. И да не ни се лаже умот, дека дозволата за „леб и игри” и „вино и игри”, допуштањето да се излудира народот до крајност, може да се случи само ако власта го дозволува и посакува тоа. Така било секогаш, така беше вчера и така ќе биде утре. Кучињата ќе си лаат, а автобусот пред распад ќе си го тера трагикомичниот ред на возење, во кој оние кои треба да го прават редот, први ќе го нарушат. Затоа што тоа им се може! Ви текнува на сцената кога легендарниот Павле Вујисиќ во филмот договара дил со двајцата Роми да свират и направат штимунг, за чесно да им ја наплати гозбата на патниците што тој задолжително им ја спрема, за после да им ги земе и последните пари од џебовите. Запаленото ќумбе во автобусот важно да си чади нагоре, па кој преживеал, ќе си пее. Во филмот преживуваат само оние што пеат и подлажнуваат за да преживеат, на гравче, за ситно.

И што е полудо од испуштеново лудило кое го живееме? Или налудничавите обиди за неговото враќање во боцата од кое е намерно испуштено? А така налудничаво звучи, кога британскиот апел „Rule of six”, (за не поголеми групирања од шестмина на јавен простор), „нашиве Крстиќи” си го прекрстија за наши потреби, за не повеќе од четворица гости во домашни услови. Па, уште се јавува и уставен ветеран, токму по ова прашање и толкува дека нема ништо неуставно во тоа, полиција да ти влезе дома и да ти пребројува гости. Како Крстиќ, патниците и свињите во својот автобус. A патем останува противуставно да ги пријавиш и да им пуштиш контрола, додека им се врткаат и повеќе од четворица советници во канцеларија? Или тоа не е дома, иако така се однесуваат, како во дедовина. „Зато што је мој деда персона, упадљиве природе”, како што во еден друг текст за нашите табиети и трагикомедии на апсурдот, пишуваше Душан Ковачевиќ.
И не знае човек дали да се смее на ова што ни се случува или да се праша, дали ликовиве на кои им се смееме, вистински владеат со нас на ваков начин и ни се потсмеваат. Дури „земјата се тресе, и нов свет доаѓа јој, јој, јој”, како во завршната разлеана ромска песна од филмот. Знаеш добро, дека тоа не е сè, народе! Но, за човек дури се смее, има и надеж!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.