Васко Шутаров

Пред пет години, Јапонците почнаа да алармираат за една нова модерна болест со која се зафатени неколку милиони млади Јапонци. Станува збор за млади кои затворени во четири ѕида и во своеволно избрана самоизолација, сето свое време го употребуваат за сурфање по Интернет, на социјалните мрежи, на гледање филмови или играње видео-игри. Јапонското министерство за здравство оваа популација ја нарекува „Хикикомори” и превзема сеопфатни програми за ресоцијализација, во кои се вклучени и здравствени, социјални и културни работници. Се смета дека доброволно избраната самоизолација, која трае непрекинато неколку месеци по ред, предизвикува сериозни социјални проблеми, кои после шестиот месец предизвикуваат и подолготрајни процеси на прилагодување во реалната социјална средина.

Да не беше другава пандемија од Далечниот Исток која исто така го покори светот за многу кратко време, и „Хикикомори” ќе си останеше болест од маргините на светскиот интерес, социјална девијација со која сериозно се занимаваат засега само јапонските здравствени, социјални и културни институции. Но, хикикомори надвор од прецизното дијагностицирање од јапонскиот здравствен ресор, во обичен народски жаргон веќе подолго време претставува синоним за несоодветно и нестандардно социјално однесување, термин што означува социјално отуѓување (или социјална алиенација, кажано со речникот на мекиот комунизам и/или пост-модерниот дискурс на урамниловката).

Хикикомори има димензии од несомнен пандемски вид. Магичната привлечност на виртуелното, растеретена од реалното постоење на сè посуровите правила во борбата за животна егзистенција и опстанок во реалниот живот, парализира и од интелектуален и од социјално-културолошки аспект милиони, претежно помлади луѓе. Статистички, најголем процент од таа популација се млади кои штотуку дипломирале и завршиле дури и престижни студии, но не е мал процентот и на помлади, како и на повозрасни публики, пасионирни следбеници на виртулните трендови.

Кога еден ден, ќе заврши глобалната самоизолација, која веќе неколку месеци ја поминуваат неколку милијарди луѓе, паралелно совложувањето медицински напори во зајакнување на колективниот и поединечен имунитет против новиот вирус, здравствените власти ќе мора да се справуваат и со последиците од хикикомори-синдромот на милиони луѓе, кои во меѓувреме во месеците на наметната самоизолација станале на некој начин зависници од своите смартфони и слични технолошки новотарии, во своите четири ѕида. Кој ќе го преживее чудниов комплет од овие два источни вируси, ќе може еден ден надолго и нашироко да раскажува, што навистина ни се случуваше во лудите месеци на глобална самоизолација.

А дотогаш, во голема мерка немоќни пред вонредните правни алатки и сретства на правната држава исто така ставена во карантин,  ќе можеме од своите четири ѕида да укажуваме, сугерираме и апелириме на неадекветните и нестандардни политики на нашата техничка влада. Влада, која требаше само низ неколкумесечно техничко владеење, да нè превезе со каква-таква нормална политичка кондиција до првите следни избори. И на која и падна зарчето, да нè води и во вонредна состојба и да носи вонредни правни уредби со законска сила, за да се зачува јавното здравје но и пристојно и одржливо ниво на јавната благосостојба, со која би ги преживеале овие неколку вонредни месеци од нашите животи. Многу од овие одлуки и уредби поврзани со коронавирусот се контроверзни и високо индикативни како за типична хикикомори отуѓеност од вистинските реални проблеми во актуелниов миг во државата.

Како поинаку да ја објасниме несреќната одлука за намалување на бројот на автобусите во градскиот сообраќај, во главниот град на државата, во кој живеат скоро половина од граѓаните на државата. Среде нагорен тренд на ширење на заразата со коронавирусот, среде кампања за пристојна одалеченост од другите, да гледаме неверојатни сцени со пренатоварени градски автобуси во кои секој секому му дише, во лице или врат. Таква одлука може да донесе само некој што со години, може и децении воопшто не влегол во градски автобус, не почекал ред пред билетара за автобуска карта. Социјалната отуѓеност од реалниот социјален живот на граѓаните, во услови на носење вонредни мерки без граѓански одговор и отпор кон нив, носи и вакви неадекватни и социјално контроверзни одлуки, на штета на севкупната општествена и државна акција во заштитата од пандемскиот вирус.

