Васко Шутаров
Во 2013 година чудата на нововековната кинеска архитектура препознатливи по својот сјај, монументалност и грандиозна мимикрија, во бисерите на светската архитектура впишаа уште едно ново бисерно дело. Од површината на вештачко езерово градот Вујин, таа година драматично израсна лотосов цвет, дење облеан од сјајот на сончевите рефлексии, а ноќе разигран во раскошот од светлосни бои. Цветот на лотосот има разновидна, но многу моќна симболика пренесена од древните азиски цивилизации до модерново доба. Лотосот или „Светиот цвет” кој израснува од калта во водените површини, претставува симбол засовршена убавина, симбол на самореализација, премин кон чистота, мудрост и просветлување.
Истата таа 2013 година во пожар среде Скопје, изгоре единствениот и неповторлив архитектонски објект во кој доминираше токму лотосовиот цвет. Централната пошта во Скопје, дизајнирана од македонскиот архитект Јанко Kонстантинов и изградена 10 години после катастрофалниот земјотрес во 1963 година, беше симбол на повторното раѓање на разурнатата метропола. Најубавите и најрепрезентативни панорамски снимки на некогашно Скопје, задолжително го имаа во својот фокус токму оваа атрактивно здание со бетонскиот лотос како негова круна. Под раскрилениот лотос, кој така симболички лебдеше над Вардар, во својата внатрешност грижливо негуваше спомен на народно-ослободителната борба преку композицијата од фрески во кубистички стил од славниот македонски сликар Борко Лазески.
Денес, од некогашното македонско архитектонско и уметничко ремек-дело останато е само едно запуштето ругло, длабоко потонато во заборав и кал. Македонскиот лотос, симбол на обновеното пост-земјотресно Скопје и модерен израз на едно не така дамнешно време, потона во сеопштата негрижа, во заборав и во сопствената кал.
„Европа Ностра” е основана (ете уште една случајност) во 1963 година и денес претставува најголема и најрепрезентативна мрежа за културно и природно наследство, европски глас на граѓанското општество вмрежено во повеќе од 40 држави. Со годинешнава селекција на седум најзагрозени споменици во Европа, после седум години полн заборав од македонските институции, конечно внесе зрак светлина низ заборавениот лотосов цвет и зрак надеж за остатоците од некогашната Централна пошта.
Во своето образложение за статусот загрозено наследство, од „Европа Ностра” ќе кажат : „Зградата на Централната пошта, вклучувајќи ги нејзините главни ентериери и ѕидни обработки, денес е уште повеќе загрозена од употреба и влошување, заедно со присуството на поткопување од ерозијата на подземните води и директната изложеност на атмосферски влијанија. Овој извонреден пример на експресивна и скулптурална архитектура на 20 век е од витално значење за визуелниот и симболичен архитектонски пејзаж во срцето на Скопје, како и за културното наследство на Европа и пошироко. Објектот е значаен и како симбол на постземјотресниот отпор и издржливост.”
И уште еден куриозитет поврзан со овогоденишниве номинации, за првпат од основањето во 1963 година „Европа Ностра” годинава издвојува по 10.000 евра иницијални грантови за седумте најзагрозени објекти во Европа. Како потсетување и поттик кон заспаниот локален (не)интерес, овие пари секако и не се малку. Како што и не се многу за локалните моќници од некои наши актуелни приказни, со кои сме силно заинтригирани деновиве. „Европа Ностра” со оваа номинација на некогашната Централна пошта на списокот на седумте најзагрозени објекти во Европа, ни покажа дека барем оваа наша негрижа, повеќе не е само наша работа. „Наша работа”?! Тоа ли беше македонскиот превод на италијанското значење за „Коза ностра”?!
А што е наша работа?
Наша работа е да си ја гледаме работата (ако сме успеале во меѓувреме да ја зачуваме) и ни случајно да не си го грдиме погледот со запуштените остатоци од некогашната репрезентативна Централна пошта, во срцето на Скопје. Наша работа е да не се интересираме колку такви и поголеми и пораскошни зданија од некогашната Пошта никнаа во меѓувреме како лична сопственост на државни и партиски функционери, посебно од партијата која најдолго во самостојна Македонија директоруваше со Македонска пошта.
Наша работа е да си седиме затворени по дома, да си го слушаме „најекспонираниот министер”, да бидеме фини, воспитани и незаинтересирани за тоа што се случува надвор. Наша работа е да си вртиме TВ-канали и уживаме во раскошниот избор од турски серии, од „1001 ноќ” до „Долината на волците”, или во непрегледниот избор на македонски TВ-сапуници од гостувања на претставници на власта или нивни одбрани експерти. Наша работа е само да ги уживаме благодетите на неплаќањето радио-дифузна такса и ич да не се тревожиме за тоа, колку во меѓувреме поскапела живеачката, а животите поевтиниле?
Наша работа не е да се грижиме ни за сопственото перење мозок и најмалку не е наша работа да се интересираме за тоа колку луѓе ангажира најмоќната македонска индустрија во моментов, Генералниот секретаријат на владата. Уште помалку колку други луѓе вонредно плаќала, создавајќи токму од нашите пари, нова „Фабрика” за контрола на нашите слободи, мисли и размисли?
