Васко Шутаров
Доаѓаат ли луди времиња и прво што ми текнува се надреалните дела на овој руски класик. Во неговите романи надреалното, научно-авантуристичкото, барем има некаков клуч и „квака”. А има и една интелигентна сатира, на едни сурови времиња од пред стотина години, кои и денес со одредени содржини и појавности, карикатурално ни се повторуваат. Во време на брутален сталинизам се напишани и „Мајсторот и Маргарита” и „Кучешкото срце”. Во колекцијата на писма пишувани до Сталин, Булгаков непрестано моли да му биде дозволено да ја напушти Русија. Според записите, Сталин му одговарил: „зарем толку многу ви одиме на нерви”?
Булгаков бил лекар и за својот живот не успеал да ја доживее славата на своите романи. Новелата „Кучешко срце” на пример, е објавена дури половина век после неговата смрт. Иако милјето е сместено за време на подемот на Сталин, во еден временски интервал помеѓу католичкиот и православниот Божик во Москва, приказната и пораките се универзални и сè уште актуелни.Имено, во оваа неверојатна алегорија и сатира, станува збор за еден уличен повреден пес, кого на улица го наоѓа професор Преображенски и го прибира во својот дом. Песот набргу го вкусува комфорот на еден топол дом. Но, благодарение на операцијата која Преображенски ја врши врз него, со отстранување на продолжениот мозок кој е заменет со хипофиза од починат млад човек, песот почнува да добива облик и карактеристики на човек. И тука почнува пеколот за креаторот на кучето-човек, кој почнува да ги учи многу бргу сите лоши навики на човекот, да краде, пие, пцуе, да прави неред низ станот, а на крај и да стане, раководител на секторот за чистење од животни-скитници во Москва. Финалето на романот можете да го претпоставите. Преображенски мора повторно со операција, од човекот да создаде куче, за да го зачува својот мир и да се поштеди од лудило. И себе и својата околина.
А бидејќи животот пишува романи, посебно изминативе неколку месеци, често и понадреални од велемајсторите на надреалното во уметноста, продолжението на ненапишаното во романите и расказите на Булгаков, ние продолжувме да го живееме интензивно, без никаква посебна најава и подготовка, без клуч и квака за нивно разрешување и скоро без никаква трага од сатира, кон реалното лудило од нашето секојдневие.
Се чини дека наскоро толеранцијата ќе го достигне тоа ниво што на паметните ќе им биде забрането да размислуваат, затоа што тоа ги деградира чувствата на залудените, Булгаков
Кој нема да се зарази од коронавирусот, тешко дека ќе остане имун на другиов вирус што го следи, вирусот на општово лудило на владеење и однесување. А за ова второво, нема спас во ниедна мерка од оние, за социјално дистанцирање. А во држава, која со своите мерки и протоколи, наместо да го амортизира катастрофалниот ефект на коронавирусот врз менталното здравје на луѓето, само уште повеќе го поттикнува, што ли можеме да очекуваме во блиска иднина, во т.н.нова нормалност? Не ковид-координатори насекаде, како што орвеловски деновиве, пропагираат, туку координатори по нормалност, насекаде!, Но најнапред, координатори за нормалност, по сите нивоа и ешалони на власта, бидејќи ако првичниот впечаток беше дека лудилово е строго и добро хиерархиски контролирано, конечиот заклучок е дека максималново ниво на лудило е сигурно системско и потполно излезено од контрола. И водено само од една цел, власт по секоја цена, власт по цена на жртви. Преображенски ни се врати дома, преку власта забегана од секаква рамка на моралност и човечка нормалност?
Преображенски ли вмеша прсти, кога првиот човек за предлагање мерки и протоколи, на јавна сцена ќе ви се пофали дека, џабе мавате по него-“бил издржлив како куче!”. А што да каже обичниот човек, севкупното граѓанство, кое мораше да ги издржи тие мерки, на моменти болни, како после сто удрени стапа по бездомно куче. Малку ли беа ударите по менталното здравје, когасе тренираше строгост со полициски час и вонредни мерки со едноцифрен број на заразени, и нивното потполно олабававување при константно висока троцифрена бројка заразени . Нормален ли беше преминот, кога повозрасната популација се држеше скоро цели два месеци со по два часа можност за излегување од дома, до ширум отворање врати на јавниот градски превоз-и тоа бесплатен. Или, после низа промашени мерки и протоколи, повторно да ги овластиш лицата во угостителски објекти да те легитимираат, сега засилени уште и со финансова полиција. На троцифрена бројка заразени, да предложиш селење од студентски домови и инсистирање на јунско полагање испити, во живо. Па дури и на Клиника за инфективни болести, за студентите на медицина. Дека многу добро стоеше здравствениот персонал со заштитна опрема, па сега и студентите да ја вкусат голготата на голорако соочувањесо вирусот, само во своите бели мантили и потскратени од перење, ракави. Лудичко прилично, нели?
