Михајло Маневски
Владата на последната седница утврди текст на Предлог на Закон за јавното обвинителство и го достави до Собранието за усвојување. Во Предлотот на Законот Владата предлага Законот да се донесе по скратена постапка. Владата не наведува никакво образложение зошто предлага Законот да биде донесен по скратена постапка, што е спротивно на членот 170 од Деловникот за работа на Собранието, во кој се наведува дека предлагачот на законот може да му предложи на Собранието да расправа по предлог на законот по скратена постапка во случај кога не е во прашање сложен и обемен закон или не се во прашање сложени или обемни усогласувања на законот со правото на Европската унија.
Законот за јавното обвинителство е еден од најзначајните темелни закони за заштита на правата и слободите на граѓаните и за гонење на сторителите на кривични дела и заштита на општеството од опасни криминални дејствија насочени кон рушење на уставниот поредок. Да се бара ваков сложен и обемен Закон од посебно значење да се донесе по скратена постапка во најмала рака е вулгарно и крајно несериозно. Тоа е спротивно на членот 170 од Деловникот за работа на Собранието.
Законот за јавното обвинителство од 2007 година беше разгледан на четири лидерски средби на политичките партии од власта и опозицијата
Досега во практиката не се памети Закон за јавното обвинителство да бил донесен во скратена постапка и без никакви расправи и дебати на научната и стручната јавност. Ваквата постапка на предалагачот на Законот е крунски доказ дека од Владата на Зоран Заев и коалцијата на СДСМ и ДУИ не се почитува ништо, не се почитува ниту Устав, ниту закон, ниту Деловник. Се е сведено на груба манипулација за владеење со насилство врз демократијата, насилство врз човековите права и насилство врз процедуралните одредби.
Ќе наведам само еден пример за тоа како е донесен последниот Закон за јавното обвинителство од 03.12.2007 година. Овој закон се применува 12 години и има само две мали незначителни измени и дополнувања од 2008 и 2018 година. Законот за јавното обвинителство од 2007 година е пример за тоа како се донесува закон од исклучително значење за државата и граѓаните. После обемните научни и стручни распарави, од како Предлогот за донесување на Законот беше подготвен од Министерството за правда, Предлогот за донесување на Законот за јавното обвинителство беше разгледуван на четири средби на лидерите на политичките партии од власта и опозицијата. На средбите се разгледуваше одредба по одредба, а на секоја наредна седница се разгледуваа одредбите што беа усогласени, што јас ги подготвував како тогашен Министер за правда заедно со Цветанка Иванова, сега генерален секретаер на Собранието, како преставник на СДСМ. На овие средби практично се усогласија сите спорни прашања и одредби и се извршија интервенции во текстот на законот согласно забелешките на опозицијата.
Законот за јавното обвинителство од 2007 година беше разгледан од Венецијанската комисија и доби позитивна верификација
Со оглед на важноста и значењето на функциите на јавното обвинителство, Предлогот за донесување на Закон за јавното обвинителство од страна на Министерството за правда беше испратен на мислење до Венецијанската комисија. Заедно со овој закон, до Венецијанската комисија беше доставен и Законот за советот на јавни овбинители. После стручните експертизи од експерти на Венецијанската комисија, законите беа разгледани на седница на Комисијата.
На покана на претседателот на Венецијанската комисија, како тогашен Министер за правда на 16 март 2007 година учствував во работата на Венецијанската комисија и дадов образложение за Законот за Јавното обвинителство и на Законот за советот на јавни обвинители. По расправата овие закони добија позитивна верификација од Комисијата.
Сето ова го наведов како пример за тоа како се почитува Устав и закон и како се пристапува кон донесување на така значаен закон, каков што е Законот за јавното обвинителство, пандан на ова што сега овој закон се предлага да се донесе по скратена постапка.
Предложениот Закон за јавното обвинителство е спротивен на Уставот
Основна цел на предложениот Закон за јавното обвинителство е да продолжи со работа на Специјално јавно обвинителство, како еден тотално неуставен орган и ударна тупаница на Зоран Заев. Ставањето во Законот за јавното обвинителство на еден неуставен орган каков што е СЈО, целиот Закон за јавното обвинителство го прави неуставен. Уставниот суд да беше уставен, досега сто пати ќе го поништеше неуставниот закон со кој е основан овој хибрид, но тоа не го стори, заробен во канџите на власта од кои неможе, а должен е да се одтргне и да ја штити, а не да ја нарушува уставноста и законитоста.