И најмалку наша работа може да биде интересот, каква нова монументална грдосија ќе никне во срцето на Скопје, кога толку грижливо некој се потрудил да осмисли подземни детски градинки во неа?! Така близу и само симболично, така далеку од калта, во која свена и симболот на препородот, лотосовиот цвет од нашата денешна приказна.
Тоа е нивната, „Наша работа”
Не е наша работа, да се занимаваме со тоа, зошто само за неколку месеци ни изумреа луѓе, колку цел еден град со големина како Валандово, на пример, и како тоа нашата НАТО армија застана во ред да се вакцинира со руската „Спутник“ вакцина, како тоа да нема никаква нова терапија за новиот тип вирус кој покоси неколкукратно повеќе животи отколку разорниот скопски земјотрес?!
Не е наша работа да се интересираме за егзотичните одмори на пулените на власта, ни за дивеењето со скапи џипови, автомобили и мотори по македонските „зајачки дупки и долини на волците” на најекспонираниот министер и неговиот шеф, ни за теледиригираното подигањe и спуштањe рампи на државните граници, само со еден повик од „шефот”?! Не е наша работа да се интересираме колку дрога се тркала и дила низ улиците и македонските патишта, дури сме ние затворени дома? Па побогу, зошто би ги деранжирале, кога се тие така силно посветени на тоа?!
Не е наша работа да се интересираме за позајмувањето и менувањето идентитети на црниот пазар за трансфер на идентитети, макар се работело и за нашите лични идентитети, позајмени на белосветски дилери на дрога или оружје, кралеви на подземјата или терористи? Не е наша работа воопшто да се занимаваме со нашите идентитетски прашања, затоа што „шефо” има суверено и морално право на тоа? И само „шефо”?!
И конечно, не е воопшто наша работа да се интересираме дали во меѓувреме сме станале Мека за сета белосветска Коза ностра, Елдорадо за сета белосветска трговија со оружје и дрога, филијала на светското подземје за перење пари и перење криминални идентитети. „Шефо”, најдобро и за нас знае, како е да се биде и „шериф и капо” и како најдобро се прави тоа?!
И воопшто не е наша работа, кога еден ден ќе си ги вратиме изгубените слободи и права и излеземе слободно надвор, каква држава ќе најдеме? Како од златните времиња на Дивиот запад и пресметките кај ОК коралот? Како на ориенталниот голем пазар во Казабланка за време на Втората светска војна, или на сличните такви пазари во Дамаск и Бејрут, до неодамна? Или ќе се најдеме во неснименото продолжение на антологискиот „Кум”, како од златните времиња на италијанската Коза ностра? Не, не е наша работа да го знаеме тоа, нели?!
Цветот венее од занемарување
Ќе каже со вакви одбрани зборови Грахам Бел, член на советодавното тело на „Европа Ностра”. Таквиот свенат и потонат во кал македонски симбол на минатовековниот препород и обновен живот, стана актуелен симбол за распадот, комплетното отсуство на солидарност и потполна отуѓеност на нашите заробени животи во нововековниов миг. Симбол на неодговорност, самозаборавеност и игнорирање на сѐ она што претставува вредност сама по себе. Од човечкиот живот до вредноста на културното и природното наследство. Симбол на трагичност, како линијата на трагично исчезнување на монументалните дела на еден од првите модернисти во македонската уметност и корифеј за нејзино демократизирање, Борко Лазески. Eднаш уништени под урнатините на Старата железничка станица во разорниот земјотрес и втор пат уништени од човечка негрижа. Тажната слика на заборавената во руини некогашна најубава поштенска зграда во регионот е и најреалната слика за наскако држава денес.
Во борба! На сеќавањето против заборавот
„Борбата на човекот против власта е борба на сеќавањето против заборавањето”, пишуваше Милан Кундера. Изборот на „Европа Ностра” да го стави заборавениот македонски архитектонски бисер на списокот на најзагрозени европски наследства е повеќе од обичен апел и сигнал, тоа е силен поттик за будење на сеќавањето, солидарна акција веднаш и овде, против самозаборавноста на властите, како и проекција за нашето повторно будење и скорешна преродба, во срцето на Европа. Преродба како држава на културата, пред сѐ, како што пророчки пред дестина години ја нарече големиот поет Љубомир Левчев, Македонија – Република на поезијата!
Држава каде поприродно и поприоритетно ќе беше и ќе биде, да се понудуваат пасоши и почесно македонско граѓанство на најдобрите светски поети и писатели, познати универзитетски професори кои ја сакаат и уважуваат македонската историја и јазик, познати ликовни и музички уметници, архитекти, театарски и филмски ѕвезди, спортски ѕвезди, научници од светски ранг, познати јавни личности, граѓански активисти и светски политичари, личности кои ќе ја воздигнуваат сликата за земјата и претставата за државата насекаде низ светот. Борбата на сеќавањето, нема да значи никогаш повеќе заборавање на ниедно злодело на власта, повеќе ниеден срам што ќе нѐ сместува на дното од листи на најризични и најзагрозени средини во Европа и светот.
Да почнеме од нeкаде! Овојпат од калта во срцето на Скопје, веднаш наспроти седиштето на власта, од која треба да изникне старо-новиот лотосов цвет. Нововековниот, обновен македонски лотосов цвет!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.