Васко Шутаров
Постојат нешта кои се длабоко врежани во меморијата и по кои паметиме некои наши минати години. Тоа се најчесто убави нешта кои останале во сеќавањето и како музика, како стих или роман, како филм, театарска претстава, како ТВ-серија.
Еве, токму кога мислиме на ТВ-серија, ако запрашате кој било од веќе возрасните генерации, која македонска серија посебно им останала во сеќавање, убеден сум дека во најголем дел ќе кажат, „Бушавата азбука“ и „Македонските народни приказни“. Интересно, овие две незаборавни македонски ТВ-серии, започнуваат да се снимаат уште во далечните 1984 и 1985 години, што значи во години во кои сѐ уште немаме самостојна држава. А, живите сеќавања за нив траат еве и во јубилејнава 30- годишнина од осамостојувањето на македонската држава.
Денес, ниту е веќе важно, ниту некој и да сака може да се присети кој директорувал тогаш во Македонската радио телевизија, ниту кој одлучувал за промоцијата на македонското културно творештво, ниту кој министерувал во годините кога се снимани продолженија или кога со други технологии и на други начини се популаризирани овие ТВ-серии. Денес за нив може слободно да се каже: серии за сите времиња и за сите генерации!
Е, токму ова е вистинската одредница и највисока вредност на културата, да останува, да се памети, да инспирира и кога сето останато од тоа време отишло во заборав. И силни директори и моќни министри и сеприсутни политичари. А останале Царот од македонските приказни, Билјарката и многу други ликови.
Ах, Билјарката, со шапката и црвената коса, опкружена секогаш со секакви билки и секогаш со грст билки за секоја буква од азбуката. И секоја кратка приказна за одреденa билка, зачинетa со оној препознатлив љубовен копнеж кон „оној нејзиниот“. „Оној мојон“, ќе речеше, притоа мислејќи на Тарзан.
Не, дека немаше политика во средината на 80-тите. Имаше и повеќе отколку што денес можеме да претпоставиме, впрочем, сите погледи и сите надежи за сите поважни животни прашања беа поврзани со семоќното југословенско Претседателство и Сојузната влада. Но, денес би ни требало едно посериозно истражување за да пронајдеме кој во тие години бил „најодговорен“ за продукцијата на овие две антологиски македонски серии, затоа што во колективната меморија тој податок, речиси, и не постои.
Кои културни вредности би ни останале во потрајно сеќавање од годинава во изминување, се прашувам?! Еве, да може некој и по 30 или 40 години да се присети со леснотија на нешто коешто ќе го потсетува и ќе го поврзува со некој годинашен културен настан. Велат, во културата врвовите се база за секое следно и ново искачување по културните вертикали. Имаше ли такви?!
За добрите познавачи на културата кои поодблизу ја следат работата на Министерството за култура, најголем културен и инфраструктурен подвиг било хортикултурното уредување на дворчето на Mинистерството. И тоа со неколку видови билки. Некој од нив и ќе рече, дека во најдобрата традиција на епикурејското учење, во кризни времиња, мудрите сами си копаат во својата градина и дека ова е значаен потфат за многу генерации кои и во иднина ќе го пречекоруваат прагот на сивото здание од Дебар Mаало.
Не бранувај културо! Не бранувај…
Но, и оние што не ја следат културата одблизу, а кои не ни разбраа дека постои дворчето, разбраа дека дворот во македонската култура, воопшто, не мириса на една култивирана и средена градина. За жал, мноштво Тарзани не само што брануваа, туку и сериозно им го нарушуваа епикурејскиот мир на најодговорните во културата.
И упатените и неупатените, денес, а можеби и некоја година потоа, ќе ја паметат годинава во изминување, најмногу по упадите на фискултурата во културата! И секако, по серијата несреќни Тарзановски избори на директори на културни установи, кои и покрај силната желба за небранување на културата, ја разбрануваа и тоа до точка на вриење.
А таму каде што не вриеше, само тивко капеше. Од покривите најмногу. За познавачите одблизу на актуелните креатори на македонските културни прилики и неприлики, многу близок им е фактот за биполарното однесување на актуелнава културна власт кон објектите од културата оставени од периодот на владеењето на претходната власт.
Од една страна, со неподнослива леснотија за сликање и позирање токму во тие објекти се изнапримија гости, посебно странски, додека во остатокот од времето кон тие објекти се однесуваат со презир, како кон дете од улица што им го попречило патот.
Токму добрите познавачи на (не)приликите во културата ќе кажат дека актуелниве не стасаа ни една светилка да сменат во објектите што ги наследија, ама за прокапувањето од некој покрив или прегорено светло, ќе се испотепаат кој прв јавно да ја сподели таквата ексклузива.
Без оглед на реалниот факт, дека во меѓувреме влага ги јаде највредните културни наследства од НУБ „Климент Охридски“ или бесценетата ризница од икони во Музејот на Македонија. Така, од тие „небањатите“, вака капе од секој покрив од културните институции во моментов во државата?!
Ако по пандемијата треба да ја паметиме културата во годинава на изминување, генерално ќе ја паметиме и по отсуството на визија, инвентивност, одлучност и одговорност да се приспособат кон предизвиците предизвикани од ковид-кризата, како институциите од културата, така и ресорното Министерство за култура. Примери за беспрекорно престројување и приспособување на културата во време на епидемија како од регионот така и пошироко, колку што ни душа сака.
Но, впечатокот е дека некому како да почна да му се допаѓа тромавоста и инерцијата во годинашниов културен календар, да има од сѐ по малку, да биде прошарано од сѐ по нешто, но без посебна енергија, без ентузијазам и без желба културата да раздвижува и да оживува. Паролата, „Не бранувај културо!“, со пандемијата си доби идеално алиби и сојузник.
