Васко Шутаров

Во јануари 2004 година фондацијата „Светски градоначалници“ го почна проектот за избор на најдобри градоначалници во светот. Целта беше да се привлече вниманието на јавноста за работатата на градоначалниците, да добие видливост добрата градоначалничка практика, како и да им се оддаде почит на оние коишто добро им служеле на своите заедници и придонеле за нивната благосостојба, како во национални, така и во меѓународни рамки. Најистакнатиот градоначалник според гласовите и коментарите од јавноста, ја добива титулата „Светски градоначалник“.

Престижната награда на меѓународниот тинк-тенк за локална самоуправа, во меѓувреме, стана провокација за сите градоначалници во светот за фер и отворен натпревар, како и за оценка на нивната визија, страст, посветеност и вештини да ги направат своите градови најдобри можни места за живеење и работење. И не само тоа, организаторите на ова веќе престижно натпреварување рангираат градски татковци кои се одликуваат со квалитети како што се: менаџерски способности и интегритет, чесност, социјална и економска свест, како и посебно изразена еколошка свест, способност да поттикнуваат чувство за безбедност и сигурност, како и волја да негуваат добри односи меѓу заедниците од различно културно, верско и социјално потекло. Ова последново претпоставува и надминување на политичките разлики, не протежирање на политички истомисленици или исклучување на политичките опоненти од локалните процеси. И гледај чудо! И такви добри практики низ белиов свет вистински постоеле?!

И не само во белиот свет. Чудата од добри градоначалнички практики, според класификацијата на влијателната веб-локација „citymayors.com“ за избор на најдобар светски градоначалник, никогаш не го одмина и нашиов регион и нашето поблиско соседство. Па така, уште првододелената награда за најдобар светски градоначалник во 2004 година ја добива тогашниот градоначалник на Тирана, Еди Рама, и тоа во една силна конкуренција со градоначалниците на Мексико Сити, Атина, Париз и Хирошима. Еди Рама, денес албански премиер широко познат и во меѓународни рамки, својот профил и имиџ на сериозен политичар го креираше уште за време на својот градоначалнички мандат.

И втората престижна титула „Светски градоначалник“ во 2006 година оди во рацете на градоначалник од нашето непосредно соседство. Дора Бакојани, тогашната градоначалничка на Атина силно поддржана не само од нејзината заедница, туку и од илјадници гласови од многу други европски држави, Cеверна Америка и Австралија, се стекнува со титулата „Најдобар светски градоначалник“, по одлично организираните Олимписки игри во Атина, но и поради јасната визија и моќ да го трансформира градот во корист, пред сѐ, на Атињаните. Во февруари 2006 година, Бакојани стана и прва жена министерка за надворешни работи во Грција.

Уште еден актуелен политичар од нашето непосредно соседство, најпрво во градењето на својата политичка кариера, блесна како градоначалник. Во 2008 година во потесен избор за најдобар светски градоначалник се појави името на тогашниот градоначалник на Софија, Бојко Борисов, кој во финалното рангирање се најде како втор најуспешен европски градоначалник, веднаш по градоначалникот на Антверпен. А и на изборот во 2012 година, на пример, силно блесна името на Зоран Јанковиќ, градоначалникот на Љубљана, а во 2014 година во потесниот избор на најдобри во светот, се прочу името на солунскиот градоначалник Јанис Бутарис.

Поточно, двојна е користа од ваквото натпреварување, светската јавност дознава за одреден успешен градоначалник, но секогаш нешто повеќе научува и за градовите чии градоначалници биле номинирани за престижната награда. Изборот во 2018 година пак, беше посветен на најдобрите градоначалнички во светот, а јавноста дознава дека моќни светски и европски метрополи се водени од успешни лидерки, како Париз, Прага, Осло, Стокхолм, Цирих, Мадрид, Барселона, Анкона, но и Букурешт и Софија од нашиот поблизок регион.

Кампањата за избор на најдобар светски градоначалник во тековнава 2021 година, се водеше под мотото „За посилни, пофер и позелени градови“. Во времиња во кои човековите и граѓанските права и слободи во многу делови во светот за време на пандемијата беа и повредувани и ограничувани, изборот за најдобар светски градоначалник помина во духот на охрабрување кон оние градски татковци на големи метрополи, средни и помали градски средини кои најмногу држеа до почитувањето на правата и слободите на своите сограѓани.

Интересно е, на пример, што е она што издвојува еден градоначалник од 15.000 жители, колку што има францускиот град Сен-Омер, од многу други слични по големина градови низ Европа и светот? Или, што е тоа што Франсоа Декостер го направи, а не го направија стотици други градоначалници на мали гратчиња од 15.000 жители? Во неговото досие за натпреварот пишува дека е „страстен Европеец со силни локални корени“, кој успеал едно мало место да го направи препознатливо и во поширок меѓународен контекст. Функционално, спокојно и, пред сѐ, полно со зеленило гратче, во кое еколошката акција иницирана токму од Декостер „За секое ново раѓање – ново дрво“, стана симпатичен пример кој го следеа бројни други локални самоуправи.

