WE’RE OUT! Така прекрасно и вистински револуционерно одекна тој, со полни гради извикнат британски восклик на 31 јануари 2020!
Блазе си ви, почитувани Британци!
Тој неминовно очекуван и неизбежен, свечен ден, тој убав петок, ќе биде забележан и запомнет како еден од најважните датуми во поновата историја на Европа, како непобитен „медицински” предупредувачки симптом дека онаа одамнешна, крајно благородна социо-политичка идеја на големите филозофски и хуманистички умови Анри д’ Сен-Симон (1813) и Михаил Бакунин (1867) за една заедничка Европа на среќни рамноправни народи, – на која, патем да речеме, ЕУ воопшто не се потпираше, ниту кога и да е ја истакнуваше како своја основа и темел, – до бесмисла е багателизирана и евтино распрчкана на глупости од безидејни, однатре сосема празни политички прематари и новоевропски фашизоидни кариеристи, глупи и грди артисти на една лажна, нарцисоидна меѓународна „елита”, потоната во длабоки, меки, топли, бриселски кожени фотељи, опиена од својот „висок” „лет во место”, сосема обневидена и слепа за стварноста во Европа и во светот, и за нивните, токму од нив самите изневерени и бедно предадени највисоки хуманистички идеали и вредности, безобѕирна и бесчувствителна, носена од своите опасни, налудничави, но за жал, маркетиншки вешто дизајнирани, идеолошко-политички заразни, и скапо продадени освојувачки и поробувачки амбиции и цели.
Хистеричниот климакс на тоа мрачно, унитаристичко, окупаторско евроатлантско лудило најочигледно се виде во случајот на страшниот, насилнички, а во својата антицивилизациска непојмливост апсолутно фантазмагоричен етноцид извршен над македонскиот народ, преку квислиншката и големоалбанска власт на нивната валкана продолжена велепредавничка рака Зоран Заев и неговата аморална политичка, корумпирана и кримогена клика, што ЕУ, со нескриена, дури сосема разголена црна дипломатија и подмолни меѓународни интриги, заедно со САД и НАТО, грубо ни ги инсталира во Република Македонија за да ни ја поништат татковината и да ја избришат од лицето на светот.
Со конечното излегување на Обединетото Кралство од оваа историски, културолошки, и пред сѐ економски непоправливо асиметрична заедница, на ЕУ ѝ згасна една од најмоќните и најважни ѕвездички на небото, а ѝ останаа уште оние 27 за да може и натаму, како и досега, без компас да си патува по своето безидејно бирократско, унитаристичко и антихуманистичко мочуриште, сѐ додека не ѝ се изгаснат уште оние неколку ѕвездички што исто така веќе сериозно почнаа да трепкаат. Зашто, по бергзит, лека-полека, едно-по-друго ќе следат и други егзити, и само во таа смисла актуелниот ЕУ-фатализам по британското достоинствено WE’RE OUT! има точна прогноза. Сите други економско-политички и ини застрашувања и катастрофични предупредувања што се слушаат од ЕУ се само очајнички одгласи на доживеаниот пораз и на една тамошна голема, сериозна паника и загриженост. Но, веднаш да речеме, нема ништо од тие баучи, нема да се случи ништо особено, па ниту на Британците, барем не ништо полошо од она што досега го имаа со оваа и ваква криво насадена и расклатена Европска Унија. Се разбира дека секој радикален пресврт каков што е брегзитот носи и нови, радикални предизвици, па така и за Обединетото Кралство, но по кратко економско „боледување” и престројување сѐ ќе си дојде на своето место. Обединетото Кралство не е од вчера. Да беше Обединетото Кралство од вчера немаше ни да излезе од ЕУ.
