Васко Шутаров
Се среќаваат првите луѓе на швајцарската и македонската влада, разговараат за составот и структурата на нивните извршни власти и македонскиот премиер наеднаш изненадено прашува: „Вие имате и Министерство за морепловство? Па, што ќе ви е такво министерство, кога немате море”? На ова, првиот човек на швајцарските власти луцидно му возвраќа: „Па и вие немате пари, а имате Министерство за финансии, што е толку чудно тоа”.
Овој политички виц, ќе го чуете во бројни варијанти, во кои улогата на македонскиот премиер ја имаат и други премиери на нам познати држави од регионот, со море или без море, но со хроничен недостиг од пари. И хронично непоправливи предимензионирани влади, со бројни министерства, за сè и сешто. И во овој контекст, а во нашиов случај, низата од луцидни прашања што може првиот човек на властите во Швајцарија слободно да продолжи до недоглед да ги поставува, се бројни други министерства на кои, во меѓувреме им побегнала надлежноста од секаква контрола.
Македонија низ бројки. Ах, тој „еден културен процент”!
Деновиве, преку најновата публикација на Државниот завод за статистика, преку бројки можеме да стекнеме комплетен впечаток и малку поширока рамка за нас самите. Меѓу другото и за тоа, како и за што трошело просечно македонско семејство во изминатава година. И какви биле потребите и трошоците за култура?
Претпоставувате дека најмногу се трошело за храна и безалкохолни пијалоци (со високи 43,1 %), за комуналии (10,8%) и веднаш зад нив, веќе стандардните трошоци за отплата на кредити и инвестирање во недвижности (8 %). Трошоците за превоз (6 % од вкупната потрошувачка), па потоа трошоците за облека и обувки (5%), купувањето мебел и одржување покуќнина (4,5 %) и одење по хотели и ресторани (4 %), се следните поважни животни ставки.
А каде се образованието, книгите, културата? Во веста што ја пренесоа скоро сите македонски медиуми, скоро без никаков коментар помина констатацијата дека образованието и културата се апсолутно на самото дно во трошковните ставки на едно наше просечно семејство. Образованието со 0,4 % од вкупните семејни трошоци, а културата (плус и рекреацијата), во еден надолен пад во споредба со минатите години, од 1,6 % од вкупниот семеен буџет, на годишно ниво.
Овде правам една мала временска дигресија и се навраќам на состојбите со потребите и трошоците за култура, пред неполни 70 години. Во 1952 година на пример, тогашниот југословенски просек (во кој македонскиот просек веројатно бил и понизок), просечно семејство на годишно ниво извојувало 1 % трошоци за култура, во споредба со високите 14 % за цигари, на пример. Во години во кои имало недостиг од целулоза и хартија и книжевниот великан Меша Селимовиќ морал да пишува протестни писма до тогашните југословенски власти, против уредба од 1947 година, со која севкупната архивска документација од институции и претпријатија морала да оди на рециклирање и преработка. Или уште еден илустративен куриозитет поврзан со друг книжевен великан Иво Андриќ, кој во 1961 година кога ја прима Нобеловата награда за книжевност, се враќа со најпрестижната светска книжевна награда во држава, со 20 % неписмено население.
Во еден цел животен век од 70 години, се променило што сè не! И нови држави се создадоа, но културата си остана на својот редовен еден процент од поважните животни трошоци. Што ќе рече, „А што ќе ви е вам, Министерство за морепловство? Кога упорно не знаете, каде ви плови културата…”
Македонија и напуштениот „Храм на Есма”
И пребарувајќи нешто сосем друго, налетувам случајно на еден портал, Pantheon World кој статистички се занимава со број на прегледи на страниците на Википедија, секаде низ светот. И така листајќи, доаѓам до листа од 3001 музичари и интерпретатори од сите музички бранши, од сите светски меридијани. На таа ранг листа на најчесто посетувани и прегледувани познати светски музичари, ја наоѓам легендата на хрватската медитеранска песна Тереза Кесовија, прилично високо меѓу првите 300 од светски пребаруваните музички ѕвезди. Листајќи на кај врвот, помалку се чудам на неприродниот спој на врвни оперски пејачи како Тереза Берганца покрај една Махалија Џексон на пример. Сосем понесен од необичниот след на интереси во музичкиот свет, убеден дека регионов завршува на тоа 280 место со Кесовија, листам понатаму. Кога гледај чудо! Застанувам на бројот 183 на светски најпребарувани музички имиња и го читам името, Есма Реџепова. Пред неа, само едно место погоре, Брајан Фери. А, зад неа легендата на кубанската музика Омара Портуондо. Википедија на 38 јазици и со преку 230.000 прегледи, нè потсетува каква музичка величина сме имале. И, неколку пати потоа, ја прегледувам комплетната листа на најпопуларни музичари, првите на листата: Елвис Присли, Едит Пјаф, Џенис Џоплин, Марија Калас, Лучијано Павароти, Френк Синатра. И Есма, единствена од регионот така високо. Рита Ора и Дуа Липа, не ми поминаа пред очи, помеѓу првите 500 светски музички имиња, од пребарувачите на Википедија.
