Ламбе Арнаудов, Ѓорѓи Малковски, Манојил – Мане Јаковлески
Во последно време сведоци сме на низа активности кои се насочени да се дискредитира и дестабилизира политичката гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ и секој оној кој ја поддржува.
Со систематично и добро разработено сценарио, се спроведуваат разни активности со кои директно се напаѓа кредибилитетот и моралниот интегритет на низа личности, почнувајќи од највисоката позиција, па до сите клучни активисти во хиерархијата на партијата.
Неколку „печалбари“, кои беа на високи функции во државава и во ВМРО-ДПМНЕ, се прикажуваат како многу загрижени за сопствената земја и, замислете, за ВМРО-ДПМНЕ. Но, всушност, целокупната нивна активност е насочена кон дискредитација и јавна бламажа на високото раководство на ВМРО – ДПМНЕ и, кон сите лојални членови во Партијата, со што, смислено и со умисла, прават директна штета на националното единство на македонскиот народ.
Со самиот факт што овие „печалбари“ и го свртеа грбот на ВМРО-ДПМНЕ, многу помогнаа партијата да се сплоти, обедини и со нови сили да се спаси и да продолжи по успешниот пат по кој ја води претседателот Христијан Мицкоски.
Овие „печалбари-спасувачи“ не можат да се смират да не бидат во близина на чекмеџето со пари. Впрочем, тоа им беше и главната агенда во нивното целокупно не(работење) во Партија и во државните институции.
Невидена глупост, пуста желба и лични интереси повторно да се добие некоја висока партиска или државна функција, или, пак, се работи за ветувања многу поголеми од функција во власта?
Каква е нивната улога во ова сценарио што го спроведува лидерот на СДС и, кој тоа, овие самонаречини душегрижници, ги повикал да ја спасуваат партијата и од кого? Се разбира, на прво место, според нив, тоа е од Христијан Мицкоски, кој беше избран на вонредниот Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во Валандово и кој има огромна поддршка од членството и од Ветераните на Партијата.
Немало и нема да има таква личност што може да ја растури ВМРО-ДПМНЕ, иако, многумина цело време се труделе да го спроведат ова гнасно сценарио исклучиво за нивни интереси и лични амбиции.
Ако на првиот претседател и еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Георгиевски, не му успеа да ја разнебити Партијата, тогаш, смешно е и да се помисли дека овие креатури од луѓе, односно “печалбари“ во политиката, ќе имаат капацитет и ум оваа подла игра целосно да ја спроведат во дело, според план однапред подготвен од лица и институции кои работат на директно разнебитување на ВМРО-ДПМНЕ и библиска Република Македонија.
ВМРО ДПМНЕ е партија изградена врз цврсти идеолошки принципи, Затоа, ниту еден од овие „печалбари“, не само што малку или воопшто не ја познаваат и почитуваат идеологијата на Партијата, туку, немаат ниту капацитет и знаење за да си дозволат да даваат мислења и предлози за Партијата или за водечките партиски личност во неа. Тие се премлади, без капацитет и без национално чувство, и, што е најважно, тогаш кога ја формиравме партијата уште беа во пелени, за да можат да ја креираат идеологијата на ВМРО ДПМНЕ.
Затоа, срамота и предавнички чин е нивната „амбиција“ денес тие да се јавуват и пишуваат дека, замислете, ќе биле „спасители“ на ВМРО – ДПМНЕ. Народот, за луѓе кои ќе направат некоја глупост, како овие самобендисаниве, секогаш велел „Зини земјо, голтни ме“. Полошо од ова, здравје.
Секому треба да му биде јасно за навек, ВМРО-ДПМНЕ не е само политичка партија, туку, самото име ВМРО е идеологија, ВМРО е браникот на Македонштината, на државата, на историјата, на културата, на јазикот итн. Така е и така ќе биде се додека векот векува и светот светува.
Затоа, ние, основачите и ветераните на ВМРО-ДПМНЕ порачуваме: Претседателот Христијан Мицкоски да продолжи храбро да ја води ВМРО-ДПМНЕ по патот трасиран во Програмата и Статуот на ВМРО – ДПМНЕ и по патот на победата.
Премногу тешки и мачни човечки судбини се преголем данок што чесниот македонски народ и нашата татковина Македонија можат да го платат за да нивните погубни судбини паднат во вашите лепливи, предавнички раце.
Затоа македонскиот народ и ВМРО-ДПМНЕ ви порачуваат: Држете се подалеку од нас! Трпението ни е при крај, не знаеме што сé може да ве снајде.
Драган Богдановски се превртува во гробот кога гледа како „печалбари“ се обидувале да ја „спасат“ ВМРО-ДПМНЕ!
Вечно да е ВМРО-ДПМНЕ!
Вечна да е Македонија!
АМИН!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.