За македонцките (дипломатски) работи.

Помислувате ли понекогаш, каков срам ги јаде луѓето кои целиот свој животен век учеле, а подоцна низ животот истражувале и пишувале за дипломатија и меѓународни односи или еден период од својот живот практикувале дипломатска мисија надвор од границите на својата матична држава? Или каков срам ја јаде професионалната администрација обучена и за најсложени дипломатски акции од секакви формати и содржини, во држава, во која не поминува ни ден, а да не се случи некој меѓународен гаф или скандал.

Еднаш ќе си помислите и кажете, можеби се неуки, може им треба малку време да ги научат законитостите на оваа и не баш едноставна наука и крајно комплексна политичка вештина. Па јавно ќе предупредувате барем на веќе докажани законитости од дипломатската практика, дека:

1) Големите дипломатии се како големите води – каде течеле, пак таму ќе течат. Големите империјални дипломатии никогаш и по ниедна цена нема да се откажат од земјите каде веќе еднаш биле и владееле.

2) Кога сите останати дипломатски врати ви се затворени, секогаш држете подотворен прозорец за пробив на културната дипломатија. Меката сила во политиката знае железни врати да отвора.

3) Не постои полоша дипломатска позиција од онаа кога во меѓународната јавност и дипломатија станувате препознатливи само со некој ваш проблем. Но, имајте секогаш на ум дека дипломатијата и во тој случај ќе го цени вашето чувство за достоинство и инсистирањето на реципроцитет и заемна почит и кога другата страна од проблемот е далеку помоќна сила од вас.

4) Секогаш имајте на ум дека вие сте секогаш лицето на една држава, народ и култура, единствено лице преку чија култура и интегритет се штити и унапредува културата, пред сѐ, како идентитет на државата и на народот, како и на вашата лична култура.

5) Дури и кога разговарате со соседски и блиски култури, имајте секогаш на ум дека преговарањето со соседските дипломатии не признава практикување на улично-маалски финти и фазони. Секоја импровизација на тој план соседските дипломатии ќе ја казнат, исто како што би ја казниле и големите дипломатии. Вие и пред блиски пријатели од соседството, сте само во функција на адвокат на својата држава, за сите најважни државни и национални интереси. Вие, впрочем, имате мандат само за тоа! Фамилијарностите од типот, „бате”, „брале” или „тате”, оставете ги за по дома!

Треба да се биде крајно наивен, а такви ни меѓу граѓаните веќе не постојат, а не пак меѓу искусните дипломати или познавачи на дипломатските вештини, дека актуелната македонска власт само од неискуство и неукост продуцира секојдневни гафови и резили.

Во очите на Мелина Меркури секогаш прво Партенон се гледаше

Многу ретко ќе прочитаме за примери на врвен дипломатски професионализам и трајни дипломатски дострели, од нашето непосредно соседство. Од соседна Грција, па скоро никогаш! Пишувајќи за маките на актуелната македонска дипломатска практика, нема да се повикам (како што е вообичаено во вакви случаи), на Кисинџер, Бжежински, Олбрајт, Шредер, Клинтон, Громико или Лавров, туку овојпат ќе се повикам на легендарната грчка актерка и министерка за култура на Р. Грција, Мелина Меркури.

За оние помладите кои не ја познаваат Мелина Меркури, би им ја препорачал нејзината автобиографска книга, „Родена како Гркиња“ или одличната веб-локација за неа, со многу пишани и филмски документи за нејзината активност, пред сѐ, како министерка за култура. Или преку култните филмови кои ја вивнаа во светскиот филмски Пантеон во минатиот век, преку нејзината улога на проститутката Илја во филмот „Никогаш во недела“, овенчана филмска улога со престижната награда во Кан, нејзината филмска интерпретација на најпознатиот грчки евергрин „Децата на Пиреја“ или на антологиската улога на модерната Федра, во режија на нејзиниот сопруг Жил Дасен.

Славната глумица, на врвот на својата светска слава, во 1967 година, кога владее и со театарските сцени на Бродвеј ја напушта сцената и започнува своја и не само лична војна, против воените пучисти кои ја преземаат таа година власта во Грција. Мелина Меркури останува без грчко државјанство, со конфискуван имот од големото семејно наследство (нејзиниот дедо и татко се видни грчки политичари), со постојани закани за да биде замолчана, дури и со обиди за атентат. Но, и тоа не ја спречува да се бори со сите сили и стане симбол на отпорот, за слободна Грција.

Со падот на хунтата, се враќа во Грција, каде продолжува нејзината актерска кариера, но почнува и нејзината политичка кариера. Избрана е во два мандата за време на владеењето на грчкиот премиер Андреас Папандреу, за грчка министерка за култура. И за неполни десет години, успева цел свет повторно да го заинтересира за грчката култура, но и да ја одоброволи и привлече светската јавност на своја страна. Претходно, не била никогаш професионален дипломат, но нејзината слава, животно искуство и ерудиција, но, пред сѐ, безрезервната љубов и потреба да ѝ служи на Грција во нејзината промоција, создаваат од неа современа хероина на светската политичка и културна сцена.

