Петар Поп-Арсов
„Скопје е една функционална единица. Многу луѓе, покажаа и анкетите од прашалникот со заболените, со нивните контакти, дека циркулираат низ целиот град. Со оваа мерка го штитиме целиот град Скопје. Заради спречување на дополнително ширење на вирусот во критичните региони, но пред се заради спречување евентуално ширење на вирусот надвор од овие региони, вчера донесовме одлука за враќање на полицискиот час и рестрикциите на движењето.“ Ова е цитат од статус, кој во четвртокот на својот Facebook профил го напиша министерот Филипче. Го напиша како допрецизирање на сето она што го говореше на една од бројните прес-конференции.
Прес како прес! Речиси ништо ново во пораките кои што ги слушаме од министерот. „Епидемијата е под контрола…“, „Состојбата во земјата е стабилна…“, имаме доволно болнички кревети, респиратори, медицинска опрема. Носете маски, ракавици, мијте ги рацете, држете дистанца!
Се е исто во изјавите, освен бројот на позитивни, заболени и починати во текот на секој нов ден!
Веќе навикнавме на неговиот монотон и смирувачки глас. Навикнавме и на “stone face” изразот на неговото лице, растеретено од било каква емоција. Почнав да се фаќам самиот себеси како на моменти се исклучувам од следењето на она што го говори. Се исклучувам и за момент ми бега вниманието на друга страна, дури и на почетокот на некоја од неговите прес-конференции, токму кога ги соопштува најновите официјални информации за заболени и починати. Толку навикнавме на Венко, што некои од нас речиси и не го дослушуваме она што тој го говори, а огромен дел од популацијата веќе го ставила на целосен игнор. Не го дослушуваме, дури и кога ни соопштува рекордни бројки на новорегистрирани, заболени и починати.
А како да биде слушнат? Како да му се верува?
Како да веруваме на она што се коси со секаква логика. Едни верски собири и одбележувања ги забранува, критикува, осудува и ги става под целосен карантин, додека другите ги олабавува, толерира, без никаква опиплива критика заради непочитување на протоколите и мерките.
Двоен аршин, двојни стандарди!
Нема логика! А, кога нема логика, здравиот разум се исклучува, не слуша, реагира, протестира, се бунтува. Секој сака да го сочува своето физичко здравје. Сака да го сочува и здравјето на најблиските и на пошироката заедница. Но, никој не сака да го загуби и своето ментално здравје. Никој не сака да биде третиран како идиот кој што треба да ја голтне секоја „вистина“ на Венко и бројните протагонисти на владините пресконференции.
Затоа народот реагира! Не реагира толку затоа што се воведуваат мерки за заштита, туку затоа што двојните стандарди кои што се применуваат придонесуваат ваквите мерки да траат до бесконечност. Толерирањето на неодговорното однесување е она што создава револт и дополнителна неизвесност во однос на крајниот исход на кризата. Ги казнуваме послушните заради однесувањето на непослушните! Така некако изгледа политиката на оваа влада, нејзиниот министер и нејзината комисија.
Како да му се верува на Венко кога вели дека Скопје е една функционална целина, луѓето циркулираат низ целиот град и поради тоа треба да се стават во тридневен карантин. Скопје се претвора во ново жариште. Затоа се воведе полициски час и се беше направено „заради спречување на дополнително ширење на вирусот во критичните региони, но пред се заради спречување евентуално ширење на вирусот надвор од овие региони…“, како што си напиша министерот на Facebook. Како да му се верува на Венко кога на истите тие луѓе, кои што требаше да останат дома со цел прекинување на синџирот на ширење, им беше овозможено да го напуштат Скопје и да ја преплават цела Македонија. Што направивте? Пролетна сеидба за втора реколта на плодовите од вирусот?!
Нема логика! А кога нема логика, никој не сака да биде „третиран“ во мозокот! Затоа секој нормален човек во државава реагира. Да не пишувам и за веќе се погласното зборување во јавноста дека се манипулира со објавувањето на вистинските бројки на новорегистрирании случаи. Тоа е тешка шпекулација, која доколку се покаже како вистинита носи и тешка одговорност за сите оние кои што се нафатиле да учествуваат во таквата игра. Се надевам дека се ќе остане на шпекулација, највеќе во интерес на здравјето и животите на сите нас.
