Алдо Климан
„Гората трае, не збори.
Кога би гора зборела,
не би ја секла секира,
нит’ би ја стада газеле”.
(Македонска, народна)
За Црните фашисти и бесните пци
Македонски народе, бесните пци се многу опасни! Секој ден читаме за нивните крвави напади врз граѓаните, неретко со кобни последици.
О, да, и Црните фашисти се ужасно, ужасно опасни! Така и за нивните постојани бесни напади врз граѓаните и врз граѓанските права и слободи секој ден дознаваме од неколкуте сеуште слободни домашни медиуми.
Но треба да се знае дека збеснатите Црни фашисти се многу, многу поопасни од бесните пци! Зашто, кутрите кучиња збеснуваат поради негрижа и недостиг на човечка љубов и внимание. Црните фашисти, пак, се Црни Нелуѓе збеснати од пусто аздисување и длабока патолошка омраза што не им е позната на невините животни.
Најголемиот број обични луѓе од сосема разбирливи причини се плашат од бесните пци и од збеснатите Црни фашисти. И тоа е многу разумно; претпазливоста е нужна, зашто со тие безобѕирни ѕверишта нема шега.
За среќа, има и такви луѓе што воопшто не им се плашат. И тоа е добро. Зашто, инаку, кој би ги ловел бесните пци по запуштените улици на Скопје и низ другите градови на Македонија…
… И кој би им правел злосторнички профили на безумните, збеснати Црни фашисти, за да не можат мирно да спијат, и за сторените злосторства кон народот и татковината никогаш да не можат да ѝ избегаат на правдата?
Во секој случај, за нив нема ловостој!
Бесните кучиња во шинтерај!
Фашистите, пак: профилирање, фаќање, па на суд и во затвор кај ”командирите”!
За прекрасниот слон и за бедниот црвец
Во еден убав патеписен документарец снимен во индијската провинција Керала, еден махут (mahout), дресер и водач на индиски слонови (лат. Elephas maximus), му раскажува на авторот на емисијата:
“Погледнете го ова прекрасно, достоинствено, божествено царско суштество, големо и моќно, 6 метра долго и 5000 килограми тешко. Да сака, веднаш може да нѐ смачка, на лице место да нѐ сотре, од нас ни ковче да не остане. Но тоа убаво суштество, благородно и трпеливо, како и народот, има (до)верба. А погледнете ме сега мене, најобичен, мал, беден човечки црвец, видете што сѐ, какви бесмислици сега ќе му наредувам да прави и тој тоа покорно ќе го извршува”.
И махутот му наредова на слонот да клекне на коленици – и слонот клекнува, да легне – слонот легнува, да се тркала низ прав – и слонот се тркала низ правта, да се валка во кал – и слонот се валка во калта, па потоа да стане, да дограби и да искорне цело едно огромно стебло и со него да мавта лево-десно, горе-доле, да го носи напред-назад. Најпосле махутот му наредува на слонот внимателно да го земе него со сурлата и да го качи на својот врат – и така махутот, тоа мало човечко црвче, му заседнува на вратот, го вјавнува импозантниот, божествен индиски слон и го тера да оди ваму-таму, онаму кај што сака тој, неговиот господар, а не кај што би сакал да оди слонот, тоа преубаво, раскошно и моќно, но благородно и трпеливо суштество.
Ете, така е и со бедните и ништожни Црни црвци во власта: му прават на народот сѐ што ќе им падне на ум, го тераат до бесвест да се понижува, да коленичи, да се валка во калта, а тој, пак, обесхрабрен и несвесен за својата духовна убавина и благородност, за својата неизмерна големина, и вистинска сила и моќ што ги поседува – само си трпи, и трпи, и трае.
Но, мил мој македонски народе, разликата помеѓу првиот и вториот случај, со индискиот слон и човечкиот црвец, и народот и власта, е во тоа што махутот најискрено го сака, го почитува и го обожава својот прекрасен пријател – слонот, а пак ступидната Црна црвлива власт длабоко го презира и го потценува својот народ, и не помислувајќи дека, за разлика од слонот кој живее според своите инстинкти, народот сепак размислува за тоа што секојдневно го гледа со свои очи, се буди од летаргија, се ослободува од бесмислениот зададен страв, просудува со својата сопствена глава, и одлучува еднаш засекогаш да се справи со бедните и одвратни фашистички, гнасни, Црни црви, што се накотиле и паразитски смртно го разјадуваат.
Народот е посилен од Црните фашистички црви!
Така секогаш било во историјата, така ќе биде и во најблиската препознатлива сегашност.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.