Темите кои СДСМ ги имаше подготвено за напад врз ВМРО ДПМНЕ во предизборниот период јавноста веќе ги прима како празна партиска реторика за дневна употреба која нема ниту суштина ниту вистина. Па така, темите како „ВМРО ДПМНЕ е против членството во ЕУ и НАТО“, или „ВМРО ДПМНЕ штити криминал“, „ВМРО ДПМНЕ е скарана со странците“ (оваа е посебно смешна и површна) и „ВМРО ДПМНЕ нема коалициски капацитет“ пропаднаа.
Првите три теми мислам дека повеќе не заслужуваат објаснувања и дообјаснувања бидејќи фалшливоста на тезите и нивната контрадикторност е видлива секојдневно.
Последната тема е многу интересна бидејќи кажува многу повеќе од она што СДСМ сака да допре до јавноста, покрај прикажувањето на ВМРО ДПМНЕ како црн ѓавол пред партиите во кои претежно членуваат Албанци, таа тема се експлоатира и за создавање на терен СДСМ да состави влада мимо поразот на избори. Повторно се обидуваат да создадат атмосфера во јавноста, посебно кај гласачите Албанци, дека е неприродно и „еретички“ да се коалицира со ВМРО ДПМНЕ и на тој начин да се врзат рацете на партиите, или барем тоа да послужи како изговор. Јас не верувам дека некој кој е убеден во својот успех и победа на изборите би форсирал тези со кои на јавноста и на политичките партии однапред им соопштува дека противникот кој ќе победи „нема коалициски капацитет“. Ваков став држи само човек кој е помирен со поразот и размислува како да извлече нешто од ситуацијата во која ќе се најде, победник се однесува спротивно од ова.
Пред неколку денови на телевизија слушнав еден министер како вели, парафразирам, се било до културата на граѓаните дали тој ќе биде прифатен како Албанец кој сака да комуницира на мајчин јазик. Истовремено е и тажно и смешно што некој во 2020 година сѐ уште игра на оваа карта. Смешно е доколку тој што го кажува ова е убеден во кажаното, тажно е доколку ваквата изјава има ефект кај гласачите. Повеќе не е тема дали Македонците ги прифаќаат Албанците, тоа е одамна завршено, сега е тема дали Албанците ги прифаќаат Македонците и останатите етнички групи во Македонија. А низ партиска призма прашањето би гласело: Дали албанските партии имаат коалициски капацитет? Мене ми е веќе беспредметно да дискутирам дали Македонците ги прифаќале Албанците и дали Македонците прифаќале Албанците да комуницираат на мајчин јазик. Исто така ми е небулозно кога се вели „да им/ни бидат дадени права“. Нема тука што некој да прифаќа или не прифаќа, да дава или да одзема, постои закон и тој закон не ме прашува мене дали нешто и некого прифаќам или дали нешто ќе „давам“, сите имаме исти обврски кон државата и сите имаме иста одговорност. А одговорноста подразбира да не си играме со закони и барања кои можат да доведат до судир и нефункционалност на општеството.
Кога претседателот на ВМРО ДПМНЕ ја постави дилемата „Наместо секогаш да се поставува прашањето дали има капацитет ВМРО ДПМНЕ да коалцира со албанска партија треба да се праша што прават албанските партии за да градат коалициски потенцијал со ВМРО ДПМНЕ“ ова веднаш беше презентирано со старото клише за наводно антиалбанство и национализам кај ВМРО ДПМНЕ. А навистина, имаат ли коалициски капацитет другите партии? Дали албанските партии се спремни на отстапки? Дали имаат капацитет и разбирање за правата на Македонците, Турците, Ромите, Бошњаците, Србите и Власите? Зошто во Македонија, која е мултиетничка а не биетничка држава, се говори само за односите помеѓу Македонците и Албанците и за правата исклучиво на Албанците? Дали албанските партии се спремни да отстапат од максималистичките барања со кои го потхрануваат своето членство а истите водат кон можни тензии? Кога ќе добиеме одговор
на дилемите дали Албанците ги прифаќаат Македонците, Турците, Ромите, Бошаците, Власите, и дали се спремни на отстапки и компромиси тогаш ќе ја имаме вистинската слика во нашето општество и сликата за заложбите на посочените страни.
ВМРО ДПМНЕ ќе прави коалиција врз програмските определби, како што впрочем се прават коалиции во целиот демократски и цивилизиран свет, а програмите не се однесуваат на етникуми и не служат за „ловење“ на гласови од други етнички заедници, програмите се однесуваат на сите граѓани подеднакво. Многу е навредливо тебе како гласач во Република Македонија некој да те „лови“ врз твојата етничка припадност. Со таква политика тебе СДСМ не ти ги вреднува твоите квалитети и способности како индивидуа, туку те гледа како дел од едно „множество“ и етничка таргет група која оваа партија решила да ја освои, што би се рекло те сепарира како припадник на посебна општествена категорија, а кога те сврстуваат во посебна категорија по етничка линија тоа потсетува на лоши времиња и практики од историјата на 20. век. И нема врска што ти си поквалитетен и подобар од некој друг кој случајно е припадник на твојата етничка заедница, вас ќе ве гледаат исто бидејќи припаѓате на исто „множество“ без разлика што ти си интелектуалец а другиот е криминалец. СДСМ ќе го ветува дури и она што нема да биде побарано, ќе игра со прашања кои можат да ги заострат етничките односи во општеството. Ќе си поигрува со национални прашања само да се обиде да состави влада после поразот. Но по се изгледа успехот ќе изостане. На крајот од денот размислете за принципите кои мора да постојат и во вакво политичко лудило какво што гледаме.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.