Васко Шутаров

14-годишната „Емилија” со својот велосипед и со полна кошница свеж зеленчук секојдневно ги обиколува тосканските ритчиња. Малечка по раст, со жив детски лик и две густи плетенки, не претставува опасност за никого, па ни за германските сили кои го држат под окупација овој дел од Италија по падот на Мусолини. Ова девојче уште од најмало, не е обично дете. Сонува да стане писателка. Војна е, татко ѝ е во партизани, а таа уште тогаш ја совладува најважната животна лекција од него, дека борците како неа не смеат никогаш да плачат. Во нејзините плетенки се исплетени тајни пораки за партизаните, а во дното на нејзината кошница со зеленчук, скриени се бомби и оружје.

„Плоштад на трите култури” во предвечерието на Олимписките игри 1968 во Мексико. Мирни студентски протести ги полнат улиците на милионскиот главен град. Една жена, со својот фотоапарат го следи мирниот студентски марш. Одеднаш се слушаат рафални истрели, полицијата и војската пукаат врз насобраниот млад свет. Жената е ранета со три прострелни рани, влечена за коса по скали и фрлена во една мртовечница. Еден свештеник случајно забележува дека жената сѐ уште дише. Нејзиниот живот ќе биде спасен и ќе послужи како крунски доказ за бруталноста на мексиканските вооружени сили во загушувањето на студентскиот протест.

1979 година ајатолахот Хомеини се враќа победнички во Иран, а исламот во сенароден делириум се враќа на голема врата во една од најмоќните држави во овој дел од светот. Една кревка жена облечена по сите нови прописи за муслиманските жени, со бурка на глава седната е наспроти семоќниот Хомеини. Таа е прв новинар од Западот кој води разговор со новиот ирански владател. Италијанскиот конзул кој присуствува на оваа интервју, сведочи многу години подоцна за стравот на сите присутни, кога сред разговорот жената ја симнува бурката од глава и му ја фрла пред нозе на духовниот исламски водач. „Помислив во тој момент дека сите ќе останеме таму, засекогаш!”, ќе каже дипломатот. Не, напротив, следниот ден ѝ се јавуваат и ја замолуваат да го продолжат разговорот.

Години пред овој настан, истата таа директно известува од првите воени линии во Виетнам. Интервјуира и виетнамски партизани и американски политичари, не штедејќи никого во нејзините репортажи за војната. Еден од најмоќните креатори на американската политика Хенри Кисинџер седнува на столче наспроти неа, за подолго интервју објавено во „Плејбој”. Искусниот дипломат ќе биде приморан, за прв пат официјално да признае дека ја чувствува бескорисноста од таа исцрпувачка војна во Виетнам. И уште ќе признае дека се чувствува „како осамен каубој кој со својот коњ влече цела композиција вагони”. И многу години подоцна, ќе кажува дека интервјуто со таа жена е негова најголема грешка во неговата дипломатска кариера. Соголен е, како за дуплерка од „Плејбој“.

1987 година, запишувам трета година на Факултет за политички науки во Белград. Со колеги се обидуваме да убедиме неколку колешки од групата по новинарство да ни се придружат во групата за меѓународни студии. Користиме и мали лукавства, повикувајќи се на официјални показатели од тогашната југословенска статистика дека новинарите се со најкраток животен век, а и платите им се повеќе од скромни. Не успеваме во намерата, но продолжуваме да се гледаме и интензивно да се дружиме. За нивни вежби по новинарство, ангажирани сме да бидеме во улога на познати светски политичари. За час два, се менуваат улогите, еден станува Реган, друг Горбачов, трет Тачер или Хелмут Кол. А од нив само една сака да биде Барбара Волтерс, тогаш најпозната американска ТВ-водителка. И како по стара добра навика на дошепнувања тајни во социјализмот, останатите што одбираат да се најдат во улога на една друга новинарка, тивко спомнуваат дека и Тито неколку пати одбивал интервју токму со неа.

Многу години подоцна ми се потврдува фактот дека Јосип Броз, неприкосновениот југословенски лидер и Маршал Тито од Втората светска војна, е еден од ретките светски лидери кој навистина успеал да избегне новинарско соочување со малата „Емилија” од италијанските партизански одреди. Со бескомпромисната новинарка која го збеснала Кисинџер, која го разоружала Хомеини, која успеала да изнуди отвореност и искреност од тогашниот кинески комунистички лидер Денг Сиао Пинг, до детаљ да ги сними и опише како под рентген апарат палестинскиот водач Јасер Арафат и либискиот водач Моамер ел Гадафи (тој хистеричен чудак!).

Харизматичната, контроверзна и провокативна Оријана Фалачи беше највлијателна новинарка, но и најчитана писателка на 20 век, а во својот професионален живот велат била спартански потчинета само на својата новинарска и пишувачка слобода и независност. „А ла Фалачи” стилот во новинарството сликовито најдобро би бил претставен како бик кој со роговите директно се стрчува кон противникот. Нејзиното новинарско проседе значело уште во старт соголување на соговорникот и непрестано држење под притисок од прашања, со инсистирање на директни и брзи одговори, секогаш почитувајќи го интегритетот на соговорникот, но демаскирајќи го немилосрдно во потрага по вистината.

