Предраг Димитровски

Секое чудо за три дена. Така било, така и ќе остане. А, некогаш и таа временска дистанца е долга, па по потреба може и да се скрати. На пример, како ова со насилството или подобро речено со дивјаштвото на Арбр Адеми во Парламентот и заканите за кршење коски и раце на пратениците од опозицијата протежирани од неговиот пулен од Министерството за култура, Валмир Азири. Два дена беа доволни, па веста и реакциите речиси да ги снема од медиумите. Особено од оние провладините.

Ништо. А, беше прекрасна можност да му се излезе пресрет на лидерот на ДУИ и премиер во сенка, Али Ахмети. Зашто, не така одамна самиот ги повика правосудните органи да преземат мерки ако неговите сопартијци прекршат некој закон, посебно ако се дел од корупцијата, што неговата партија ја издигна на институционално ниво. Ама остави ти правосуден систем, кога за пример служи спикерот Талат Џафери. Само тој и Арбр можат да прават што сакаат, ама виновни за сѐ да бидат други. Ем те навредуваат, те пцујат, те тепаат, те кршат ем не ти даваат да плачеш. Типично за тоталитарен ментален склоп, што сега треба да се продаде како некаква „зелена агенда“.

Можеби и лидерот на Демократски сојуз Павле Трајанов е во право. Ама само делумно. Зашто, дилемата е дали само алкохолот е во прашање за ваквите состојби во највисокиот законодавен дом? Да не е и водата за пиење или како се вика она што се шмрка? Она, де, што се купува и како „полче“?

Деновиве бевме сведоци и на „пресметката“ на двајца наши „врвни“ дипломати. Од една страна актуелниот министер за надворешни работи Бујар Османи, а од друга ексминистерот од истиот ресор и поранешен вицепремиер за евроинтеграции Никола Димитров.

Османи и Димитров се фатија во костец околу францускиот предлог за кревање на бугарското вето за официјален почеток на преговорите на Македонија за членство во Европската Унија. И како прави јатрви на селска чешма почнаа да си го вадат валканиот веш. Димитров вели дека е спротивен на националните и државните интереси, а Османи, пак, му префрла со објавување документ за тоа на што ставил потпис на досега единствениот потпишан протокол меѓу министерствата за надворешни работи на Македонија и Бугарија.

Ама скараниве дипломатски јатрви, за жал двете, колку и да се оградуваат од грешките, не можат да избегаат од вистината. А, за да се дојде до неа, потребни се неколку чекори.

Прво, обајцата да го објават бугарскиот список од 25 непожелни македонски интелектуалци, професори и експерти од различни области, кои на бугарско барање не смееја ни случајно да бидат членови на македонскиот дел од заедничката македонско-бугарска комисија за прашања од историјата и за учебниците. Зашто, нивното присуство, но пред сѐ научното познавање на историјата и на историските процеси од различните епохи ќе претставуваше пречка за остварување на бугарските историчари. Ама, не, на двете дипломатски јатрви не им требаа експерти, туку обични послушници, па ги тргнаа и тие што покажаа национална и државничка свест, бидејќи им стана јасно кој ги влече конците и каде води работата на мешовитата комисија.

Второ, не е работата во потпишаниот протокол. Суштината е зошто во и онака асиметричниот Договор за доброоседство, соработка и пријателство се прифати терминот „заедничка историја“ и отсуството на каква било анализа и антиципација како тој термин ќе биде толкуван од бугарска страна! А, за да се дознае тоа, треба да се обелоденат стенограмите од затворената седница на собраниската Комисија за надворешна политика. Кога ќе се прочитаат тие, многу работи ќе станат појасни.

Трето, Бујар Османи се брани од „пенавењето“ на Димитров, ама истовремено и самиот се „пенави“ во одбрана на своите постапки. Работата е едноставна. Наместо и тој да се „пенави“, нека ни објасни како тој го подразбира и толкува терминот „заедничка историја“, да ги објави содржините на протоколите за личностите за кои досега заедничката комисија постигна согласност за заедничко чествување. Значи, да видиме врз која основа ќе треба заеднички да ги чествуваме светите Кирил и Методиј, исто така светите Климент и Наум и царот Самоил. Чисто за да видиме какви „бели мечки“ се кријат во нив. А, повеќе од сигурно дека се кријат.

И четврто, и можеби најзначајно, е прашањето дали Бујар Османи е свесен дека со своето раководење на ресорот и односот кон Димитров претствува целосна копија на бугарската политика и спрема Република Македонија и спрема Никола Димитров?! Ако самиот не верува во ова, нека ја ангажира малку неговата пи-ар служба за да му извадат клипови од бугарските медиуми од времето кога Димитров беше на двете функции. Па, ќе види колку и неговата актуелна реторика е копија на бугарската.

А, Димитров самиот е приказна за себе.

Исто како што приказна за себе стана и проф. Нано Ружин. Да не беше неговото гостување на ТВ 21, немаше да знаеме дека, замислете, идентитетот се мерел во проценти! Па, власта на СДСМ и на ДУИ со прифаќање на францускиот предлог ќе изгубела само 10% од идентитетот, зашто останатите 90% да ти биле јазикот!

Богами, ваков идентитетски идиотизам мерен во проценти одамна не е виден, ниту слушнат во јавноста!!!

Да не бидам погрешно сфатен, според Дигиталниот речник на македонскиот јазик, идиотизам е именка од машки род, која има две значења. Првото е дека идиотизам значи најтежок степен на ментална заостанатост, вродена или стекната во раното детство, а второто дека значи глупост или бесмислица.

Фала му на Бога, проф. Ружин не го манифестира првото, туку второто значење. Според кои критериуми и мерки проф. Ружин (пр)оценил дека 90% од идентитетот на македонскиот народ се состои само во македонскиот јазик? И на кој македонски јазик, на оној некодифицираниот или на оној кодифицираниот од 1945 година? А, по колку од останатите проценти, на пример, отпаѓаат на чувствата, на историјата, на културната меморија, на гробовите исполнети со нашите најблиски и подалечни предци, на откорнатите корени, на 7/8 такт, на народниот фолклор, на народните преданија и приказни…?

Проф. Ружин не така одамна го предложи експремиерот Зоран Заев за Нобелова награда за мир, а неговиот син беше поставен за дипломатски советник за економска, социјална и културна соработка со земјите од Бенелукс и Франција, за надомест од 50.000 денари месечно. Ако „француската мисија“ заврши неуспешно за Македонија, аман никој нека не му ги бара парите за да ги врати. Белким тоа ќе биде доволно да бидеме поштедени од идентитескиот идиотизам на проф. Нано Ружин.

И не дај Боже да почне да ни држи лекции за секс. Баш ќе ме интересира, според него, со колку проценти се губи невиност? За да не живеам во заблуди во својата седма деценија од животот.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.