Да се тврди дека цените на прехрамбените и продуктите за заштита и лична хигиена останале на исто ниво од деновите на почетокот на здравствената криза, а во меѓувреме реално се зголемиле и за повеќе од 100 % е типичен социјално отуѓен концепт, од комплексот владини социјално-слепи акции, кои останаа само мртва буква на хартија. И упорно продолжува владиното слепило, пред ова типично трговско профитерство во вонредни услови на живеење. За очајните апели за дефицитарни лекови на домашниот пазар, за кои владата исто така покажува хикикомори симптоми, да се надевамедека нема да имаат никаква фатални последици по животите на здравствено загрозените граѓани. За гласните апели на опозицијата, максимално да се заштитат сите здравствени работници, молкот на властите е типичен хикикомори однос кон проблемот- како да не постои! А реално, најголем дел од здравствените работници сами се снабдуваат со заштитни сретства и дезинфициенси. Како знаат и умеат. И голораки се справуваат пред најсилните налети на пандемскиот вирус.

Посебен хикикомори синдром го има зафатено ресорот надворешни работи. Тоа и во нормални околности е еден социјално отуѓен слој, посебна каста што со години не ги споделува проблемите на обичните граѓани. (секоја чест на одредени исклучоци од правилово). Оттука и не чудат апелите за достапност, поточно крикот за помош на илјадниците наши сограѓани заглавени помеѓу границите на до вчера, апачик отворените Шенген граници, или по аеродромите ширум светот. Што знаат обичните гумени ракавици за заштита на рајата, за гласе ракавиците на дипломатските кнезови и кнегињи од нашите недопирливи бастиони од ресорот дипломатија? Смеат ли да бидат преку викенд и вон работно време деранжирани, дури се неглижирано з(а)грижени низ дипломатските резиденции, па макар се случувала голгота за преживување, на илјадници граѓани надвор од границите на државата? Јапонските дипломати попрво би направиле харикири, ако им се случат такви непријатности со нивните сограѓани. Нашиве, после пандемијата со коронавирусот, ќе мораат секако на поблага терапија за лечење од хикикомори- дипломатски синдром.

Од истиот социјален синдром , посебни страда ресорот одбрана. Првиот човек на одбраната е личност што преку две децении е во врвот на македонската политика, но е и парадигма за политичар- комплетно отуѓен од социјалниот контекст во кој живеат македонските граѓани. Таа е наједнаква од сите еднакви граѓани-и според Орвел и според принципите на мекиот комунизам од каде е и изнедрена како продукт. И не чудат нејзините благоглаголиви испади, кога цела македонска јавност ги виде состојбите во војничката касарна во Пепелиште. Било кој европски министер за одбрана, да беше фатен во така запоставени и нехумани услови за престој, како што мобилните телефони ги одбележаа со кадри од касарната во Пепелиште, ќе облечеше војничка пижама и барем една ноќ ќе останеше да сподели животни услови со војската, какви што сите видовме преку медиумите. А со нејзиниот престој, можеби барем малку ќе се упристоеше тој комплетно запуштен војнички простор. И како секој вистински европски министер за одбрана, ќе приготвеше барем еден војнички појадок за присутните војници. Со надеж, дека рецептот за домашно пире не е заборавен, а прилогот од добро сварени виршли, ќе беше ептен во склад со најновиот владин ПР арсенал, за урамниловка. Впрочем виршлите се така ИН, откако ги промовира токму нејзиниот политички лидер, исто така наједнаков меѓу сите еднакви во државата.

Убеден сум, дека нема здраворазумен човек што не стиска палци и не дава сè од себе, да успеат мерките за заштита на државата и граѓаните од општата закана од пандемскиот вирус. Секој на свој начин, во најголем дел со скромни ресурси и наоружани самосо добра волја и надеж, се справува со наметнатите услови на самоизолација и максимално редуцирани социјални контакти. И затоа, не внесувајте дополнителен хаос, адреналин, нервоза и лудило од непромислени одлуки, господо носители на важни политички одлуки, почитувани членови на техничка влада, почитувани градски татковци и членови на опшински совети. Консолодирајте се, интегрирајте ги експертите и стручњаците кои не ги делат вашите политички ставови, споделете барем сега малку повеќе одговорност, однесувајте се барем малку надвор од вашиот веќе стекнат хикикомори синдром, што сериозно ве одвојува од вистинските проблеми и реални состојби во животот на граѓаните.

П.С. И не се занимавајте и губете време со, за вас лажни вести! Но не прикривајте информации!„Во време на сеопшти лаги, да се зборува само вистината е револуционерен чин”. Или мислевте, со урамниловката лесно ќе ви оди и лакировката? А деца, наследници на црвената буржоазија?

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.