Петар Поп-Арсов

Избори, ќе има! Една дилема помалку! Собранието се самораспушти! Се самораспушти по петти пат во низа! Распишани се петтите предвремени парламентарни избори! Петти, од вкупно десетте што се оддржаа во Македонија од 1990 година до сега. Пет од десет, нешто што треба длабоко да не замисли и конечно да не освести дека нешто не е нормално кај нас.

Патот кон изборите ќе бидат единствениот „прав пат“ по кој ќе се движиме следниве педесетина дена. Одамна не сме имале ваква „извесност“, да знаеме што ќе се случува речиси два месеци однапред. Два месеци, краток период за еден нормален животен век, уште пократок за историскиот развој на една држава. Сепак, ретка можност за граѓаните да знаат што ќе се случува во наредниот период. Краток период, но истовремено доволно долг да се планираат лични, семејни и деловни активности, нешто сосема вообичаено за нормалните земји чии што партнери се стремиме да станеме. Што ќе биде после изборите, ќе му ја мислиме потоа. Најпрвин да го поминеме овој краток пат, краток како оние два километри автопат што ги најавија како еден од најголемите инфраструктурни проекти на владата во заминување. Да не беа петтиве предвремени избори, можеби „двата километри“ навистина ќе беа забележани како најголемото владино остварување?! Но, тоа не е темата!

Патот кон изборите е темата! Ќе имаме ли скандинавски избори и скандинавски пат кон нив, или пак „патот кон успехот“ ќе го поминеме движејќи се по балканската калдрма?! Сите досегашни избори беа услов за се нешто поврзано со нашите интегративни процеси. Веројатно и овие избори, се подразбира без да се каже, се од такво значење.

Стартот е загрижувачки, не влева надеж. Како за почеток, ги нема оние шеесет дена предвидени како законски минимум. Беа начнати во собраниските надмудрувања, гласања, прегласувања, надгласувања и надвикувања за законски проекти кои што требаше да бидат сеопшт партиски и општествен консензус. Се правеа грешки, превиди, се поништуваа гласања, се разрешуваа министри, се поништуваа нивни решенија. Балканската тензија уште од почетокот го прегази „скандинавскиот мир“. Целта ги оправдува средствата, како што би рекол Макијавели.

Нѐ охрабруваат дека сме постигнале сериозен напредок во државата, а чувството кај граѓаните е дека сме вратени 30 години назад. Ма какви триесет, сто години назад! Не се ни сто, повеќе се! Цивилизациски сме вратени неколку милениуми, уште во времето на Стариот завет и правилото „око за око, заб за заб“. Ставени се под нозе сите вредности стекнати низ вековите. Нема меѓусебна почит, нема толеранција, нема ниту човечка ниту политичка култура. Нема ништо!

Нема ни министер за труд и социјална политика. Уште една дупка на скандинавскиот автопат кон изборите. Решија и ја разрешија! Им се можело. И нив ги разрешувале додека биле технички министри. Око за око, заб за заб! Онака, старозаветно! А ветуваа дека ќе бидат „подобри“!

Поради корупцијата, „географски“ не однесоа во Субсахарска Африка, покрај Брегот на слоновата коска. Рамо до рамо, брег до брег со африканските земји. Само што нашиот коруптивен брег не е егзотична плажа, туку огромен рид кој стои исправен пред нас како непремостлива пречка кон расчистување на состојбите во општеството.

Историски сме вратени во времиња на режим, антидемократија и беззаконие. Не ме зачудува инертноста на креаторите на овој режим. Ме зачудува и загрижува инертноста на меѓународните претставници, особено онаа на Советот на Европа кој молчи на сите изблици на говор на омраза, антисемитизам и рушењето на вредностите кои се создаваат 70 години во оваа организација, во која Македонија годинава одбележува 25 години полноправно членство.

Општеството е поделено како никогаш до сега. Во секоја област, во секоја институција постојат поделби по политичка основа. Граѓаните се приморани да бираат страна, затоа што средината е бездна во која нема услови за живот. Како на Марс. Или си ваму, или си таму.

Сега ни преостанува да го спроведеме изборниот процес. Ни преостанува да го издржиме и преживееме. Ни преостанува конечно да го „прелетаме кукавичкото гнездо“ и да ја оставиме сета „ненормалност“ зад себе, онака како што анализира истоимениот филм на Милош Форман. Во спротивно, ќе останеме заглавени во неа, а „нормалноста“ ќе остане нашата најопасна болест, како што беше и до сега.

Актуелната власт го обзнани почетокот на процедурата за избор на сопствените кандидати за пратеници, кои претенциозно ги најави како „најпрофесионалните кандидати во историјата на независна Македонија“. Каков ќе биде одговорот на опозицијата? Каков профил на кандидати ќе атакуваат на сините фотељи од централниот дел на собраниската сала, делот резервиран за парламентарното мнозинство и делот кој што ќе ја избира новата македонска влада, останува да видиме?!

Потребни се нови ликови! Потребни се нови сили во парламентарните клупи! Потребни се стручни, угледни и кредибилни кандидати! Кандидати кои поседуваат личен интегритет. Интегритет, ставен во функција на интересот на гласачите. Потребни се лојални и посветени кандидати кон програмата и политиките кои што како такви биле поддржани на демократски избори од македонските граѓани. Потребни се кандидати кои ќе останат доследни до крај и кои нема да бидат предмет на политички игри и политички прелети, уништувајќи ја демократијата и волјата на граѓаните на тој начин. Требаат некомпромитирани и чисти пратеници, кои нема да можат да бидат уценувани со разно-разни досега недетонирани „бомби“.

Ги слушнавме „бомбите“, оние кои беа дефинирани како информации од јавен интерес. Но, тоа не значи дека приказната тука завршува. Последната фаза од секој режим се состои од макијавелистичка примена на сите дозволени и недозволени сретства и воопшто нема да биде изненадување доколку некој биде уценуван со материјали кои би го нарушиле неговиот личен и семеен углед. Досегашниот начин на однесување на актуелната власт го покажа токму тоа. Го покажа бескрупулозниот начин на решавање на политичките пречки кои стоеја на нејзиниот пат.

Затоа, потребен е внимателен кастинг и создавање на репрезентација која на најдобар начин ќе го заштити интересот на граѓаните, државата и политичката програма која треба да не извлече од оваа летаргија.

Опозицијата изобилува со такви кадри. Изобилува со луѓе кои што постојано биле активен чинител на демократските процеси, луѓе кои ги поминале сите неопходни тестови на демократијата. Луѓе кои што не се огрешиле кон законот и не направиле злоупотреби во своето работење, иако некои од нив биле и на одговорни позиции. Тоа се луѓе кои постојано биле силна поддршка на досегашните кандидати, на досегашните пратеници и останати функционери, и кои несебично се вложувале во целокупниот демократски процес.

Ред е сега да бидат поддржани вакви кандидати. Ред е да им се возврати со поддршка на луѓето кои што со нивниот ентузијазам ќе ја вратат вербата на македонскиот граѓанин во нормалниот начин на функционирање на државата, вербата во постоењето на правдата и правичноста и почитувањето на вредностите на секој поединец кој што може да придонесе за оваа држава.

Ред е да се стави крај на политичките прелети, злоупотребата и трговијата со гласот на оние кои што искрено се надеваат на подобар живот во оваа наша земја, граѓаните на Македонија.

Доволно беа „кукавички јајца“ на кандидатските листи!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.