Во театарската дејност веќе подолго време нѐ одминуваат гостувања на големи странски режисерски имиња, замреа големите проекти и претставите кои обележуваа и по неколку театарски сезони во серија, замреа фестивалите кои на театарската публика ѝ овозможуваа да види настапи на други театарски ансамбли од регионов и од Европа. Замреа гостувањата на нашите театри на театарски сцени надвор од државата.
Музичко-сценските дејности, живуркаат со стариот добар „железен репертоар“, со камерни претстави и со помалку изведувачи, што создава една тажна слика како за репрезентативна национална куќа.
Во заштитата на културното наследство свечените говори и пофалните изјави за зголемен буџет во дејноста, не се преточија во заокружени и видливи резултати. Недостатокот на стручен кадар и овде беше потврден со неколку разрешувања, кои брануваа не само во Струмица, туку и во Битола.
Иако, не брануваше јавност, сепак меѓу највозбудливите изрази на загриженост за заштита на културното наследство беше привременото ставање во заштита на битолското Ислахане, придружено со таква неповторлива свечена интонација и скоро па перфектен хомеровски хексаметар, па и античко и неантичко во државата се разбуди. Впрочем, како и предновогодишното будење на „Срамежливата Венера“, ремек-делото на античката римска скулптура, накитено со плетенки, шалови и еленчиња во Археолошкиот музеј на Македонија. Совршена заштита, нели?!
Најголемиот успех во меѓународната соработка на државата, беше одложувањето на впишувањето на Охрид во „Листата на загрозено културно наследство на УНЕСКО“, со многу драма и многу возбуда.
И потоа пак по старо, со повторно купување време и повторно небранување, до следното. Но посебно бранување, вредно за сечие внимание, беше, секако, врвниот аматеризам во организацијата на прес-конференцијата на министрите за култура и за животна средина од Македонија и од Албанија по повод заедничките програми за заштита на Охридскиот Регион и настапот на македонската министерка за култура, фатена во улога на бркање на збунетите преведувач(к)и, па во улога на „класна“ која им држи часови од добро воспитување на љубопитните новинари. Жива антологија.
За да не биде дека сѐ беше само култивирање дворче, фискултура во културата, дисциплинирање на непослушните во културата, комплетно игнорирање на „поранешните“ од културата, крпење дупки по покриви и држење свечени говори, неколку институции од културата, кои најмногу благодарејќи на креативниот „нерв“ и желбата да креираат нови културни вредности, го надминаа сеопштиот тренд на „не бранувај културо!“, и понудија неколку фантастични концерти и грст ликовни изложби, од кои ретроспективните на Васко Ташковски и на Данчо Кал’чев или храбиот пробив кон новите виртуелни реалности на Лазе Трипков, сигурно и ќе се паметат подолго.
И, секако, бројни автори кои и во такви услови искачија скалило погоре во градењето на своите кариери. За среќа, ги има од сите уметнички изрази, подеднакво.
Политиката демонизира! Културата хуманизира?!
„Она што политиката демонизира, културата хуманизира“, запишал во еден текст првиот африкански добитник на Нобеловата награда за литература, Нигериецот Воле Сојинка. И прашањето ми е: Кој од македонскиот ресор за култура, на преминот од старата во Новата година, ќе се обиде токму преку културата да го хуманизира и да го хармонизира општеството во еден длабоко отворен политички пандемониум со сите можни разбудени зла?!
Дел од тие зла се насочени токму кон најчувствителните столбови врз кои почиваат културата на еден народ, јазикот, културното наследство, традицијата и обичаите, верувањата, сите новосоздадени културни вредности на една национално освестена културна посебност.
Со „Не бранувај, културо“! ли ќе успееме да се одбраниме и да ги надминеме повампирените духови од минатото?! Да не беше така, да беше поинаку, ќе немавме уште една цела изгубена година во промоција на македонските културни вредности во западноевропските метрополи, а ќе немавме ни намален буџет за следната година токму во евроинтегративните процеси од областа на културата.
Да не беше така, повторно ќе заживееја лекторатите каде некогаш се изучуваше македонскиот јазик, ќе се отвореа нови, ќе профункционираа програмските заложби за испраќање учители за учење на мајчиниот јазик за децата во дијаспората. Да не беше така, и во годината на ограничени социјални контакти и движења, ќе постоеја виртуелни платформи од културата, преку кои моќно ќе се брендираше највредното од државата.
Да не беше така, немаше Министерството за култура да личи на украсна вазна само за неколку повоќегодишни зимзелени билки, туку токму оттаму, од срцето на Дебаар Маало, ќе процутеше најдоброто и во: македонската, албанската, турската, српската, влашката, ромската и бошњачката култура и ќе беше собрано на едно место најдоброто што умее да твори, да создава нови вредности, и ќе беа собрани најдобрите кои знаат и умеат на најдобар можен начин да ги презентираат истите во светот.
Под брендот, МАКЕДОНСКИ!„Културата е матрица на бесконечни можности и избори“, ќе каже Воле Сојинка, и ќе додаде: „Од истата културна матрица можеме да извлечеме аргументи и стратегии и за деградација и за облагородување на нашиот вид и посебност, за нашето поробување или нашето ослободување. Човекот умира во сите што го одмолчуваат ова! “
И затоа, не се одмолчуваш, драга министерке! Ако преку културата во Новата не го спасиме човекот, какви се шансите оваа година во заминување и онаа во очекување, Македонецот да ги препознае како свои, таму некаде за 30, 40 или повеќе години?!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.