Специјалното јавно обвинителство не е правен, туку политички инструмент во рацете на СДСМ и под диригентска палка на Зоран Заев за пресметка со поранешните носители на функвции и раководни лица од власта само од редовите на ВМРО-ДПМНЕ или членови и нивни подржувачи. Тоа е школски пример на селективен орган насочен кон една политичка партија со крајна цел таа партија да се уништи. Така се неведува во една колумна на уредникот на еден дневен весник кој доби десетина милиони денари од државата, со заложба “револуцијата” да продолжи со цел да се подготви успешен погреб на ВМРО-ДПМНЕ. Целта е ВМРО-ДПМНЕ да се погребе и да се уништи и на тоа упорно се работи.
Не преставува некоја посебна тешкотија да се докаже дека предмет на кривично гонење се само финкционери и раководни лица од ВМРО-ДПМНЕ. Повеќе од две третини од министрите на предходната влада гниеја, а некои сеуште гнијат во притвор изложени на огромен ризик по животот, на кривичен прогон се изложени голем број пратеници, директори на јавни претпријатија, скоро 80% од градоначалниците на општините, а од вчера и градоначалникот на Скопје по поднесена пријава од МВР. Повеќе од 200 лица се изложени на тежок кривичен прогон во политички мотивирани случаи. Страдаат обвинетите, а страдаат и нивните семејства.
Вулгарната селективност во кривичното гонење не дозволува ниту еден финкционер од ДУИ да се спомене како сторител на кривично дело, а камо ли да биде покрената кривична постапка или да биде определен притвор или домашен притвор или било која друга мерка. Како ДУИ да немаше министри, директори на јавни предтпријатија и фондови, пратеници, градоначалници и многу носители на други раководни функции. Само што се спомна и се поднесе кривична пријава против “непознат сторител” дека во Фондот за ПИОМ недостасуваат 19 милиони евра во вториот пензиски фонд, се дигна толкава врева од тешки закани од највисоките преставници на ДУИ, така што целата работа се заташка, со единствена цел не да се одкрие криминалот за да не се доведе во прашање коалицијата. Случајот и натаму останува нерасветлен.
Предложениот Закон за јавното обвинителство ја јакне позицијата на СЈО
Наместо да се укине, со предложениот Закон не само што не се намалува, туку напротив се зајакнува позицијата на СЈО и тоа јавно обвинителство се става над сите други јавни обвинителства. СЈО го засенува и го става во подредена положба Основното јавно обвинителство за гонење на кривични дела од областа на организираниот криминал и корупцијата кое повеќе од една деценија има солидни искуства и резултати. Нема јавен обвинител што го подржува овој неуставен закон, особено јавните обвинители со поголемо искуство во вршрење на фиункцијата, затоа што овој закон е само во функција на СЈО и ништо друго.
Министерката за правда г-ѓа Рената Десковска дури и не крие, туку денес јавно изјавува во едно вечерно телевизиско интервју дека “овој закон му дава живот на СЈО” и дека “СЈО во Законот има специјален статус и автомномија која се разликува од другитe Јавни обвинителства”. Тоа значи дека најважно со донесување на ваков неуставен закон е да му се даде живот на СЈО како политички инструнемт на власта за прогон на функционери и лица од поранешната власт. Веќе почнаа кривични постапки и против некои лица од сегашното раководство на ова партија и тука нема да застанат се додека не се уништи политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и не се конфискува нејзиниот имот. Тоа е основната цел на ова Влада која ја реализира преку поданичкото СЈО.
Решенијата во Законот за јавното обвинителство се спротивни на Устанот
Функцијата на јавното обвинителство, според амандман XXX од Уставот ја вршат Јавниот обвинител на Република Македонија и јавните обвинители, а надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и функционирањето на јавното обвинителство се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Уставот не познава специјален јавен обвинител или специјален суд. Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган на кривичното гонење.
