Петар Поп-Арсов
Болестите, сиромаштијата, климатските промени, финансиските кризи и уште неколку добро познати појави, го дефинираа идентитетот на современата цивилизација. Надополнети со економската фрагментација, социјалната поделеност, зголемување на јазот меѓу богатите и сиромашните, како и судирот меѓу САД и Кина за светскиот трон, ќе продолжат да претставуваат предизвици со кои ќе се соочува човештвото и во наредните дваесетина години. Така се вели во „Глобални трендови 2040“, неодамна публикуваниот извештај на американскиот Национален совет за разузнавање.
Јавно споделен документ! Пред очите на целата светска јавност! Транспарентен до невидливост!
Што друго вели Извештајот?
Деградација на животната средина, енергетска несигурност, планетарно загадување на воздухот и водите! Пандемијата на COVID-19, која предизвика глобално нарушување со здравствени, економски, политички и безбедносни импликации, ќе го бранува и дестабилизира светот и во годините кои што доаѓаат. Ефектите кои што ги предизвика врз навидум развиената медицинска наука и стабилни здравствени системи, налагаат будност и подготвеност за одговор кон предизвиците кои што престојат.
И уште нешто!
Намален квалитет на воздухот, водата и храната до степен на недостаток на овие основни ресурси за живот! Едноставно кажано, глад и жед!
Тоа го вели Извештајот!
Песимистичка фикција или реалност? Ќе видиме во следните дваесеттина години!
Каде е тука Македонија? Каде сме ние? Што е она што треба да го прочитаме од овој документ и да го примениме во нашата стварност? Што треба да примениме за да можеме подготвено да се соочиме со апокалиптичните предвидувања содржани во Извештајот? Или поточно кажано кое што повеќе би важело за нас, што е тоа што не смееме да го правиме?!
Епизода 1 – Приватизација на итната помош!
Пред речиси точно една година, некаде во март 2020 година, непосредно пред избивање на пандемијата со Ковид-19, министерот Филипче ја промовираше идејата за приватизација на дел од здравствениот систем. Ја претстави идејата за приватизација на итната медицинска помош. Приватизација или некаков вид на јавно-приватно партнерство. Одговорот требаше да го даде некоја физибилити студијата која што се подготвуваше во тој момент. Студија со поставени параметри и цели која веројатно ќе ги дадеше посакуваните резултати на нејзиниот нарачател. И тука работите застанаа!
Дојде Ковид пандемијата ставајќи ја на спореден колосек намерата на актуелната власт да го започне процесот на приватизација на македонското јавно здравство.
И така се до пред некој ден. Во средата, на една од „слободните телевиизии“, кои произлегоа од онаа контраверзната 1ТВ, телевизијата која падна во аферата „Рекет“, повторно гледавме заживување на оваа идеја. Гледавме перфидна репромоција од новинари, кои што не само обични апологети на актуелната власт, туку нејзини медиумски идеолози. Новинари кои без срам и одговорност беа соучесници во монструозни скандали поврзани со аферата Рекет и со кои јавноста и ден денес е преокупирана преку судските процеси кои што се водат и кои имаат сериозни последици врз македонското општество. Овој пат, онака, демек случајно и наивно, повторно влегуваат во промоција на проектот „приватизација на македонското јавно здравство“, со акцент на службата за итна помош.
Во услови кога и самата Светска здравствена организација (СЗО), како и македонските експерти од областа на здравствениот менаџмент со дипломи од врвни светски универзитети, укажуваат дека здравствениот систем треба да биде заштита за сите, за сиромашни и богати, болни и здрави, вработени и невработени, машинеријата на Филипче и Заев тргнува во нов поход за раскрчмување на македонското здравство.
Тука се поставуваат неколку клучни прашања!
Што ќе значеше приватизирана итна помош или некој друг дел од здравството за кој постои интерес од создавање профит во услови на постоечкава пандемија? Со какви трошоци ќе се соочуваа македонските граѓани за онаа прва и итна интервенција во моментите кога животот виси на конец? Ќе имавме ли нешто налик и еквивалент на трошоците на кои беа изложени некои од нашите сограѓани кои од разно-разни причини беа принудени да ги користат услугите на приватните здравствени институции како Ковид пациенти? Колкави ќе беа профитите на „среќните инвеститори“ во овој сегмент од здравствениот систем, а колкави ќе беа жртвите на оние кои ќе немаа никаква можност да го финансираат своето лекување со сопствени пари?
Не велам дека не треба да се направи анализа и да се пресметаат сите варијабли за да се дојде до најсоодветно решение, но во моментите на доаѓање на првиот бран на пандемијата, кога Италија броеше жртви изразени во стотици, да промовираш таква идеја, веројатно мора да имаш сериозен мотив за личен бенефит?!
Епизода 2 – Продажба на земјоделско земјиште!