На ова место сакам да потсетам на срамната, примитивна, дрска „царска” закана на донеодамнешниот „прв човек” на ЕУ Жан-Клод Јункер, бесно искажана веднаш по успешниот британски референдум за брегзит. Тој, инаку, многу често „развеселен” еу-господин со рало чевли во две бои (од кои едната розова), кого при неговото заминување во дебела евро-пензија, заработена врз кутрите ЕУ-надежи на европската „периферија”, фасцинирано, втренчено загледана во ЕУ, каква што е денес и нашата тажна Македонија, најпреданите бриселски еврофундаменталистички лигуши емфатично го нарекуваа „најголем и најзаслужен европски политичар”, е тогаш, значи, по успешниот референдум за брегзит, тој „господин” колку што можеше најбедно и најниско изјави дека на Обединетото Кралство ЕУ толку ќе му го отежне и ќе му го згнаси излегувањето од Унијата, што никому повеќе тоа нема да му падне на ум. И навистина сторија сѐ што можеа процесот на брегзит сериозно да го отежнат, да го разнишаат, да го закомплицираат, и околу тоа прашање што повеќе да ја поделат и да ја поколебаат британската јавност, надевајќи се дури дека Британците на крајот и ќе се откажат од излегувањето. Познато е низ кои и какви сѐ политички искушенија, паѓања на влади и вонредни избори поради тоа мораше да помине Обединетото Кралство. Но еве, на крајот се виде: на Обединетото Кралство му се гнасеше само секое понатамошно останување во таа и таква нецивилизирана и нетолерантна ЕУ, за која премиерот Борис Џонсон сосема јасно и недвосмислено изјави дека претставува фашистичка организација. Па затоа, ако некому навистина нешто сега му се гнаси, тоа секако е ЕУ, која ја доби оваа силна, заслужена меѓународна политичка и економска шлаканица од која тешко ќе се опорави, па дури и веднаш утре топтан да си ги прими Македонија, Албанија, Црна Гора, Косово, Србија и Босна и Херцеговина.
Знам, звучи многу смешно – но навистина е смешно. И тажно, додавам.
Затоа, повторно очигледно најсериозен меѓу ЕУ-лидерите, францускиот претседател Емануел Макрон – и единствено тој! – како и во случајот со проблемот на проширувањето, и овојпат беше апсолутно во право кога во првата изјава дадена по конечното излегување на Обединетото Кралство од Унијата загрижено рече дека тоа е големо и сериозно предупредување за Европската Унија. Предупредување, кое, само да се потсетиме, во последниве неколку кризни години на ЕУ не е прво, па дури и од самиот Макрон, но и покрај тоа во Унијата ништо не се смени, ниту пак се гледа оти нешто ќе се менува, освен што се сменија дел од функционерите и пратениците по неодамна одржаните парламентарни избори.
Кога станува збор за Македонија, во светлината на овој голем, историски, навистина слободарски и ослободителен потег од страна на Обединетото Кралство, треба да се рече дека за нас уште не е доцна. Граѓаните на Република Македонија имаат неотуѓив личен и колективен мандат на претстојните предвремени избори да им дадат „крошничка” на сите оние компромисерски политики и политичари кои секојдневно, до здодевност се колнат во својата верност и преданост на евро-атлантските процеси, и натаму зашеметено се загледани кон веќе апсолутно пропаднатиот политички проект што се вика Европска Унија.
На крајот да спомнам дека истиот тој Борис Џонсон, уште како градоначалник на Лондон, а непосредно пред Република Хрватска да стане членка на Европската Унија, најискрено им пожела на хрватските граѓани никогаш, ама никогаш да не влезат во ЕУ.
Ах, да им дојдеше барем една таква искрена порака од истакнат европски политичар од типот на Џонсон и на нашите збунети и опасно измамени македонски граѓани! Но, се разбира, случајот на Македонија е една сосема друга, болна, недоприкажана приказна, а самата таа сѐ уште е атрактивен предмет на подмолни меѓународни поткусурувања, интриги и незаситни туѓински интереси и посегања. Затоа ни останува само уште еднаш ние самите сериозно да се замислиме и да се запрашаме во кое тоа и какво несигурно трло или волчјо дувло нѐ тераат бриселските и домашните овчари, а ние како загубени овчички послушно, со наведнати глави си трчкаме кон таму.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.