Основен принцип во организација на Јавното обвинителство е принципот на хиерархија и субординација. Според членот 27 од Законот, Јавниот обвинител на државата е одговорен за општите состојби во врска со организирањето и извршувањето на функцијата на јавното обвинителство и за својата работа одговара пред Собранието. Како Јавниот обвинител на државата според ова одредба ќе одговара за општите сосојби во врска со организирањето и извршувањето на функцијата на јавното обвинителство, ако тој според членот 29 став 3 без согласност на јавниот обвинител на СЈО неможе да презеде кривично гонење или вршење на други работи од надлежност на јавниот обвинител на СЈО, а може тоа да го стори спрема сите други јавни обвинителства? Какво е почитувањето на принципот на хиерархија у субординација, ако според членот 28 став 3 од предложениот закон, Јавниот обвинител на државата е ограничен при вршењето на функцијата на надзор над работата на СЈО. Во ова одредба се предвидува тој да биде претпазлив и “при надзорот не смее да ја загрозува автононмјата на Специјалното јавно обвинителство“. Каква глупост? Според ова решение, СЈО е недопирлив орган и за државниот јавен обвинител кој е одговорен за кривичното гонење во државата. Тоа го нема никаде во светот.
Овој неуставен орган наречен СЈО според предложениот закон има целостна финансиска автономија, што ја нема ниту едно друго јавно обвинителство. Според членот 100, СЈО има посебен буџет, се јавува како предлагач на буџетот пред МФ, а Владата и Собранието според ставот 3 се должни да обезбедат финансиски средства за непречена работа на СЈО. Тој буџет на СЈО, Владата и Собранието неможат да го менуваат! Каква е ова блиндирана финансиска позиција на овој неуставен орган, да има пари колку сака, да троши колку сака, никој неможе да му го менува буџетот и на никому да не поднесува сметка за трошењето на средствата, кој веќе со години се државт во тајност и платите и надоместоците и трошоците, освен глобалните порадатоци за процент на потрошени средства од буџетот.
Со членот 105 став 6 во предложениот закон, на Јавниот обвинител на СЈО му се продолжува мандатот за една госдина. Таман токлку, колку што е потербно да се докусури опозиционата ВМРО-ДПМНЕ, со наменски покренати монтирани постапки во време на передизборен период (член на ИК на партијата и други лица), во време на избори- претседателски или парламентарни, да се сее страв и терор, да се вршат уцени и застрашувања со нелегално снимени разговори.
Од снимените разговори повеќе од 95% се чисто приватни разговори, кои место веднаш да се уништат, небулозно се нарекуваат “национално богатсво” на државата. Национално богатсво ли е нарушување на елементарните човекови права, снимени разговори од спални соби, разговори за болести, радости или несреќи, љубовни или пријателски разговори, имотни или семејни работи и проблеми на граѓаните, интимата на човекот, интимата на жената и односот на родителите со децата, нивните болести или пороци, нивната среќа или несреќа што ги носи животот. Срамно и недолично е да се предвидува тие разгвори според член 105 став 4 да се чуваат една година после завршувањето на сите постапки, а тоа значи период уште најмалку 10 години. На кого и за што можат да му служат тие материјали, освен за уцени и застрашување дека можат да се обелоденат на некој начин? Поради тоа, не чекајки ниту една минута, тие материјали комисиски мора веднаш да се уништат во печката на Дризла за да се спаси овој народ од овој терор на застрашување и уцени.
СЈО продолжува да работи со зголемени овластиувања
Со предложеииот закон, според членот 105 став 1 и 2 се предвидугва СЈО да продолжи да постапува по сите поднесените обвиненија и преземени предмети, да продолжи да постапува по сите предистаражни и истражни постапки преземени после 30 јуни 2017 година. Тоа е спротивно на членот 22 од Законот за СЈО. Со овој закон, на дејствијата преземени од ненадлежен јавен обвинител преземени после 30 јуни 2017 година што се однесуваат на преземени предистаржни постапки, наредени истраги и поднесени предлози за определување на мерки за обезбедување им се дава правна сила и со тоа на законот му се дава ретроактивно дејство, што е спротивно на членот 52 од Уставот, бидејки законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство.
Спрема тоа, сите истраги и истражни дејствија и предложени мерки преземени од СЈО после 30 јуни 2017 година немаат никакво правно дејство и тие постапки треба да бидат веднаш запрени, бидејки се преземени од ненадлежен јавен обвинител и спротивно на членит 22 од Законот за СЈО и согласно и начелното мислење на Врховниот суд.