Мислев и искрено се надевав дека повеќе нема да пишувам на оваа тема. Но, ете пишувам.
Збор-два околу политизирање на епидемијата.
Во очекување на епилогот и спуштањето на завесата на веќе подзаборавената претстава, во која главните улоги ги играа кумановскиот градоначалник и „кумановскиот“ премиер, вниманието на македонската јавност беше пренасочено кон брзите јунски избори. Големи беа надежите на бившиот премиер, Заев, дека состојбата со вирусот ќе добие оптимистичка траекторија и истата ќе биде презентирана преку розови филтри на телевизиските камери и екрани, за да може тој да продолжи со ултимативните уцени за брзи јунски избори. Така и тргнаа! Почнаа да ги олабавуваат мерките. Демек Комисијата така сугерирала, „стручната комисија“. Комисијата можеби е стручна, но поради доминантната политичка компонента во нејзиното функционирање, очигледно е дека работи нестручно.
Сведоци бевме на изјави од типот „…го амортизиравме првиот удар на епидемијата…државата се надрасна себеси – во делот на струка, наука, компетенција, едукација, третман, епидемиолошки надзор…“, дадени во моментите кога се вршеше страшен притисок за организирање на избори во јуни. Во услови на епидемија, медицинските лица, особено оние на одговорни позиции, треба да се потпираат исклучиво на сопствената стручност и на никаков начин не смеат да дозволат да потклекнат на политичките притисоци. Политичката компонента во нивните изјави ја става под нозе токму нивната стручност, како и целокупниот кредибилитет што го имаат во општеството…доколку го имаат?! Дали политички контаминираните изјави придонесуваат медицинските лица да бидат перцепирани како дел од групата политиканти кои го опкружуваат „шефот“ и жестоко се борат за позицијата „главен дворски шут“?
Давањето на бомбастични изјави, со доза на црн хумор, кои имаат единствено дневнополитички ефект за замајување на јавноста, без никаква трајна вредност, со цел додворување исклучиво на сопствениот шеф, се карактеристика токму на класичните политиканти. Тие меѓусебно грчевито се борат да се позиционираат што е можно поблиску до шефот, да ја заслужат неговата милост и наклоност и да го освојат „пиедесталот под неговите нозе“. Полтрони имало и ќе има! Но, која е потребата и поривот кај едно стручно медицинско лице, поставено на исклучително одговорна позиција, преку хумористично-политикантски изјави, да ја забавува јавноста исклучиво заради удоволување на желбите на шефот, притоа релативизирајќи ја опасноста од болеста? Тоа е прашање за опсервација од страна на други стручни лица, од друга област на медицината, онаа која се занимава со проучување на човековиот софтвер.
Повикувањето и апелите кон граѓаните за сериозно сфаќање на ситуацијата подразбира и сериозност од другата страна, од онаа која што повикува на таквата сериозност и која што дава стручни препораки. Секоја дополнителна несериозност ќе не вовлече во уште поголеми проблеми, повеќе новозаболени и голем број смртни случаи.
Во соседните земји бројките говорат дека епидемијата стивнува. Дај боже така и да остане. Нашите бројки го говорат спротивното. „Стручните лица“ од Комисијата за заразни болести и оние кои што ги „слушаат“ нивните препораки, нестручните од македонската власт, не си ја завршија работата! Не само што не ја завршија туку самите себе се претворија во кластер и веројатно дополнително го проширија вирусот во тек на нивната непромислена и налудничава кампања на делење флаери, летоци, брашна, зејтини.
За жал, живееме во „ерата на дворскиот шут“! Тоа е нашата нова нормалност! Нормалност во која стручниот медицински пристап во справување со кризата е ставен на страна, а се е оставено во рацете на неодговорните политички и верски лидери. Токму тие, преку изјавите дека „вирусот слабее“ или „короната е мртва“, сериозно влегоа во трката за позицијата „главен дворски шут“ во државава.
Можеби таму и припаѓаат!
Вака повеќе не може! Потребни се промени! Во политиката на избори, а во стручниот дел веднаш! Политиканството во комисијата не смее веќе да се толерира!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.