Предраг Димитровски

Ооо, зини земјо, голтни ме! Седам и го читам извештајот за митингот на владејачкиот СДСМ во Пробиштип на која како главен предизборен адут настапи и министерот за здравство и потпретседател на партијата Венко Филипче. Читам, ги протривам очите и одново читам. И не можам да верувам.

Венко Филипче зборува за образ! За волја на вистината, најверојатно мислел во множина, но во таа множина го става и својот!

-Работевме транспарентно, отворено, инвестиравме во проекти во интерес на граѓаните, насекаде низ државата, имаме и образ и можност да ја побараме повторно довербата, порача меѓу другото министерот Филипче.

Чудо невидено. Кога Филипче зборува за образ мисли на задник. Зашто, и задник на обичен смртник е почист од неговиот образ! За неговиот образ ќе можеше да говори само ако наместо да понуди, дадеше чиста, неотповиклива оставка, по трагедијата во тетовската модуларна болница во која како живи факели изгореа 14 заболени лица од Ковид-19, кои наместо на лекување, заминаа во смрт.

Образот за кој говори Филипче е нераскинливо врзан за морал, етика, интегритет, дигнитет и одговорност. Вредности, кои за него, очигледно се непостоечки и апстрактни. Тоа што понуди оставка останува како уште една сцена во македонскиот театар на апсурди и ништо повеќе од тоа.

И тој и таков Филипче од бината во Пробиштип уште се обидува да биде духовит, па и до некаде да се курчи. Со уште неколку збора-можело, визија и ретровизор.

Па, ќе рече кога се сака се се може. Значи, можело да се вратат парите кај граѓаните, можело да има повисоки плати и просечна, и минимална, можело да има и повисоки пензии, можело социјалната помош да се зголеми за 300%, можело да се инвестира во градинки, училишта, во здравствени домови, во реконструкција на болници, во армијата и полицијата, можело да има оригинални лекови, а не шверцувани од Турција, оригинални инсулини, лекови за пациенти со малигни и ретки болести, можело да се удвојат платите на лекарите специјалисти, па и да се даде платен стаж на младите лекари за да не заминувале во Германија!

Лелеее, колку работи можело!

Да, можело. Можело и да се предвидат 2.000 заболени од корона вирусот, а нивната бројка да стигне до 170.000, можело да се предвидат и стотина починати, а нивната бројка да стигне до 6.500, што не сместува меѓу рекордерите во Европа и во светот. Да, можело бројката од 6.500 починати сталинистички да се сведе на црна статистика, а не зад нив да стојат луѓе со име и презиме и нивни најблиски татковци, мајки, браќа, сестри…Да, можело врз овие бројки „визионерски“ да се прават максимално погрешни проценки за потреба од легла, модуларни и обични болници, лекарства, боци со кислород, респираторни апарати, непостоечки протоколи за лекување…

Да, можело да се набават и вакцини на време, а не со задоцнување од четири, пет месеци, па згора на тоа и живи да те фатат во обид за корупција и добивање провизии. Да, можело и болни умови да учат малолетници за сексуално образование сведро на клецање заради здрава животна средина, да, можело да се бираат малолетни девојчиња со „најубави гради“ и цел живот да живеат со трауми.

Да, можело Државната комисија за спречување корупција да ти напише пријава за прекршочна казна за злоупотреба на возило од Агенцијата за разузнавање за партиски цели, ама да не ја платиш. Да, можело на разно-разни заевци да им се даваат дозволи по желба за производство на марихуана. Да, можело да им се даваат македонски пасоши на белосветски нарко-криминалци. Да, можело македонски дипломати да спасуваат ерменски криминалци. Да, можело над 70% од јавните набавки да бидат во четири очи. Да, можело да сме на 111 место според степенот на корупција во светот, да, можело да сме хибриден режим. Да, можело на предизборен митинг да се празни цел шаржер од автоматски пиштол. Да, можело актуелен пратеник да кине плакати и да крши билборди на опозицијата. Да, можело да се сликаш во владиното авионче и да тврдиш дека си почнал преговори за членство во ЕУ, иако од тоа си светлосни години далеку. Да, можело… Да набројувам уште или доволно е што се можело?!

И покрај се ова што можело, Филипче со неговиот образ, што ќе рече задник, уште и се к..чи. Ќе и забрани на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да зборува „за визија за Македонија“! Зашто, „кога тие зборувале за визија, тие гледале во ретровизор, па за нив иднината е минатово кое сакале да се вратат за да може да функционираат само тие, а граѓаните да патат“.

А, Филипче гледа само напред! И кога се бричи гледа напред. Само во огледало, а не во ретровизор. Или можеби се бричи и на ретровизор, ако е на возење во природа. И тогаш чисто визионерски што гледа? Образот или сопствениот задник скриен во гаќите на неговиот партиски и владин шеф, Зоран Заев?!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.