Весна Јаневска
Својата професионална кариера ја почнав како општ лекар во високо специјализирана душевна болница во која се лекуваа душевни болни со мајорна душевна патологија. Болницата имаше извонреден лекарски колектив, кој поради долготрајното искуство рутински се грижеше за болните, но се грижеше. Престојот во таа болница за мене секогаш ќе остане како еден од најубавите периоди од мојот живот. Не само затоа што ја сакав психијатријата, туку и заради тоа што од колегите кои работеа таму научив многу за животот, за психологијата, за филозофијата, за социологијата, за парамедицината, дури и за антипсихијатријата. Научив и од пациентите, не од сите, но од многу од нив. Еден од нив во моментите на ремисија тагуваше, се каеше и плачеше пред мене за злоделото кое го направил, еден бараше посилни лекови затоа што чувствуваше дека му се враќа болеста и ќе стори нешто лошо, еден од нив ме сакаше и ми носеше по еден цвет од градината, која тој сам ја одгледуваше во крајно шизофрен аранжман. Еден друг ми објаснуваше дека во него живее Исус и дека тој треба да го спаси светот. Еден од нив пак се обидуваше да ме излаже дека му паднал притисокот за да добие од мене кафе, кое редовно го добиваше. Потоа, откако ќе го испиеше кафето, се срамеше и извинуваше. Овие тешко болни пациенти длабоко во себе беа луѓе. Имаа чувства, имаа одговорност кон другите и имаа совест.
Деновиве во еден момент пак помислив дека се наоѓам во душевна болница, ама чувството не ми беше пријатно и на овој период ќе се сеќавам како на најгрдиот во мојот живот. Не затоа што лично имам некој сериозен проблем, да не ме разберете погрешно, туку зато што сите ние имаме тежок, тежок проблем. Впрочем можеш ли да бидеш среќен ако околу себе гледаш само несреќа? Некои можат, но човечки ли е тоа?
Како да ти е тебе добро ако илјадници се заразуваат и десетици секојдневно умираат? При тоа слушаш дека вакцини само што не стигнале и дополнително на тоа дека ВМРО-ДПМНЕ не може да се помири што државата набавува вакцини од скоро сите производители. Жал ми е, многу ми е жал, но оваа изјава личи на изјавите кои ги слушав од некои пациенти во душевната болница од кои ништо не можев да научам затоа што тие беа до толку болни што нивното зборување беше неповрзано и нелогично. Па се слушате ли вие разумни, не болни, луѓе што зборувате? Има ли било каква логика ова што го велите? Кому му се обраќате? На душевно болни? Каде ви е човечкото во вас, каде намус, каде образ, каде ви е стамот. Ајде вие, а тие што седат до вас, ве слушаат и без ронка срам уште и ве поддржуваат. Не, не мислам на народот. Мислам на министри, пратеници, директори и други функционери кои ни ронка срам немаат кога ги слушаат овие глупости и заедно со вас го лажат народот. Не наведнуваат глава, не се повлекуваат, не замолчуваат, а соучествуваат. Следењето на еден неписмен и препотентен човек, кој е на една од најзначајните функции во државата е дополнителна приказна.
На глупостите им нема крај, еден фатен на дело со рацете во парите се закнува со тужби и тоа дека нема да молчел. Аман нека замолчи еднаш, време е. Друг се фали со запленување на 4,5 тони, кои одеднаш станаа 30 или околу 300 килограми путер со истечен рок. Путер со истечен рок бил борба против корупција, или дело за на телевизија? Да беа 30 килограми хероин, навистина ќе беше и за на социјални мрежи и за на телевизија, ама не е, путер е. Па дури и да беа 4,5 тони, изјавиве за килограмиве во секоја минута се менуваат.
Вчера или пред некој ден, генерал на нашата армија дава изјава за јавно изречена изјава на полковник од истата армија. Па нели тие двајцата се раководни функции на армијата, на армијата. Што мисли обичната војска кога ги слуша, а што ли мисли кога ја слуша НАТО министерката која за висок чин во нејзината и наша армија вели дека е лажго, па и плачко? Каква е оваа армија?
Главна вест Орце Камчев во притвор затоа што имало индиции дека ќе бега и тоа со партнерка. Со партнерка, со партнерка!!! Се прашувам зошто ли е тоа важно? Мислам партнеркава. Важна ли е нешто, осомничена ли е за нешто? А службената белешка за која што зборува одбраната? А обвинителката од Радовиш?
