Дафина Стојаноска

„Мила ми мајко, Јас сум прв твој син и мој долг е да бидам околу тебе, за да не чувствуваш потреба од ништо. За твојата беспределна љубов, за илјадите неволи и сраданија, за безбројните бессони и машителни ноќи, поминати некогаш над леглото над твојот мал, слабичок Луле, јас должам најголеми грижи и неизмерна синовска љубов. Но, можам ли, кога ги чувствуам болките на нашата измачена Татковина, да не се оддадам со љубов на најверен син на нејзиното свето дело? – Маките на татковината се повеќе од сите страданија на секоја наша мајка. И јас – без ни најмалку да те навредувам – се чувствувам повеќе син на втората моја мајка – Македонија, отколку на тебе, која си ме родила. Те молам – во името пак на моите свети чувства кон тебе – да не жалиш, ни да плачеш за мене. Најдоволен ќе се чувствувам, ако ти со своето држење бидеш за пример на другите мајки и сопруги“,  Христо Узунов (1878 – 1905 ), писмо до неговата мајка.

Се навраќам на овој познат македонски јунак, денес, после 115 години од неговата смрт, мислејќи на денешните наши јунаци…

Разговор бр. 1: „Мене ми треба само соодветна опрема. Јас си ја знам работата. Немам гајле. Можеби затоа вака по малку пропаѓам психички… Се плашам поради несоодветната опрема… А, и ми требаше муабет со тебе… Не се плашам за мене, туку се плашам за семејството дома…“

Разговор бр. 2: „Како да влезам кај заразен пациент без маска? Како да одам дома кај син ми, после тоа? Многу се плашам. Пуштени сме на милост и немилост…“

Разговор бр. 3: „Во ова лудило, знаеш што си помислив? Подобро меѓу првите да се заразиме, додека се‘уште има кој да не‘ лечи…“

Ова се само дел од кратките моменти на реалност, а не на слабост… Зашто, и покрај се‘, и покрај поминатите многу тешки денови, нашите јунаци продолжуваат. Да беа во војна, барем ќе го знаеја противникот, кој е и каде се наоѓа. Иако без доволен број куршуми, барем ќе се засолнеа подалеку од него… Ова е бетер од војна. Секојдневно под страв дали ќе се заразат или не, при тоа сконцентрирани да им помогнат на оние кои од нив и во нив гледаат единствена помош. Да беа малку послаби во духот, ќе напуштеа се‘. Длабоко се поклонувам на нивната истрајност!

Овие јунаци нас останатите не‘ молат само за едно нешто – да останеме дома. Зарем е толку тешко? Ако тие не допираат до некој од нас, да пробаме да сочувствуваме со нашите најблиски. Има многу мајки и татковци, дедовци и баби, што копнеат да си ги видат децата и внучињата. Има такви кои живеат сами. Ги мислиме ли нив? Колку подолго трае ова, толку подолго нема да ги видиме и прегрнеме.

Секоја чест на оние кои строго постапуваат по препораките! Но, залудно е ако само еден дел се принципиелни. Треба сите да се, инаку може да се случи овие принципиелните да останат дома и 6 месеци, а првиот ден кога ќе почнат нормално да функционираат – да се заразат од непринципиелните.

Не знам како да се разбере дека е ова пресериозно. Италија не е далеку. Италија ни дојде тука. Ни Дебар не е далеку. Дебар ни дојде во Скопје. Треба ли секој на своја кожа да ја почувствува болката, за да се освести? Зарем не се освестивме доволно? Колективна свест и одговорност?!?Секој еден од нас е дел од колективот. Секој еден од нас треба да е свесен и одговорен. Да мисли на себе и на своето семејство. Да мисли на тоа дека само така ќе им олесни на докторите и дека само така ќе се заштити себеси. А, ако секој се заштити себеси, секој ќе учевствува во колективната свест.

Нашите доктори и медицински сестри се веќе преморени, и физички, и психички. Јавна тајна е нивната лоша заштита. Разбирам (иако не оправдувам) да постои недостиг на здравствена заштитна опрема, но тоа не е причина за истата да не се набави. Имаше време досега, од првиот случај на зараза, за нејзина набавка (а, и пари). Катадневно се бараат обврски и се шепотат можни казни за здравствените работници, а се прашувам кој ќе биде одговорен за нивната несоодветна заштита и нивната секојдневна изложеност на ризик? Каде се обврските на работодавачите и на МЗ кон сопствениот персонал? Секој работодавач, за да бара исполнување на зададените задачи, задолжително треба да обезбеди услови, средства и средина за работа. Секој работодавач должен е законски и да ги исполни условите за безбедност при работа. Затоа, заблагодарувањето пред камери е рамно на хипокризија, во однос на фактичката незаштитеност.

Хипократовата заклетва нашите лекари со цело срце и душа ја имаат пред себе во овие тешки денови, затоа што си ја сакаат професијата. Но, дали некој воопшто ги сака здравствените работници и мисли на нив? Барем сега, кога здравјето на сите нас зависи од нив, наместо да им се расфрлаат со казни и закани, треба да им се обезбеди максимална заштита на нивните работни места и максимална награда за вложениот труд и за нивното неоткажување. Сиот здравствен персонал, од лекари, сестри и болничари, до возачи и хигиеничари, ама баш сиот персонал, имаат дома и семејства. И тие се луѓе од крв и од месо. И тие чувствуваат замор, чувствуваат страв, чувствуваат гнев, чувствуваат одговорност, чувствуваат опасност, чувствуваат болка, чувствуваат грижа и емпатија…

Затоа, да не се вратиме навистина со векови назад, туку да гледаме напред. Да веруваме дека ова ќе го пребродиме со што помалку жртви. Да останеме што повеќе живи и здрави, кои ќе ја продолжиме борбата за повисок животен стандард. Да веруваме дека ќе се избориме запериод во кој докторите, професорите, полицијата и армијата ќе бидат најценетите и најскапо платените професии. Да веруваме декаќе се избориме за тоавистински професионалци да бидат на вистинските места. Да веруваме и да мислиме на убаво утре, зашто денешницата ни се запусти. Да веруваме дека е можно, за да стане реално.

За крај и најважно, да веруваме во истрајноста на нашите здравствени работници, во истрајноста на полицијата и армијата, но и да им помогнеме со нашата свест и одговорност. Останете дома и молете се за нашите јунаци…

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.