Никола Србов

Насловот на оваа колумна би бил одличен за поднаслов содржан во последната глава од некоја историска читанка која ќе се пишува во 2048 година. Сакам да верувам дека би била последна глава заради историска дистанца а не заради неизвесноста од понатамошно опстојување на оние за кои ќе се пишува во читанката. Јас сум човек кој верува дека нештата не се непроменливи, само потребна е желба и верба, па ова да се вбројува како пораз но не и како долготрајна и конечна загуба.

Големите државници, како во минатото така и денеска, внимаваат каков наслов ќе носи делот од историската читанка во кој се обработува периодот во кој тие делувале. Така е со големите државнички имиња од моќните земји кои гледаат кон иднината. За жал, кај нас самодекларираните прогресивни ликови не би го препознале визионерството во ваквото размислување отфрлувајќи го како ретроградно, неразбирајќи дека тука станува збор за иднината а не за историјата. Токму заради ова ние не спаѓаме, ни блиску, во редот на земјите чии историографии се пополнети со големи државнички имиња. Немојте да се правдате дека ние не можеме да го бараме својот Бизмарк, Де Гол, Черчил, Вилсон, Рузвелт, Реган, итн. не се правдајте бидејќи и наши соседни држави имаат големи имиња, големи барем за нивните земји и народи.

Не знам дали нашиот премиер и нашиот министер за надворешни работи знаат како се отворило македонското прашање, од каква криза произлегло и на кој Конгрес добило формално значење на отворено прашање. Имаат советници па нека им кажат, ние тука доволно е да нотираме дека прашањето се отворило после криза која однела илјадници животи. Впрочем, такви прашања се отвораат и се затвораат после големи потреси проследени со големи судири и војни во кои заминуваат илјадници човечки животи. Се надевам дека го знаат барем ова, тоа е основно.
Кај нас јавноста не е свесна колкаво визионерство носеле ликовите од нашата историја кои, секој во својот период, го преземале лидерското место, било тоа во некоја организација, движење или слично. Точно 140 години во делувањето на Македонците постоеле две главни интенции, првата била – да се создаде независна македонска држава, втората била – по никоја цена да не се дозволи затворање на македонското прашање сѐ до оној момент во кој македонскиот народ не се здобие со сите свои права кои му следуваат како основни човекови права. Нашата јавност не е свесна какви прагматични личности имаме во нашата историја кои биле спремни на сѐ само да го остварат она за кое се борел нашиот народ.
Зошто е важно да се одржува прашањето отворено додека тоа не се затвори во полза на Македонците, поточно, додека не ги добијат своите основни права? Ова е есенцијално. Доколку прашањето се затворело без добиени права во истиот момент ќе започнела асимилацијата врз Македонците која ќе резултирала со успех бидејќи без прашањето Македонците не би знаеле ништо повеќе од она што би им се сервирало.

Доколку прашањето морало по секоја цена да се одржува отворено сѐ до моментот на здобивање со основните човекови права, логично се поставува прашањето дали ние сега во овој момент ги уживаме тие права како народ? Дали ние имаме право на самоопределување? Одговорот на овие прашања ќе ве одведе до заклучокот на прашањето – дали премиерот Заев и целата негова влада го затвораат прашањето откако сме се здобиле со основните права. Доколку вашиот став е дека не ги поседуваме правата на самоопределување тогаш затворањето на прашањето при таква состојба води кон она кон кое би водело во минатото доколку тогашните челници дозволеле прашањето да се затвори.

За сето ова да биде само еден пораз а не и долготрајна загуба, потребно е многу работа, работа и само работа, само со многу работа Македонија ќе ја направиме модерна и современа држава која ќе комуницира со светот. За да излеземе од оваа мизерија во која се најде нашата држава и да зачекориме во 21 век потребно е да се менува политичката мисла, менталниот склоп и луѓето во политиката, промена на име не те внесува во 21 век. Се надевам дека таа промена ќе започне во 2019 година.

Ние тука зборуваме за иднината не за историјата.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.