Артан Груби не се поклонува. Веќе прашав и пак прашувам: Па кој нормален помисли дека тој ќе се поклони? Прашањето е зошто доби плакета или што и да е тоа што му го дадоа??? Зошто, со што ја заслужи? Веројатно за настаните на Водно!
Се случила компликација при породување на родилка. Ама, се случила при лекувањето во државна болница, односно во криминална нерегистрирана амбуланта или болница. Консеквенции за сопственикот на нерегистрираната амбуланта или болница нема. Зошто? Затоа што тој е виден член на ДУИ? До кога вака? Љупчо, ова е криминал!
Се гледате ли што правите? Зошто го правите тоа? За ова има само два логични одговори. Или некој непознат вирус ги запоседнал вашите умови или тоа го правите за пари и само за пари. Сега прашањето е колку пари и моќ, која парите и функцијата ви ја даваат, се доволно? Уште колку глупости треба да излезат од вашите усти, уште колку глупости треба да направите, уште колку заразени треба да има и уште колку луѓе треба да умрат? Вакцини нема, нема, а треба да има!
Не потрошивте доволно милиони за да добите помош од ЕУ, а ги исцицавте од кутрите граѓани. На почетокот на пандемијата купував кутија маски по 1700 денари и ракавици по 1500 денари, затоа што на друго место поевтини не можев да најдам, а ми требаа и за лична заштита и за на работа. Во тој момент немаше маски и ракавици по клиниките и институтите за работа, за работа, па сами купувавме. Луѓето сами си ги плаќаа тестовите. Луѓето сами си го плаќаа лекувањето по приватните болници со илјадници евра, се разбира тие што ги имаа, други умираа. Се зборува дека клексанот и лековите кои и сега ги нема се продаваат на црно, по баснословно скапи цени.
Има трет или кој и да е по ред бран, а вакцини нема. Прегореа докторите. Што ќе правиме кога ќе паднат. Мислите на тоа?
Воведовте полициски час, а не го одложувате пописот. Оној кутар Апостол ме убедува дека на улица, пред зграда, во ред, на масичка треба да одговарам на околу 60 прашања кои всушност треба да бидат доверливи. Се слушате ли? Се слушате ли?
Министерката за образование и наука почнува реформа без да подготви терен за истата. Се инаети и покажува моќ над целата релевантна стручна јавност. Зарем навистина им верува на „соработниците“, партиските послушници, и уплашените директори? Можно ли е, или до толку наивна? Просто човек да не поверува!
Нешто кревок ви е и соживотот или како што милувате да кажете „животот за сите“. Читате ли што пишуваат луѓето по социјалните мрежи? Ги слушате ли соопштенијата на УЧК ветераните, па Стојанчо мора да дава изјави против омрази!? Ова немојте да ви се провлече, ова може да биде и најстрашното од сѐ. Точно ли е дека додека се расправате за изјавата на полковникот, во редовите на Тигрите ви седи човек од ИСИС?
После сè ова и многу други будалаштини кои навистина нема потреба да ги набројувам едно е сигурно. Никој не ја спомнува бугарско-македонската комисија, анексот на договорот, бришењето на терминот македонски, баснословното задолжување, сиромаштијата.
Цел живот по душевната болница го поминав на Медицинскиот факултет и крваво го одработив. Од здравствената дејност до професорската титула, до трудовите кои ги пишував, до комуникацијата со студентите и пациентите. Имав среќа да бидам во исто друштво, со луѓе кои ја ценеа науката, знаењето и работата. Веројатно затоа, сево ова што го гледам и слушам надвор од таа институција ме потсетува на душевна болница. Ама таму имаше тешко болни луѓе со чувства, со одговорност кон другите и со совест. Овде и сега, надвор од душевната болница, овие човечки доблести не ги гледам.
Луѓето кои немале доволно пари во животот имаат право да мислат дека тие ќе им донесат среќа. Оние кои имале и повеќе од што им треба знаат дека тие среќа не носат. Колку и повеќе да ги имате нема да направат да бидете позадоволни од себе и еден ден можеби ќе посакате да мислите дека во вас живее Исус за да може нешто добро да направите. Нема да може, тоа е болна идеја, а вие ќе мора да живеете со она што сте го оставиле зад себе. Пустош, јад и беда.
П.С. Сакам да се вакцинирам!!! ВАКЦИНИ НЕМА!!! И за тоа сте криви вие и само вие!!!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.