Петар Поп-Арсов
Уште десетина дена до изборите. Се приближуваме кон моментот на вистината, денот на одлуката. Денот кога македонскиот граѓанин за момент ќе ја земат власта во свои раце. Ќе владее десттина-дваесет секунди зад параванот и после три-четири чекори кон гласачката кутија, повторно ќе ја врати во рацете на својот политички фаворит. Толку трае власта на секој македонски граѓанин. Половина минута! Половина минута која определува како ќе живееме во следната, безмалку половина деценија. Оние што ќе апстинираат, откажувајќи се од својата половина минута власт, ќе ја препуштат одлуката за сопствената иднина на милост и немилост на волјата на останатите. Вреди ли да се откажуваме од нашето право на глас, препуштајќи ја одлуката за сопствениот живот и животите на сопственото семејство на некој друг?
Секако дека не!
Треба да се излезе и да се гласа, да се пренесе одговорноста и да се префрли теретот на оние кои што се нафатиле и обврзале дека истиот тој терет ќе го носат. „Нафатиле и обврзале“ некако не „лепи“ на нашата сурова реалност. Не е соодветна формулација за оние кои што успеале да „доползат“, да се „излактаат“ или пак заслужено да се пробијат до можноста да бидат препознаени и избрани како народни претставници. Но, тие се! Поарни веројатно немаме, и за нив ќе си гласаме.
Кампањава е специфична. Кампања под маски и во ракавици. Во буквална смисла на зборот. Многу малку слушаме за политичката понуда, за визијата на политичките партии, за проекти, за досегашни или идни остварувања. Особено не за проектите на оние од власта. Едните раскажуваат приказни, другите бараат албанец премиер, третите како приврзоци молчешкум се обидуваат да се дограбат до некоја фотеља. Како и би слушале кога реално нема ништо реализирано во последниов мандат на Владата. На дебатите гледавме парадоксални обиди да се убеди јавноста во илузијата дека се реализирани бројни проекти, километри и километри автопат, за кои што на само едно обично прашање „Кои се тие, проекти, кои се тие километри автопат?“, се остануваше без текст. Се остануваше целосно без маска, онаа политичката, па ниту задолжителната хируршка не можеше да го скрие срамот на грдото лице на македонската политика од последниов владин мандат.
До пред само два три дена, не слушавме ниту збор во кампањава за датумот за преговори. Оној датумот, кој што три пати беше славен. Ниту пак до пред ден-два слушнавме нешто за преговарачката рамка, на која официјален Брисел интензивно работеше во меѓувреме. Не слушнавме ниту за тоа каков е македонскиот официјален став во однос на бугарските позиции околу македонскиот јазик, кои го обременуваат и го одолговлекуваат дефинирањето на преговарачката рамка. Зарем процесот на подготовката на нашите преговори ќе го гледаме од страна, без цврсто да застанеме зад нашите позиции во одбрана на она нашето, македонскиот јазик? Ќе ја преставуваме ли Нацрт-верзијата на преговарачката рамка како успех и дефинитивно завршена работа? Ќе ја користиме ли како предизборено пакетче од ЕУ бирократијата во функција на изборите за „социјално загрозената власт“, која што ЕУ ја третира како „ранлива категорија со посебни потреби“? Уште ли ќе се служиме со најбезобразни лаги и манипулации, велејќи дека работата е завршена, а всушност таа допрва почнува меѓу двесет и осумте земји членки на ЕУ?!
За нас се работи, за преговорите на нашата земја! Има ли некаква реална активност на Владата во однос на ова прашање, за кое јавноста заслужува одговор? Имаме ли став, имаме ли некакви црвени линии? Или можеби ќе останеме на онаа магента нијанса благодарение на розовите очила кои што постојано ни ги набиваат на нашите глави.