Или, пак, наградата за градоначалникот на италијанскиот град Сан Белино, за кого во сите коментари што го чинат неговото досие пишува дека е „авангарден градоначалник со силно изразена етичка, граѓанска и социјална визија, а истовремено и исклучително позитивен и добар човек“. За време на својот мандат, успеал да ги сруши сите архитектонски бариери и да го направи Сан Белино град во кој лицата со физичка попреченост ќе можат да се чувствуваат како во свој вистински дом. И тоа не е сѐ! Во една вистинска социјална и еколошка лабораторија, како што е наречена локалната самоуправа на Сан Бенедето, креирана е еколошката акција „Да ја насмееме долината на реката По“, за која Сан Бенедето подарил 70.000 раскошни дрвца за сите општини покрај кои поминува реката По. „Ако можеме малку, тоа е сигурен знак дека можеме многу“, е победничкото мото на Алдо Д’Ахил, градоначалникот кој својот град Сан Белино го направи уште толку познат и атрактивен град.

Или градоначалникот на еден од најсиромашните градови во Франција, Грињи, порано познат само по жестоките судири помеѓу локалното населението и полицијата во 2005 година. Филип Рио, еден од најдобрите светски градоначалници во 2021 година, од Грињи создаде своевидна национална социјална лабораторија во која изворно се решаваат структурните причини за сиромаштијата. Бесплатни оброци за учениците во училиштата, зголемена поддршка за самохраните мајки, стратегија за вработување на младите, а агилниот Филип Рио успеа да добие значителна државна помош за создавање нови образовни и културни простори, како и за облагородување на јавните простори. „Културата, тоа е онаа друга гледна точка која како заедница најмногу може да нѐ облагороди“, ќе каже наградениот градоначалник Филип Рио.

И за останатите четворица најдобри градоначалници во светот за 2021 година, градоначалниците на Ротердам, Мајнхајм, Анкара и Братислава, заеднички именител е визијата за локалната заедница како едно семејство, визијата за похуман град каде што луѓето ги разбираат проблемите на другите, се потпираат едни на други, се инспирираат едни од други и си подаваат меѓусебно рака во тешки моменти. Градоначалникот на Ротердам, град во кој живеат преку 170 различни етнички заедници (и самиот е поранешен мигрант), е пример за градски татко кој лично ги организира и води првите заеднички состаноци и обиди за локално вмрежување на новодоселените жители на Ротердам. Или успешните обиди на градоначалникот на Анкара, кој во функција на што подобро менаџирање на кризата со пандемијата, успеал за многу краток период да ги поврзе и вмрежи преку интернет и најодалечените периферни и крајно сиромашни квартали на турскиот главен град.

…………….

Деновиве, кога караванот со новата понуда за идни локални лидери ја крстосува Македонија, што да се посака? Најпрво, да не ги повторуваат грешките на нивните претходници! Никогаш да не заборават дека најважните работи кои ги очекуваат граѓаните од нив се и оние кои најмалку чинат, а најмногу вредат: скромноста, посветеноста, добрината, позитивноста и љубовта кон својата локална заедница и своите сограѓани. Од најдобрите светски практики и од најдобрите градоначалници на сите континенти, разбираме дека тоа е не само можна, туку единствено исплатлива и успешна мисија. Да се биде со двете нозе на земја, можеби е најтешкиот и најхрабриот чекор, но и единствен кој еден ден може да ве направи голем!

И што уште? Да проектираат град кој нема да биде мајка за едни, а маќеа за други. Да вклучуваат и вмрежуваат, а не да разделуваат и отфрлуваат, па да бидат за некои татковци, а за повеќето очуви. Да му се посветат на градот како на свое семејство, да не заборават да одат пеш, да возат велосипед, да се возат со јавен превоз, да продолжат да пазарат и непосредно да ги видат и решаваат проблемите. Да не си дозволат да се повторува лошата пракса со градоначалниците во заминување, на кои странски дипломати им ги чистеа градовите, странци кои се грижеа за вдомување на бездомните кучиња, ѓубриња кои се таложеа и палеа насекаде, дрвца кои никој не ги засади и зелени површини кои кој стаса ги доуништи! Да не си дозволат повторно култура која најчесто ќе се сведува на скапа естрада за сопствени каприци, да не си дозволат аздисување од богатење додека сограѓаните им тонат во долгови за режиски трошоци. Да заборават конечно на корупција, непотизам и тендери во кои ќе го препознаваат сопствениот и интересот на партиските или лични пајташи, да престанат во политичките противници да гледаат животни непријатели, а во народот редовен виновник за сѐ! И за комарците и за нерасчистениот смет и за катастрофалниот воздух и за неисчистените шахти, и за водите и за калта по улиците, за хаосот во сообраќајот и узурпираните тротоари, за архитектонските бариери за лицата со попреченост, за бетонираните дрвја и за историските споменици што дојде ред странци да ги чистат и одржуваат. Таквите, слободно пуштете ги низ вода!

Поучени од искуството, знаеме дека сѐ што им се посакува на другите може реално и да се оствари! И ако во секоја можност за избор се крие подеднакво и шанса за подарок и шанса за проклетство, вистински предизвик е можноста конечно да се препознаат градски власти кои можат вистински да бидат повеќе подарок и за граѓаните и за севкупната локална заедница. Градски власти кои ќе го доживуваат градот како мајка за сите, а самите себе, како градски татковци на сите! Ништо повеќе и ништо помалку од тоа! Пенкалото е во нашите раце, а со него повторно и тркалото!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.