„Новинарството е прекрасно, но страшно искуство. Кога ќе се најдам во фокусот на некое случување или важна средба, се плашам дека нема да имам доволно вид и слух и доволно разум да гледам, слушам и разберам. Не претерувам ако кажам дека во својот професионален живот, секогаш сум оставала парченца од својата душа”. Таква беше Оријана Фалачи.

Сакана исто толку колку и омразена, Фалачи секогаш беше симбол на новинар кој не може да биде никогаш замолчан. Со светлосни години далеку од секаква помодна и политички коректна шема, неоптоварена од никаков образец на официјално мислење и опортуно лицемерие, секогаш водена од нејзиниот професионален програмски манифест, дека „борбата за вистината е поважна и послатка од победата на самата вистина.

Оријана – симболот на критичката мисла и нејзин неприкосновен корифеј е сѐ она што во моментов македонската критичка јавна мисла не е. И тука најмалку мислам само на силни новинарски пера од понежниот пол. Во „Писмото до нероденото дете”, Оријана ќе напише порака кон неродениот син, дека не е доволно само да имаш и мавташ со опавчето напред, туку дека треба да бидеш првенствено личност.

За жал, денес светот, а посебно ние во нашата држава, ја живееме најинтензивно цензурата на новиот век, во кој веќе не ти е забрането да кажуваш што мислиш, туку си принуден да кажуваш што и да е, за што годе. Во таков згуснат простор од „нецензурирани размисли на експерти за сѐ и сешто”, прва умира критичката компетентна мисла, каква што преферираше и за каква што живееше Оријана Фалачи.

И затоа денес, домашната јавност која никогаш и не виде ни интервју, ни книга од Оријана Фалачи на македонски јазик, ќе слуша прашања од типот „Господине Рашковски, вие навистина сте во Мексико?”, „Навистина ли е толку евтино таму”? „Господине Вицепремиер, колку многу ќе влијае откривањето на путерот со поминат рок врз перцепцијата за државата во борбата со корупцијата”? Или: „Министре, кога и дали ќе се вакцинирате”? „Ох, извинете и јас сакав истото прашање да ви го поставам. Се исклучувам”! „Премиере, како успевате и за време на полициски час да спасувате мали дечиња од коли заглавени на граничен премин”? И слично…

И тоа ќе биде така, сѐ додека не се роди конечно наша Оријана Фалачи, овде и сега, да им се нацрта со камера дури се така безгрижно раскомотени во Мексико или Дубаи и да им ги исцрта со зборови контурите на неморалот. И да ги натера, едниот да се врати и сам да се пријави во Антикорупциска комисија и во ОЈО, ако не за сите претходни, барем за последнава политичка дубара. На вториов во Дубаи, онака во „а ла Фалачи” стил, да го праша колку покажува часот на неговиот најнов луксузен часовник? Дали и кај него означува 12 часот и 5 минути, како симбол за сето залудно и празно поминато време во борба против корупцијата и криминалот. Патем оставајќи му брошура со политички метафори, за да научи најнапред што значи кога ќе се каже за политичари дека имаат путер на глава. И сосема во нејзин стил, да го соголи до крај и да му го остави да го изгледа филмот на нејзиниот сонародник Бертолучи, „Последното танго во Париз”. На министерот за здравство да му дише во врат, секој час и секој ден, дури не каже конечно кога ќе стасаат тие проклето долго време очекувани вакцини. И да му даде најсериозно до знаење, дека ќе одговара кога тогаш, за секој изгубен живот и секој здравствено загрозен граѓанин од моментот кога цел свет освен нашата држава, почна со имунизација на населението! А на премиерот, како што таа на Берлускони и Романо Проди милуваше да им кажува во очи дека се идиоти, да му го каже истото, дека само тој уште не разбрал дека води реално падната влада, во една крајно пропадната држава. А за недоветните јавувања во ниедно доба од ноќта на полицајки од гранични премини, па уште и простачкото коментирање дека имале прекрасен глас, за Оријана таков премиер ќе беше како за на леб мачкање и идеално превоспитување. Така би изгледало тоа „тресење од гаќи”, во кое сите по ред, сосе домашната авторка на тресењето од гаќи, ќе ги стартуваше со истото прашање, „свесни ли сте дека станувате соучесници во умирањето на една држава и колку чини нејзиното распаѓање што го спроведувате”?

Повикот до неродената македонска Оријана е пред сѐ писмо за една, со судни маки родена држава која со оваа власт се грчи во самоуништувачка агонија. Писмово е само потсетување дека само една жена, достојна, бескомпромисна и храбра, понекогаш е доволна да промени и историски неповолен след на околности. Оријана Фалачи повикуваше на говорење и дејствување во такви моменти, не на молчење и соучество. И така менуваше и создаваше историја. Писмово е таков повик, до сите достојни и вистинољубиви мажи и жени кои се грижат за татковината како за свое чедо чија судбина е загрозена, да се здушат и со свое писмо да ја испишат иднината, имајќи ги пред очи само вистината и слободата. Со срце секогаш спремно за борба, какво што имаше Оријана.

На непослушноста кон угнетувачите секогаш гледав како единствен начин за користење на чудото наречено живот, ќе речеше Фалачи. Додуша, само уште тоа чудо и ни остана! А, зарем малку е тоа чудо?!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.