Досегашната „силна поддршка“ од официјален Брисел, со која не мафтосуваше владата во заминување, овој пат се сведе на една обичен предлог документ, кој за жал, поради моментот во кој што се појавува, има исклучиво манипулативна цел. Не видовме некој од европските политичари, „пријатели“ на оваа власт, да се појави на некоја конференциска врска и да ги пофали за остварените резултати. Веројатно срамот е голем. Голем заради обострано неисполнетите обврски и ветувања. Голем заради отсуството на конкретни резултати. Речиси е невозможно и ќе претставува политичко самоубиство доколку европски политичар се обиде да влезе во сферата на непознатото и живиот песок на корупцијата, рекетот и непотизмот на македонската политичка и судска димензија. Ги нема да се редат како што се редеа непосредно пред референдумот, во знак на поддршка на политичките структури, кои овој пат повторно бараат власт.
Потполна изолација! Незнам само кој е поизолиран во моментов? Дали е тоа македонската владејачка елита или обичниот македонски човек, кој што благодарение на неспособноста во менаџирањето со Ковид-19 кризата, стана најизолираниот граѓанин во Европа, „чекајќи го моментот на сопствената инфекција“, надевајќи се дека ќе помине со поблаги симптоми. Изолираната власт, бара поддршка од изолираниот народ! Така некако изгледа грдото лице на македонската политика.
Но затоа слушаме бомби. Тука нема ракавици. Слушаме бомби кои секојдневно и дополнително ги симнуваат политичките маски на „борците за живот“ и „борците за „едно општество за сите“. Бомби кои се повеќе и повеќе го откриваат грдото лице на македонската политичка елита. Слушнавме и за кафанскиот план од „два часа и седумнаесет минути“ за „односите“ со идните партнери, коалициони, или пак за интимните односи со „шарените борци за правда и мир“.
Не сум сигурен колкав е ефектот на ваквите бомби, кои доаѓаат од сеуште неидентификувана адреса, а чија што цел е да го откријат грдиот лик на македонската власт. Ликот им го знаеме! Им го знаеме и грдиот лик и нивното делото. Ја видовме двојазичноста! Го видовме неуспешниот референдум за успешна промена на Уставот! Го видовме хибридниот режим во целата своја раскош на убивање на правната држава и владеење на правото. Видовме политички прелети во Собранието. Видовме кандидати и пратеници кои го „исмејуваа зајакот“ на отворена сцена, за истите сега, удобно сместени на добитни места на кандидатските листи, се борат истиот тој, од нив исмејуван „зајак“, да продолжи во својот деструктивен поход. Во отсуство на „лавови“, „зајаци и други глодари“ ќе ни се нудат како опција да ни ја водат државата.
Тоа е грдото лице на македонската политика!
Бомбите само ќе ја зацврснат решителноста кај оние кои веќе се решени и определени за кого ќе го дадат својот глас. Но, дали ќе пружат поинаква опција? Дали ќе овозможат алтернатива на деструкцијата на македонскиот политички систем и се поизвесната економска катастрофа која ни претстои со ваква власт на чело, и ваков хибриден режим на дело. Можеби требаше порано да се слушне она што денес го слушаме, за да сега, на десет дена пред избориве, нема дилема кој е кој во приказнава, а целиот фокус да беше ставен на промоција на проекти и излезни решенија во кои секој граѓанин ќе го препознае своето место под сонцето на македонската земја.
Добро би било опозицијата да се фокусира на проекти. Да го остави грдото лице на власта самата да си го носи и самата да го презентира пред македонските граѓани. Нека батали веќе „обиџуко, тангузија, сидра, концентрациони кругови, рибите кои смрдат од опашака“ и сличните небулози, да ги користи во функција на неформална кампања која што го дефокусира македонскиот граѓанин од потребата од реални проекти. Немаме корист од тоа! Потребно е да слушаме за политичка визија! Потребна е промоција и видливост на политичката програма! Потребно е секој проект да допре до последниот македонски граѓанин за да се надмине перцепцијата дека сите се исти! Само позитивниот пристап и промотивно ориентираната кампања кон проектите кои го засегаат македонскиот граѓанин можат да овозможат додадена вредност до денот на изборите.
Власта нека продолжи самата во обидите да го искрши огледалото во кое го гледа сопственото грдо лице. Она што го гледа е само одраз на реалноста, а реалноста нема да исчезне со едно замавнување кон огледалото!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.