Слушам, деновиве најбарана личност за интервју во македонските медиуми бил екс-премиерот и лидер на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски. Бидејќи тој лично не се јавувал на неговиот телефонски број, договарањето одело преку партискиот секретар. Вчера бројката на заинтересирани новинари стигнала некаде до 24-25. Денеска можеби таа е и поголема.
И меѓу колегите не важело правилото на кое укажа самиот Георгиевски дека сите се кукавици, особено оние патриотски новинари, поединечно или во двојка, се едно. Важно он е отворен за соочување за изнесеното, како што го именуваше, политичко-дипломатско решение, патна карта или акциски план за излез од ќор-сокакот кон кој се движат македонско-бугарските односи.
Впрочем, отсекогаш бил таков и тука дилеми нема. И ноторен факт е дека ако некогаш во Македонија постоела апсолутна медиумска слобода, тоа било токму во времето на Љубчо Георгиевски како премиер, а како тоа му се вратило е работа на објективни и субјективни проценки и оценки.
Од оваа временска дистанца, по три децении активно присуство на домашната политичка сцена, речиси нема нешто што Љубчо Георгиевски не кажал или што во медиумите не е напишано за него. Од сите аспекти – од политички, идеолошки, (про)бугарски, карактерен, бизнис интереси…
Но, се тече, се се менува, нели. Секогаш нешто останува недоречено. Некој ќе забележи дека и еволуцијата си го прави своето, што е сосема нормално. Да, нормално е. Ама не е нормално таа еволуција да доаѓа до израз за временски период од четири месеци. Уште по ненормално е цела политичка кариера да ја градиш на антијугословенство, читај антисрпство, и сега токму српска стратегија да предлагаш како модел за решавање на македонско-бугарскиот спор!
А, најненормално е од истакнат „војвода“ да станеш гејша. И тоа не на некој друг, туку на премиерот Зоран Заев. Е, токму тоа во моментов му се случува на Љубчо Георгиевски! Отворен забавувач, танчер, пејач и музичар, кој ја забавува домашната јавност за да не потпрашува многу за тоа што се подготвува зад кулисите за нормализирање на односите со Бугарија.
Одвоив време и последниве два дена ги преслушав интервјуата на Георгиевски од пред само четири месеци дадени за 24 часа, 360 степени и бугарската генција БГНЕС. Верувам се сеќавате дека тоа беше времето пред и за време на неговиот престој во Софија во мисија на добра волја, за омекнување на бугарските ставови пред конечното вето за официјален почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ.
И ова не го правев за друго, туку само за да проверам и да бидам чист пред себе и пред Бога дека добро сум слушнал и запаметил, што одговарал „војводата“ на прашањата дали се согласува со бугарската теза дека Македонците се коминтерновска творба и дали постојат од 1944 година.
И во сите три интервјуа Георгиевски е доследен во својот став дека не се согласува со бугарската теза и нагласува дека идејата за македонски народ и македонска држава датира уште пред тоа и доаѓа од Васил Ивановски, Владимир Поптомов и Панко Брашнаров како претставници на бугарската Комунистичка партија и на прогресивната ВМРО (Обединета). Значи, ова го вели и во Скопје и во Софија како исклучителен познавач на македонската историја.
Но, што се случува само четири месеци подоцна! Во својот најнов акциски план, во точката три, истиот Георгиевски предлага:
Бугарскиот парламент да донесе декларација во која ќе изјави дека под поимот македонска нација и македонски јазик подразбира само нација и јазик кои се формирани после 1944, и дека Бугарија со ништо не ги прифаќа тезите за кои смета дека се фалсификат и ја поддржува бугарска историографија во одбрана на својата вистина.
Или, со други зборови, не предлага нешто што самиот го мисли, туку нешто што некој му нарачал да го предложи. А, кој, веројатно само он самиот си знае. И кога специјалниот пратеник, проф. Владо Бучковски ќе рече дека треба да се отвори дебата за тезите на Љубчо Георгиевски, сосема нормално се поставува прашањето за кои тези-за оние што сега ги предлага или за оние што ги изнел пред четири месеци?!
Да биде иронијата уште поголема, токму во објаснувањето на клучната трета точка, поврзана со, како што вели самиот, поимот македонска нација и македонски јазик, Георгиевски предлага српска стратегија за решавање, па пишува:
Оваа теза во Бугарија можеби ќе биде прифатена како политичка игра, но тоа не е така, само ја нудам српската стратегија како тие ги решаваат нивните проблеми. Имено, Србија го има истиот проблем со хрватскиот јазик, со босанската и царногорската нација и јазик, па дури и со македонската нација и јазик.
Но, Србија политички ги има признаено сите четири нации и јазика дури и на својата територија. И хрватскиот и црногорскиот и босанскиот и македонскиот се службени јазици во повеќе српски општини. Ама српската наука, историографија, лингвистика не го признава тој факт и секојдневно се бори со аргументи. Истата приказна е и со Македонија.
Политиката максимално ја дава поддршката за македонска нација и јазик ама секоја година се печатат книги за Македонија како стара Србија, како ја ослободиле Македонија во Балканските војни, книги за српски манастири и цркви од време на Средновековието, а изгледа ги има доста. Да не спонувам пак дека за Српската црква ние сме тотално Срби, а и изгледа дека БПЦ ги поткрепува во таа намера.
И за оваа српска стратегија, сега во бугарско пакување, ние треба да водиме јавна дебата. Со други зборови, ние треба да се согласиме со тоа дека македонска нација и македонски јазик постојат од 1944 година, што ќе биде поддржано од официјалната бугарска политика, а од друга страна, бугарската наука, историја и лингвистика ќе си тера по свое и ќе не прават Бугари за век и веков. Оригинално, нели!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.