Најнапред почнува со бескомпромисна борба со Британскиот музеј за враќање на мермерните статуи од атинскиот Партенон, па се зафаќа со реставрација на спомениците на Акропол, со иницирање и објавување на меѓународен конкурс за нов музеј на Акропол, создавање интегрирана целина од археолошкото наследство на Атина и островите во Егејот, воведување бесплатна влезница за сите грчки граѓани за посета на музеите и археолошките знаменитости, па градење на најпознатата атинска музичка сала, во создавање на Византискиот музеј во Солун, во организирање импозантни изложби на грчката античка уметност секаде низ светот, организирање годишни награди за литература, давање огромна поддршка на грчката филмска индустрија, па до иницирање на „Образование низ задоволство“, преку потесно поврзување на образованието и културното наследство, иницирање, но и реализирање на европската културна акција, „Престолнина на европската култура“, со Атина како нејзина прва престолнина во 1985 година до иницирање и организирање „Месец на културите на земјите од Источна Европа во 1988“. И што сѐ уште не! Бројни фотографии сведочат за нејзиниот работен министерски кабинет, скромна таванска просторија, со пет телефони и мноштво документи пред неа.

На 7 март 1994 година кога Мелина Меркури си замина од овој свет, милиони Атињани со повеќечасовни аплаузи ја придружуваа до нејзиното вечно почивалиште. Велат, толку свет никогаш порано не собрале атинските улици. Уште за нејзиниот живот доживеа да ја прогласат за современа грчка божица и најголема грчка знаменитост после Акропол во Атина. Позната француска писателка за неа ќе запише дека кога ќе ја погледне Мелина в очи, прво во нив го гледа атинскиот Партенон. Ја нарекуваа и, невообичаено за една жена „Паликари на грчката култура“ – жена-воин, со љубов до с’ржта на коските, за својата татковина. Денес, нема град во Грција кој нема улица со нејзиното име. Легендата за неа е жива, како што е жива обновената слава на грчката култура.

За оние кои никогаш не ја видоа Македонија, подалеку од својот внатрешен џеб

Дали сега станува малку појасна разликата помеѓу сликата за актуелнава македонска прва дипломатска гарнитура и овој мал сликовит приказ, за добрата дипломатска практика од нашето непосредно соседство? Да најдеме веднаш писател што ќе побрза да ја исправи „неправдата” што ни се случува и да ја пронајде барем во траги, Македонија во очите на премиерот. Или Плаошник и Самуиловата тврдина да ги пронајде во очите на македонската министерка за култура? Учебниците во кои учениците од мали нозе преку учење ќе се запознаваат со културното наследство, да ги препознае во очите на македонската министерка за образование? Војничките униформи во кои видливо и гордо ќе греат државните симболи, во очите на македонската министерка за одбрана. Набавките на вакцини, само без вртење на бројчаникот за тендери и профити, во очите на македонскиот министер за здравство?

Само од неукост ли, македонскиов „дипломатски дубиоза колектив“ ја резили непрестано својата држава на меѓународен план? Со каква ли само леснотија беа одбиени две постојани членки на Советот за безбедност на ОН за понудени дози вакцини, невешто, а надмено како „нова геостратешка млада невеста“?! Па недолго потоа молени и влечени за ракав истите тие големи сили, како што ни мали деца не молат за пакетче под елка. Патем, водени само од предаторскиот инстинкт за провизии, да влезат во замките на „џемс бондовски шеми“ со сомнителни трансфери на пари преку фантом фирми, во дипломатски стил „а ла Чак Норис“. И тоа со држава членка на Советот за бедбедност на ОН. Па добиваат врел шамар од ЕУ, токму поради неодговорната коруптивна политика во набавката на вакцини и Македонија отсуствува од списокот на држави на кои ќе им се помогне со финансиска и медицинска помош од европскиот солидарен фонд. А само малку пред тоа, резил со рашомонијада околу именувањето амбасадор во најголемата светска сила и наш прв геостратешки партнер, но затоа пак преку ноќ шверцерски и со невидена леснотија, нов резил со отворање почесен конзулат во српски зимски туристички центар.

Само од неукост ли никој сериозно не се занимава со проектирање и креирањето поволна и посакувана перцепција преку сериозна културна акција во најважните за нашата геостратешка судбина светски центри, како што се Берлин, Париз, Лондон, Пекинг и Москва, претставувајќи ѝ го на публиката и на луѓето од политиката бесценетото културно наследство и најдоброто од современото македонско културно и уметничко творештво. Неукоста и пандемијата ли ни се виновни, што стотици, илјадници наши сограѓани низ светот, ги оставивме без патни документи и само од неукост ли оставаме да ни се ограбува и скапува од негрижа, богатото дипломатско недвижно наследство од поранешната југословенска федерација, како што е амбасадорската резиденција во Зимбабве, на пример? Од неукост ли се крстиме во УНЕСКО да го прогласи Охрид за загрозено културно и природно наследство, да нѐ спаси од сопствената негрижа за него? Па, што да очекуваме повеќе? Не, не е до неукоста и наивноста, не е ни до елементарната негрижа. Туку до закржлавеното чувство за држава и државност, потиснато пред сопствениот незауздан нагон за крчмење на сѐ што е државно и јавно добро.

Кога со љубов се покорува и светот, во име на Татковината

Нема „паликари“, нема воини во оваа влада кои би гореле повеќе за државата отколку за својот внатрешен џеб, поради што за многу бргу ќе бидат заборавени како веќе употребено џепно марамче или фрлен стар брош од меѓународните партнери. Не е до неукоста и незнаењето! До негрижата и отсуството на одговорност и љубов кон сопствената држава е проблемот. И до љубовта е, која или ја имаш за татковината или ја немаш. Актуелниов владин состав е вакциниран токму од таа љубов. Љубовта на Мелина Меркури која повторно ја направи Грција и посебно убава, пожелна, позната и славна, нека остане парадигма за некои блиски идни дипломатски првенци на нашата држава. Љубов, со која се покорува и светот во име на својата држава!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.