Според член 12 од Законот за кривичната постапка, доказите прибавени на незаконит начин или со кршење на слободите и правата утврдени со Уставот на Република Македонија, законот и меѓународните договори, како и доказите произлезени од нив, не можат да се користат и врз нив не може да се заснова судската одлука. Материјалите од незаконско следење на комуникациите не се никаков доказ во кривичната постапка. Од политички причини спротивно на Уставот и Законот за кривичната постапкла на овие незаконски снимени разговори им се даде сила на доказ, а еве сега тоа се прави и со предложениот закон, но сега само за одреден временски период до 30 јуни 2017 година. До овој датум овие материјали можат да се користат како доказ, а после тој датум неможат да се кристат како доказ и ќе се третираат само како индиции. Глупаво, поглупаво неможе да биде. Кој е критериумот кога тие материјали се доказ во пстапката, а кога се само индиции. Таков критериум нема. Мора да се почитува Законот за кривичнаѕта постапка и овие материјали прибавени на нелегален начин во никој случај неможат да бидат доказ во кривичната постапка и врз нив неможе да се заснова пресуда.
Во членот 32 и 34 се испреплетени надлежностите на СЈО и на Основното јавно обвинителство за гонење на кривични дела на организираниот криминал и корупвцијата. И двете обвинителства се надлежни за кривичноото дело Перење пари и други приноси од казнено дело од членот 273 од Кривичниот законик, Проневера во службата од член 354 став 3 и многу други кривични дела. СЈО според членот 34 е надлежно само за одреден став од делото (измама во службата член 355 став 3), а што ќе биде ако делото од тој став на се докаже, а се докаже основниот, а не квалификуваниот облик на делото? Нема никакви одговори на овие прашања во законот.
Зошто Основното јавно обвинителство за гонење на кривичните дека на организираниот криминал и корупцијата е прекрстено во Јавно обвинителство за гонење на кривичните дела на организираниот криминал и корупцијата? Да му прави друштво на СЈО и да служи само како алиби? Во предлогот за донесување на Законот за јавното обвинителство од 2007 година, беше наведено дека се основа Јавно обвинителство за гонење на кривичните дела на организираниот криминал и корупцијата. Тогаш опозицијата се спротивстави и сметаше дека на тој начин се нарушува единстениот систем на организавција на јавното обвинителство. Тие забелешки на опозицијата предводена од СДСМ тогаш се прифатија и се основа Основното јавно обвинителство за гонење на кривични дека на организираниот криминал и корупцијата. Зошто сега таа иста партија СДСМ кога е на власт го менува мислењето и сега предлага нешто за што не се согласуваше во 2007 година. Тоа е лицемерно и подмолно.
Специјалното јавно обвинителство е резултат на политички договор за негово основање на лидерите на четири политички партии со посредство на претставници од ЕУ. Тие политички партии предложија и јавен обвинител на тоа обвинителство, што е спротивно на Уставот и законите. Тоа јавно обвинителство се основа со одредена надлежност и за одредено време за вршрење на работите. Тоа време помина. Времето за поднесување на нови обвиненија и отварање на нови постапки помина на 30 јуни 2017 година. Тоа јавно обвинителство како што е основано така треба и да згасне.
Која партија, освен партиите на власт СДСМ и ДУИ во чија функција тоа јавно обвинителство спроведува брутален селективен прогон само на функционери и раководни лица од ВМРО-ДПМНЕ ќе се согласи со ваков неустанвен закон, со кој не само што не се укинува СЈО, туку му се даваат нови овластувања и надлежности? Политичките и правни разлози се толку очигледни, што подржувањето на ваков неуставен Закон за јавното обвинителство и продолжување со работа на СЈО со нови зголемени надлежности и овластувања преставува чин на далтонизам и самоубиство на една политичка партија.
ВМРО-ДПМНЕ се надевам дека тоа нема да го дозволи. Нема да дозволи жртви на селективен прогон да бидат само фиункционерите и раководни лица на ова партија во монтирани случаи на прогон и нивно притварање, да гнијат по затворите и да скапуват во судниците, само со цел Владата на Зоран Заев и коалициајта со ДУИ да се одржат на власт, да вршат криминал и да не одговараат за ништо. ВМРО-ДПМНЕ е силна народна партија и овој пат, како и многу пати досега ќе ги надмине сите притисоци и нема да дозволи никој кој систематски работи на нејзино уништување да ја постигне целта.
Предложениот закон за јавното обвинителство е неуставен. СЈО се докажа како крајно селектибевен и пристрасен неуставен орган и неговата трансформавција е единствено исправна само со негово заминување во историјата. Функцијата на кривичното гонење ќе ја вршат Државниот јавен обвинител, вишите и основните јавни обвинтелства.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.