Главен генератор на општово лудило е тријадата: комисија за заразни болести-кризен штаб-техничка влада. Вистинска алхемија се случуваше во тој бермудски триаголник на несреќно балансирани и максимално исполитизирани одлуки. А имаа заеднички шанси за успех, држејќи се само до двата главни стожери за успех, континуирана сеопфатна едукација и постојано тестирање. Да се занимаваа барем малкуповеќе со ова, колку што се занимаваа со сликање, себепромоција и намигнување кон секој што им се чинеше влијателен од политичко-популистички причини, немаше да дојдеме до ова дереџе, до кое сме дојдени денес. До апсолутно отсуство на секаква каузалност и логика во одлучувањето и владеењето. И уште во море од лажни вести, меѓу кои најглавната-„ви благодариме што заедно ја победивме пандемијата”, нè донесе до новава состојба на лажна вест-„под контрола ни е епидемијата”. Преображенски ли е креатор на ова лажливо и лудо заразно време ? Време во кое немаме избор, од кој од двата вируса попрво да се чуваме и меѓу кои од овие две лажни вести, да се одредиме. И конечно, спасиме!
Не е срамно ако се разболиш. Уште помалку е срамно, да се лечиш ако се разболиш. Животно загрозувачко по здравјето на другите, може да биде сокривањето на заболувањето од овој пандемски вирус. Преображенски ли ја измисли директорката на Клиниката за кожни болести, или рашомонијадата поврзана со родилка- „угледна докторка од угледна фамилија”, која давала лажни податоци и позитивна на вирусот се прошетала низ две клиники. Или мноштво матични лекари кои и понатаму, не сакаат да веруваат во сериозноста на пандемската зараза, а во меѓувреме треба да лечат и спасуваат народ од неа. Така лудилото во државава се мултиплицира, нели?
Не е срам и грев да се разболиш, уште помал срам да се лечиш и излечиш. Но нема поголем срам и грев, ако лажеш, манипулираш и крадеш во вакви услови на општа загрозеност од болест и сиромаштија на граѓаните. Половина држава преживува со помалку од 212 евра месечно, а само 20 % од граѓаните и во нормални времиња заминуваат некаде на годишен одмор. Каква ли „преображенска трансплантирана хипофиза” ги тера властите, со ваучери за туризам да помагаат едно вакво општество, доведено до работ на бездна. И скоро половина народ, доведен до работ на брутална сиромаштија.Каква е разликата помеѓу двете владини дами задолжени за економските мерки и Марија Антоанета, на пример. „Ако немаат леб, нека јадат колачи”!. По можност, во некое туристичко место. И сето тоа во ритмот на растанцуваната Афија од едно министерство, во земјава на чудата. И ритмот на организиранава мафија, која и во ваква длабока рецесија кога се губи битката во „танцот со короната”, си штанца пари и капитал, како во своите најдобри времиња. Што мислите, чии „преображенски креации”, можe да бидат овие? Секако, на оној што така вдахновено прв проговори за успешниот танц со короната. Прв проговори и за избори и нè дотера до овде, до пикот на сеопшто лудило во државата. Патем, по свој сопствен наод и за своја сметка, поднесе оставка и го запали маѓепсаниов круг од лудило, во кое политичкото е неприкосновено. Заедно со судството,кое не се срами денес да пресуди, дека тегнењето златни кадринки на една трета Марија Антоанета, значи повеќе лежење затвор, отколку за еден насилно прекинат млад живот. Каде е Преображенски, да ве демонтира?!
Никогаш и ништо не барајте! Никогаш и ништо, особено не од помоќни од вас. Самите ќе ви понудат и самите ќе ви дадат, ќе рече велемајсторот на надреалното, во своите новели. Михаил Булгаков совршено добро продрел во вивисекцијата на умовите на заблудените владетели, дијагностицирајќи ја со тоа забеганоста на властите од сите епохи.И затоа ќе си дојде народот по своето. И затоа, не мора во ниедно доба „хуманитарно” да биде вознемируван. Народотво моментов не бараништо, освен да му биде зачувано здравјето. А, дојдено е време дека нешто треба да се направи. Треба горката чаша на одговорност, да се испие и тоа веднаш!Ништо не амнестира од одговорност. Забеганоста, најмалку!
А, што остана од добрината, во лудиве времиња? Добрината, тој единствен добар метод кога имате работа со живи суштества, запишал Булгаков и останал запаметен во колективната меморија на светот, како генијален мислител и автор. А владетелите и политичкиот терор од неговото време, историјата со срам ги изговорува и памети. Добра поука? Но, за кого…
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.