Заев решил да продава државно земјиште. Министерството за земјоделие работи на нов Закон за продажба на државното земјоделско земјиште. Намерата беше најавена во ноември 2020 година. Онака, извадена од ракав. Без никаква претходна најава или нејзино легитимирање од страна на граѓаните на некои избори. Така му дошло на Заев и така решил да прави. Впрочем како и Филипче со итната помош.
Демократија на локалните шерифи!
Заев ќе продава земја! Ќе го продава еден од ретките ресурси на Македонија кој претставуваат стратешки столб на македонската држава и економија. Македонија, која важи за земјоделска земја, ќе го продава она највредното и единственото што го има, македонската земја.
Ќе ја раскрчмува државната земја во време кога најрелевантните извештаи за иднината на светот посочуваат дека токму земјоделието ќе претставува една од најстратешките гранки. Ќе отуѓува во моменти кога се предвидува опасност од деградација на земјоделските површини, недостаток на храна и намалување на нејзиниот квалитет. Ќе продава во време кога Извештајот на американските разузнавачки институции како на тацна му сервира и сугерира дека тоа не смее да го прави. Чита ли некој нешто во неговиот кабинет или само така му чини на шерифот?!
Заев ќе продава во време кога контраверзниот Бил Гејтс од најголем компјутерџија стана најголемиот земјопоседник во САД, купувајќи огромни површини со земјоделско земјиште, навестувајќи кои се стратешките ресурси на иднината. Зарем нашиов премиер не го држи сеќавањето дека непосредно по избивање на Ковид кризата застана речиси целата меѓународна трговија со храна. Светот се соочи со забрани за извоз на пченица, брашно и други основни прехрамбени продукти. Се случи застој на светската трговија со прехрамбени продукти на неколку недели, опоменувајќи не сите дека храната и капацитетите за најзино производство се стратешки ресурс. Зарем не се сеќава дека точно пред една година бевме доведени во состојба да се молиме и се надеваме на добрата волја на српската политика да не го сопре извозот на пченица и брашно кон Македонија?
Дали се случајни овие намери на Заев? Дали се промислени? Дали се работи само за пари? За оние пари кои што ги нема и чиј што недостаток постојано го покриваше со задолжување на земјата!
Секако дека е за пари, но и за нешто многу повеќе!
Заев темелно се подготвува за финалната операција, распродавање на македонската земја! Распродавање во буквална смисла! Тој влегува во финалната фаза во заокружувањето на неговата мисија. Влегува во последниот стадиум на неговата употребна вредност. Многу пати се провре низ иглени уши во сите политички премрежија кои претходеа. Почнувајќи од фамозниот 27 април, изборот на собранискиот спикер, изборот на влада, референдумот за името, уставните промени, влегување во сила на закони без потпис на претседателот, бројните афери и скандали што ги имавме и бројните датуми за почеток на преговори кои што ги немавме, илјадниците жртви од Ковид кризата, гласања во скафандери, Заев ги преживуваше „хранејќи се со живи луѓе“. Бројни се жртвите на заевизмот кој поткрепен со малото парламентарно мнозинство го трча последниот круг со намера да зададе уште еден во низата тешки удари врз македонската држава и македонскиот народ.
До локалните избори ќе се обиде да го продаде македонскиот идентитет на Бугарија. Ќе се обиде да ја продаде македонската земја како тоа да се нивите од Муртино. Ќе се обиде да не врати назад длабоко во феудализмот, поставувајќи се себе на врвот на таа сопственичка пирамида. Во функција на внатрепартиската пресметка во СДСМ, ќе се обиде да му удоволи на неговиот партиски сојузник Филипче и да го задоволи неговиот личен интерес за приватизација на брзата помош. Ќе се обиде целосно да го девастира македонскиот образовен систен, оставајќи и на онаа невладината експертка да експериментира со македонското образование и да си поигрува со истото како со куклите барбики од нејзиното детство. Ќе се обиде да се спаси од прогон и словото на македонските закони жртвувајќи се околу себе, од најблизок соработник до најдалечен противник. Од Рашковски до Шекеринска.
Заев ќе продаде сѐ?!
Ќе сноси ли одговорност? Ќе сноси ли некогаш одговорност некој во оваа земја за стратешките грешки и злодела кои имаат далекусежни последици по македонската држава? Ќе сноси ли Заев одговорност доколку го спроведе продолжението на криминалната приватизација на македонското стопанство од деведесеттите, овој пат преку продажбата на македонското земјоделско земјиште? Штетата од корупциските скандали со кои што во континуитет е пребукирана македонската јавност ќе претставува капка во море во однос на штетата која ќе биде предизвикана од најавата за продажба на македонската земја и дел од македонскиот здравствен систем.
Цехот ќе го платиме сите ние, народот, граѓаните!
Која ќе биде цената, зависи исклучиво од нас?!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.