Павле Миков

Ова мора да е фатаморгана! Неодамнешната оставка на Зоран Заев од двете функции што ги држи – како премиер и како лидер на партијата СДСМ, е уште една фатаморгана. Исто како што се случи со неговата „оставка“ пред неколку години по француското „Нон!“ за отварањето на нашите преговори за членство во ЕУ. Исто како што беше и оставката на неговиот пион доктор Филипче, по пеколниот пожар во Тетово. Ова што се случува би било смешно, да не е толку тажно.

Секако, ништо од ова не е изненадување за граѓаните на Македонија, кои минатата недела гласно и недвосмислено испратија порака со која кажаа што мислат за Зоран Заев како политички лидер, и за неговата Влада во целина. Народот на Македонија претрга многу маки од Зоран Заев и од неговата дружина. Го гледаа како тој и неговата Влада ни наметнаа неуспешен, и со тоа илегален, референдум. Сите можеа да ја видат неговата екстремна корумпираност и измами, почнувајќи од торбата Луи Витон полна со кеш и целата корумпирана и подмитлива епизода со „Специјалната обвинителка“. И многу повеќе од тоа. Оттаму, фатаморганата со неговата оставка е „ситна боранија“ во споредба со сите други нешта што Заев и ги приреди на Македонија.

Но, граѓаните на Македонија веќе го поразија Зоран Заев и неговата коалиција. Тој би можел да се обиде да одигра уште неколку фатаморгани. Но, неговото заминување е веќе прашање на време. Болеста метастазираше и падот на Владата на Заев е неминовен.

Забавно ми е да читам коментатори и политичари од владејачката коалиција, како онаа реликвија Тито Петковски, кои се обидуваат да звучат мудро и да ни држат лекции што е вистинска демократија, велејќи дека „ако Владата загуби едни избори, не значи дека мора одново да се повторат сите други избори“ (парафразирам). Со други зборови, според Тито Петковски, ако претрпите тежок пораз на локалните избори, не значи дека мора веднаш да се одржат предвремени парламентарни избори. Секако, и други го зборуваат ова истото што го изнесува Петковски.
Секако, реалноста е дека во многу парламентарни демократии, партијата на власт има право да свика предвремени избори секогаш кога ќе смета дека мнозинството на електоратот е подготвено да и обезбеди нов полн мандат, наместо да го истера остатокот од актуелниот мандат. Ова се случи пред неколку недели во Канада, кога владејачката коалиција предводена од премиерот Џастин Трудо свика предвремени избори (за жал на господинот Трудо и спротивно на неговите надежи и очекувања, неговата партија не успеа да обезбеди мнозинство, иако тој успеа да ја зачува премиерската функција).

Во вистинска, искрена демократија, каде граѓаните, односно електоратот, го кажуваат „последниот збор“, треба да биде поинаку. Имено, со толку јасна и голема победа, каква што видовме на локалните избори 31 октомври, не може да се каже дека има било какво недоразбирање околу пораката што ни ја праќа електоратот, демосот. Мнозинството (и тоа сериозно мнозинство, а претпоставуваме дека и граѓаните кои не гласаа размислуваат слично) очигледно сака да види смена на власта, не само на локално туку и на национално ниво. Можеби ќе можеше да има простор за двојба ако резултатите меѓу власта и опозицијата беа барем малку по-изедначени. Но, исходот беше поразителен за власта. Да, граѓаните на Македонија сакаат нови градоначалници и локални советници, но исто така, а веројатно уште повеќе, сакаат да си оди актуелната Влада, и на нејзино место да дојде целосно нова коалиција, нова власт. Поинаку кажано, преку локалните избори граѓаните на Македонија распишаа нови парламентарни избори. Оттаму произлегува дека актуелната Влада на Зоран Заев веќе нема мандат од народот за да владее со нас.

Во двата случаи – и кога власта сама распишува предвремени избори, и кога граѓаните испраќаат порака преку локални избори, целта е иста – да се обезбеди нов политички мандат. Во првиот случај, власта се обидува да го потврди својот мандат кај гласачите, а во вториот – народот дава нов мандат. На 31 октомври, ВМРО-ДПМНЕ и неговата коалиција добија мандат од граѓаните, преку локалните избори.

Тоа што мнозинството на граѓани го направија на 31 октомври беше практично отповикување на власта. Знам дека вакви избори не се познати многу во европската политичка сцена. Иако ретко се користат, отповикувачки избори се дел од демократскиот механизам на 41 американски ржави, а од 2015 година се користат и во Британија. Не би се изненадил ако во годините кои доаѓаат видиме повеќе избори за отповикување на избраните претставници и во Европа, ако видиме како нивната популарност расте во САД. Засилената политичка поларизација низ европскиот континент, заедно со новите технолошки откритија кои овозможуваат лесно собирање потписи и мобилизирање, се трендови кои ќе доведат до формално вклучување на моделот на отповикувачки избори во политичкиот систем (овие нови трендови водат до тоа отповикувачките избори во САД да бидат се по-успешни).

Значи, што би било најдемократско нешто што може да се случи во Македонија сега? Првиот инстинкт на Зоран Заев беше исправен. Тој со право најави оставки на двете свои функции. А според Уставот, автоматски со неговата оставка и целата Влада треба да поднесе оставка, што значи дека се создаваат услови веднаш да се распишат предвремени избори. Но, дури и ако оставката на Заев остане само фатаморгана и неговата Влада се аздржи на власт и го попречува организирањето на предвремени избори, победниците од 31 октомври не треба многу да се грижат. Секој обид на Заев да остане на власт ќе биде уште едно негирање на суверената волја на македонскиот народ, и ќе го покаже вистинскиот карактер на Заев и неговата Влада. Тие уште еднаш ќе го потврдат несреќниот факт дека за нашите самопрогласени либерални пријатели во СДСМ и ДУИ, демократијата е само „игра на зборови“, што би рекол Витгенштајн. Уште повеќе, обидот да се остане на власт јасно би покажал колку Заев е очаен. А очајот, во комбинација со неспособноста на актуелната Влада, може само да доведе до уште поголема, величенствена победа на ВМРО-ДПМНЕ и на нивните коалициски партнери на следните избори. Овој исход е само прашање на време.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.