Васко Шутаров

Еден од најпознатите политички умови на минатиот век, Французинот Морис Диверже, во своите политички трудови во објаснувањето и толкувањето на политиката и политичарите, секогаш како модел-парадигма го имал римскиот бог Јанус. Богот со две лица. Две лица поставени едно наспроти друго. Едното свртено напред, другото свртено назад. Едното лице на момче, другото на белобрад старец. Јанус во Рим бил заштитник на сите премини, влезови и излези. Подоцна и татко на сите богови и луѓе. Јанус најмногу се славел кон крајот на годината, кога се оценувала годината и се прогнозирала следната. И месецот јануари го носи неговото име. Во германскиот јазик, изразот „со Јанус на чело“, претставува синоним за двосмисленост. На обичниот народски јазик, богот Јанус означува дволичност – и во буквална и во фигуративна смисла.

Двете лица на Јанус во собраниското обраќање на Стево Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски е единствен од петте претседатели во независна Македонија кој ја ужива привилегијата да биде признаен од сите политички субјекти. И самиот свесен дека е така, најмногу заради политичката мудрост и политичката култура на неговиот директен противкандидат и партијата поддржувач, кои веднаш по завршувањето на изборите му честитаа претседателски мандат и реално му донесоа „неспорен почетен капитал”. Подоцна, потврден и преку широкиот консензус во донесувањето на круцијални закони за евроинтегративниот пат нa државата, од областа на судството, антикорупциската политика и реформата на безбедносниот систем. За жал, опозицијата во ништо останато нема да успее да се препознае во неговото прво годишно обраќање во македонското Собрание. Но, нема како да не препознае ароганција и недостаток на елементарна политичка култура кога го нема првиот човек на опозицијата меѓу почесните гости во првите собраниски редови. Не е новост, ако вината за тоа се префрли на „блескавиот дипломатски протокол”, и онака полн со гафови во годинава на изминување.

Но, позагрижувачки момент од првото редовно обраќање на Претседателот Пендаровски е отсуството на реакции, анализи и коментари за содржината на неговите пораки. Ехото од неговото обраќање, траеше неколку попладневни часови. Вообичаените, скоро протокoлaрни парламентарни коментари, некои и онапред подготвeни, се движеа во предвидливиот фон дека обраќањето било “коректно”, “надпартиско”, “избалансирано” и “во својство на портпарол на владејачките партии”. И со една фуснота, “да си ги реализира ветувањата за вработувања по етнички клуч”. И толку! Зошто еден политичар, кој ги поминал сите поважни државни функции во својата кариера, пропушти шанса својата “прва петолетка” од владеењето, да ја одбележи како вистински татко на нацијата? И остави можност, неговата прва година од претседателствувањето да му ја обележат гафовите од типот “Љубави, те поздрави Зоки”, “Говори Стево српски, да те цео свет разуме” и веќе антологиската, “Да не бев претседател и јас ќе си заминев од државата”.

Од кое дрво не се гледа шумата, од вилата на Водно?

Едното лице на богот Јанус, во собранискиот говор, сам си ја детектира маката. Слушнавме свечено интонирана ламентација над “единствената наша демократска револуција во посткомунизмот”, “новата демократска власт” и “најбрзата забележана обнова на државните институции во повоена Европа”. Секој има право на свои егзалтации и пригодни флоскули. Но, со одреден ризик, од овие три фасцинации, а од денешна перспектива на изневерени очекувања, да не успееш да ја согледаш реалноста и уште поголем ризик, да додадеш уште малку зачин во загреаниот македонски лонец на зовриени страсти и поделби. И тоа од позиција за која претендираш, претседател на сите. Стево Пендаровски е сосема свесен за своето апологетско заложништво кон политиките на власта во заминување, натрупаните проблеми од проблематичното тригодишно влаеење, кои му натежнуваат како воденичен камен околу неговиот врат. И не случајно и не само во очите на опозицијата, Пендаровски беше во овој контекст доживеан како портпарол на владејачките партии. И точно тоа заложништво е дрвото, од кое не се гледа шумата под вилата на Водно.

Она што другото лице на богот Јанус го издаде од говорот на Претседателот е исто така крајно симптоматично. Пендаровски навести замена на партиските чевли, со чевли на граѓански активист. Наизглед, така модерно и така европски. Со оглед на улогата што ја има, тој би бил врвен медијатор и креатор на граѓански платформи, кои (замислете, тој препорачува) да не бидат дел од политичките кампањи на претстојните парламентарни избори. И, тоа за проблеми поврзани со “аерозагадувањето и климатските проблеми” и “иселувањето од државата”, за кои самиот се препорачува да ги управува, градејќи обединувачки платформи со сите релевантни субјекти во државата. Тогаш, зошто постојат избори? Да се соочат програми и концепции по најгорливи општествено-политички прашања. Тоа е легитимно право  на секој учесник во претстојната кампања. Но, друга ќе е интенцијата на Пендаровски во оваа великодушна понуда да ги управува платформите за овие проблеми во иднина. Преглaсно и за обичното уво на народот, е незадоволството од  изневерените очекувања на граѓанскиот сектор од демократските и граѓанско- партнерски капацитети на актуелнава власт. Наместо надпартиски претседателот на сите, тој очигледно пледира да стане “граѓански активист за сите”. Зошто? Најнапред, за да го бајпасира огромното незадоволство на граѓанското општество во предизбориево. Инаку, како подруго би го разбрале еуфемизмот “аерозагадување, климатски промени и глобално затоплување” во нудењето улога на медијатор помеѓу заспаното Министерство за животна средина и пробудената “Зелена револуција”, која деновиве под мотото “Нема воздух, нема мир”, претендира да биде вистинска демократска револуција поттикната од животно-елементарната потреба за чист воздух. Не со овој речник, Јанусе! За чист воздух, за здравје и живот овде се работи. Остави го глобалното затоплување и климатските промени, за други белосветски прилики. На Пендаровски допрва ќе му затежнат сите разочарувања на граѓаните во максимално поделеново “општество за сите”, или попрво на “двете поделени општества за одбраните”. И допрва ќе бара поддршка од опозицијата. Но, дали е на прав пат со отворањето бројни граѓански работилници, почнувајќи од навивачките тимови деновиве, ќе покаже времето. Но, имам чувство дека сите погоре посочени граѓански ангажмани на Пендаровски, се само палијативни и се поставени наопаку, на глава. Знае добро проф. Пендаровски дека сите социјално кохезивни процеси во едно мултикултурно и мултиконфесионално општество како нашето, не се решаваат одозгора, со “замолница до верските лидери”, туку со коренити реформски процеси во образованието, воспитанието и културата на соживот, од најмали нозе. Ама, пусти Јанус!