А, само еден ден претходно читам, за којзнае кој по ред грабеж во нејзиниот дом. Кој според нејзината желба и оставнина требаше да биде и Музеј на уметноста и хуманоста. Есма не е веќе со нас, скоро четири години. Да поживееше, за некој ден, на 8 август ќе полнеше 77 години. Беше национален уметник, неприкосновена „Кралица на ромската музика”, планетарно позната и популарна интерпретаторка на ромскиот мелос, исклучителен хуманитарец и бренд над брендовите на нашата држава.
Но очигледно, немаме ни трошка чувство за трајни вредности, како да го зачуваме тоа што таквите културни брендови ни го оставиле во наследство. Тој дом, кој со толку гордост и го посвети на Македонија, е соголен од грабежи и оставен да биде сечие и ничие место. На само неколку стотина метри од Музејот на современа уметност, каде препоставувам „24/7” државата се грижи за непроценливото богатство од уметнички дела, од еден Пикасо или Петар Лубарда, на пример. Но, нашето и светски популарно музичко чудо, со ангелски глас, типично скопско дете од маргините на општеството, што се вивнало во врвовите на светска музичка слава, неколкукратно избрана во категоријата топ 50 најдобри женски вокали во историјата на музиката, си го пазиме и негуваме, токму така, како што денес изгледа нејзиниот замислен Храм, на уметноста и хуманизмот.
И која е пораката, за државата која нема море, а има Министерство за култура на пример? И има толку силни брендови кои се издигнале над ова милје и достигнале слава до музичкиот Пантеон на најславните. Девастираниот и неброено пати ограбуван дом на Есма, откорнатите прозорци и врати, не зборуваат толку за неа или нејзиниот близок род , колку што зборува за државата, која мораше да изнајде начин и да се погрижи, за нејзиното дело. Пораката е толку едноставна, но крајно грда, се наметнува сама од себе и е навистина дегутантнa да се интерпретира. А сликата на државата во моментов, преку уништениот Храм на Есма, само станува комплетна. А да имавме министерство и држава, како една Швајцарија на пример, пред тој храм, на зелените површини најмалку неколу години по ред, веќе ќе се одржуваше Светски фестивал на ромската песна, кој доволно ќе беше да биде именуван по неа. „Есма-Кралицата на ромската песна”. За да ги собира еднаш годишно најдобрите светски ромски музичари и да ни носи неброени туристи, во овој дел од летото. 8 август нека биде тоа! Еден ден, кога ќе имаме и Министерство за култура кое вистински ќе се занимава, само со култура.
Македонско културно лето во Мала Преспа
А чудата во културата, како по непишано правило, продолжуваат да се случуваат, кога и најмалку им се надеваме. Во летово во кое сме дополнително ускратени од секакво живо доживување на културата, лето во кое наместо културни содржини се занимаваме со филмските поигрувања со законите на македонската Агенција за филм или со најавата за заигрувањето на хеблата врз повеќедеценискиот Универзален Храм на сите уметности во Скопје, допишувајќи ги последниве редови од колумнава, ја здогледувам Програмата за „Македонско културно лето 2020”, во Преспа, Р. Албанија. И се убедувам, по којзнае кој пат, дека вистинските подвизи и културни вертикали на македонската култура, како по правило се одвиваат тивко, ненаметливо и скромно. Тринаесеттите по ред свечености на македонската култура во преспанскиот дел од Р. Албанија, годинава започнуваат точно вечерта на Илинден. И претставуваат фантастичен пример за наша трајна и добро осмислена културно-дипломатска акција. Доказ, дека не ни треба море, ако имаме желба, креација и моќ, да пуштиме едра по брановите на сите светски мориња. Нам ете и Преспа ни е доволна, за такво летно културно бранување. Вакви културни подвизи, примери за култура која сплотува и поврзува, го заслужуваат сиот респект. Се надевам ќе го заслужат и вниманието на целата македонска културна јавност. Барем во онаа мерка, со која јавноста оваа лето се занимаваше со орлите и ајварите на Дуа Липа и Рита Ора.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.