Петар Поп-Арсов

Јануари полека влегува во својата втора половина. Празниците се нижат еден по друг, со повремени паузи да се земе здив во пресрет на оние што следат, а техничката влада работи под „полна пареа“. Пареата во јануари едноставно се нарекува магла, така да и работата на владата и владините министри е некако нејасна, магловита.

Техничкава влада треба да ги организира предвремените парламентарни избори на 12-ти април. Навистина тешка задача! Ниту постои договор за изборниот модел, ниту се знаат ингеренциите на техничките министри, ниту се знае кои закони се приоритет да бидат донесени. Приоритет ли е во моментов „законот за дрога“, законот за укинување на лустрацијата и помилување на кодошите, или пак можеби баш сега требаат измени во законот за надворешни работи? Сите се приоритетни освен оние од витален инетерес за граѓаните. Едноставно „полнава јануарска пареа“ се користи исклучиво за лов во матно и фаќање на подобри предизборни позиции, кои и во случај на изборен пораз ќе зачуваат некакви привилегии и бенефит за актуелната владејачка структура.

Како дојдовме до избори? Кои беа причините и поводот за избориве?

Причини има многу! Барем тоа го имавме во изобилство последниве две три години. Се изнагледавме ликови и дела, кои како во реално шоу се натпреваруваа кој ќе собере поголем број на гласови од публиката за глупостите, гафовите и криминалите што на очиглед на целата јавност ги правеа.

Но поводот беше друг. Тоа беше не добивањето на датум за почеток на преговори со Европската Унија. Да, токму тоа беше! Речиси и заборавивме зошто сме дојдени до тука. Заборавивме кој беше иницијалниот момент за да дојдеме до состојба нашето внимание биде преокупирано со техничката влада, со тоа има или нема канцеларии за техничките министри и заменици, кои началници ќе бидат сменети, кои се подобни и професионални, а кои не, кој колку возила ќе вози, и ред други целосно непродуктивни прашања.

А како стоиме во моментов со важните прашања за државата, оние продуктивните? Ќе добиеме ли датум за преговори во мај, како што ни беше утешно соопштено по неуспехот во октомври?! Лично, секогаш сум бил оптимист. Секогаш сум посакувал и сум се надевал дека ќе бидат вреднувани постигнувањата на Македонија, започнувајќи уште во далечната 2009 година. Континуираните блокади и разочарувања сеуште го немаат уништено таквиот ентузијазам кај мене, но овој пат, ако се суди според изјавата на хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, кој во моментов е претседавач со Советот на Европската Унија, тешко е да се биде оптимист.

Во краткото интервју за France 24, Пленковиќ, јасно кажа неколку работи во врска со проширувањето и ЕУ перспективата на Македонија, од кои една клучна и до сега не споделена со македонската јавност.

Тој истакна дека хрватското претседателство би имало за цел да понуди јасна европска перспектива и временска рамка, но и методологија и технологија за идните преговори на земјите кандидати. Пленковиќ рече дека негов впечатокот од октомврискиот самит на ЕУ е дека постојат два генерални проблема во врска со процесот на ЕУ проширувањето и почетокот на пристапните преговори на Македонија и Албанија. Првиот е од методолошка природа и се однесува генерално на процесот на пристапни преговори, на кој Франција упати сериозни забелешки и излезе со конкретен предлог за корекции и модификација на методологијата во оваа област. Хрватска, како претседавач со Советот на ЕУ, работи интензивно на ова прашање и очекува Европската Комисија да излезе со официјален предлог кој што во март би бил прифатен од ЕУ земјите.

Вториот проблем се однесува на резервите кои што ги имаат неколку членки на ЕУ поради неисполнувањето обврските на двете земји кандидатки. Да, Пленковиќ ги посочи двете земји, не само Албанија, туку и Македонија била оценета како земја која не ги задоволува критериумите за почеток на преговори. Тоа е клучната информација која недостасуваше, а која што беше премолчена од владата на Заев!

Во истото интервју, хрватскиот премиер изрази надеж дека ако Европската Комисија, некаде во февруари, излезе со Извештај за остварен напредок во Македонија и Албанија, и по мартовското усвојување на новата методологија на преговори, би можело да дојде до разрешување на овие два спорни елемента. Во тој случај би се создале услови да се разговара со лидерите на земјите кои што имаат резерви кон Македонија и Албанија, со што би можело да се постигне „политичко решение“, кое би и овозможило на Хрватска да повика на меѓувладина конференција со земјите кандидати. Пленковиќ изрази надеж дека сето ова ќе се случи пред мајскиот самит во Загреб.

Интересен е фактот што во своето излагање, Пленковиќ постојано користи условна форма на изразување, односно термините „ако“, „би можело“, „би овозможило“, итн. Нема експлицитност, нема гаранција дека оваа негова проекција со сигурност ќе биде реализирана и Македонија ќе добие датум за почеток на преговори! Целата порака личи на лавиринт врамен во убава рамка.

Замислете, после толку исполнети критериуми и реформи кои што беа спроведени во минатите петнаесет години и после толку препораки за почеток на преговори, ние се доведовме до ситуација да со политичко решение го продолжиме нашиот евроинтегративен процес.

Катастрофа!

Запрепастувачко е сознанието дека не претставува проблем само методологијата на преговарање, или пак Франција, туку се работи за отсуство на конкретни резултати. Тоа никој од владата во заминување немаше доблест да го признае пред македонската јавност!

Во меѓувреме, претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејн, во своето вчерашно обраќање пред европските пратеници во Стразбур, и покрај реакциите на поедини пратеници дека во земјава има огромна корупција и криминал, упати јасна порака дека Македонија и земјите од регионот треба да добијат јасна перспектива за сопствениот евроинтегративен процес. Денешната посета на наследникот на Јоханес Хан, комесарот за проширување Оливер Вархели, треба да се свати како дополнителен потстрек за нашите евроинтеграции.

Но, тоа не е ништо ново, ниту пак нешто што не сме го имале претходно. Сеуште се свежи сеќавањата на силната поддршка од Могерини, Хан, нивниот шеф Јункер, или пак изјавите на претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, особено по промената на уставното име. И порано сме имале силна поддршка од високите функционери на институциите на ЕУ, но секогаш наидувавме на блокада во самото финале.

Ако се суди според кажаното од Пленковиќ, тешко е овој пат да се биде оптимист. Тешко е да се очекува дека во вакви услови и со ваква владејачка гарнитура ќе можат успешно да бидат адресирани сите обврски кои што претставиваат услов за почеток на преговорите. Скоро е невозможно да се очекува дека гарнитурата која создаде толку суштински проблеми и ја врати земјата назад, играјќи исклучиво на картата на промената на името на државата, да ги направи потребните реформи до мајскиот самит на ЕУ. Невозможно е да се добие датум и да се започнат преговори со гарнитура која веќе го прослави „добиениот датум“ и „го започна процесот на преговори“. Преговори неможе да започне гарнитура, која претставувајќи се како борец против криминалот и корупцијата, го правеше токму спротивното. Невозможно е да се очекува прогрес од политички структури чие што владеење е оценето како авторитарен режим.

Датум можеби и ќе добиеме, да останам доследен на оптимизмот, но тоа ќе биде исклучиво заради политички договор помеѓу европските лидери и евентуални промени на севкупниот начин на функционирање на државата по изборите во април. Исполнување на критериуми со ваков модел на владеење е невозможно. На Македонија и се потребни промени! Потребни се промени, особено во поимањето на начинот на водење на државата!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.