Другото лице на богот Јанус – или што Пендаровски премолча, а не смееше!

Несомнено, Стево Пендаровски е искусен политичар, кој умее да биде “благоглаголив” и да емитира енергичност и емпатија, кога треба. И модерно, јанусовски да си премолчи, кога веќе мора. Па така и вила Водно од која не се гледа Скопје, навидум може да заличи на словенечкото Брдо кај Крањ, нели? Но, далеку сме ние од таа приказна. Еве зошто? Дали европски профил на политичар би премолчал цела една област во која има директни ингеренции, како што е надворешната политика и дипломатијата, на пример? И тоа во денови, во кои конечно скроениот пазар помеѓу центрите на владејачка моќ, издоговори пополнување на бројни празни амбасадорски места, на една седмица пред пржинско-техничката влада и на неполни 40 дена пред распуштање на Парламентот. Ни збор за мноштвото “мои и твои амбасадори”, ни збор за нарушувањето на добрата дипломатска пракса да не бидат обелоденувани пред да добијат агреман од државата домаќин, ни збор за твитер и фејсбук ликувањата за “избоксувани амбасадорски места”. И, ни збор за новиот Предлог-закон за надворешни работи, крчкан тивко на едвај видливи јавни дебати (меѓу моите и твоите), а со кој токму на ваквата партиско-пријателска поделба на амбасадорскиот колач, треба (демек) да се стави крај . Или, ајде ние да си пуштиме она што е наше, да се пополни сè што е празно по амбасадите, а за после другите нека му ја мислат! Тинејџерски финти? Ни збор од Претседателот за овој предизборен трик-пазар.

И наместо десетгодишна програма за дигитализација на Македонија, под негово покровителство, работа што требаше да биде нормален опис и попис на задачите на Министерството за информатичко општество и администрација (зајдено во штанцање огласи за партиски вработувања), да си се зафати со она што е изворно и реално право на претседател на оваа држава. А тоа е, да ги собере и инструира актуелните и идни дипломатски претставници на државата, да седнат здраво да поработат на дигиталната дипломатија (нека си ги погледнат само со години неажурираните веб страници, оценувани од релевантни агенции за дигитална дипломатија, на дното во регионот), да поработат на јавната, економската и културна дипломатија, што до неодамна им беше една од приоритетните обврски и задачи. Туку ова и не е од толку приоритетен домен на дипломатите од собраниската галерија, па ајде да си го премолчаме срамот? Балкански јанусовски финти!

Она што исто го премолча Пендаровски, а само неколку дена пред тоа го дискутираше пред Форум за нееднаквости во човековиот развој на УНДП во 21 век, каде што сме длабоко на европското дно, требаше ако ништо друго барем да го повтори пред пратениците и целата македонска јавност, дека: “За жал, поради корупцијата и особено високата корупција, ние сè уште зборуваме за нееднаквост на граѓаните пред законите. Затоа и не треба да бидеме изненадени од нивното незадоволство. А, кога граѓанинот ќе ја загуби вербата во правдата, тогаш ја загубил најсилната врска со државата”. И ни збор за тоа дека македонските средношколци се најлоши од сите во регионот и другата крајно лоша вест, дека нашата држава е на дното по квалитет на живот во регионот. Или можеби најстрашната од сите вести,што ја слушнавме деновиве на друг еден форум посветен на корупцијата, дека не постои ниту еден случај на пријава за мито и корупција во македонското здравство (освен онаа за јавно уловениот заменик министер). Или за особено високата корупција до изборите, ни збор? Јанусе!?

Го премолча Пендаровски и предлог-измените на Изборниот законик во предвечерието на веќе распишани избори, на инвазијата од стотици закони во скратена постапка, на броени седмици пред распуштање на Парламент и обидите да се донесат по секоја цена, на шверцерски начин. Дали сериозен европски политичар би пропуштил во обраќање во законодавниот дом, да не укаже на тоа? Освен ако уште сега не засукал и самиот ракави, па со иста таква брзина со указ ги завери сите овие набрзина кампањски подготвени закони. Без час дебата. Со нула демократски капацитет и парламентарен дијалог. Нов сет, балкански јанусовски финти.

Многу дијагнози од Претседателот. Исто толку многу “Ќе”. Премалку од еден политичар кој и пред пет години не убедуваше дека има решенија за сите наши проблеми. Засега, лекот за дијагнозите е чаша шеќерна водичка и грст добри јанусовски фрази, од кои многу малку фајде ќе имаме во реалниот живот.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.