Петар Поп-Арсов
Заминува и 2021! Годината на надеж и очекувања. Барем така беше дочекана при испраќањето на претходната во која го примивме првиот удар на најголемите ограничувања, изолации, самоизолации, страв и директни ефекти по здравјето и животот од фамозниот натрапник Ковид-19. Солидно подготвени, истренирани и во релативно добра кондиција за успешно избегнување контакти со пријателите, отуѓување од најблиските, физичка дистанца кон секого, имавме желба 2021 да биде годината на пресврт и враќање во нормалноста. Посакувавме да се вратиме на старите добри навики, начин на функционирање, комуникација, а новата година да ни ја донесе толку посакуваната социјална реинтеграција.
Очекувавме и подобра индивидуална и колективна перспектива, стандард, просперитет. Се надевавме на подобар живот во сопствената држава, на подобро здравство, образование, ефикасно судство, сузбивање на корупцијата. Оптимистите веруваа во почеток на преговорите и продолжување на процесот на евроинтеграции, а оние со подобра меморија сонуваа дека веќе заборавените 500 евра просечна плата конечно ќе станат реалност после пет години власт на …дотичните.
И, што се случи? Што ни донесе 2021? Кои се оние највпечатливи неколку работи кои што први ни паѓаат на памет кога пред крајот на годината фрламе поглед кон ретровизорот со цел да ги прилагодиме нашите очекувања за наредната?
Прилагодени очекувања! Клучна поента. Тие секогаш треба да бидат реални и правилно димензионирани. Преголемите очекувања се тие кои создаваат немир и притисок во секој од нас поради стравот од нивното неисполнување. Но, едно се очекувањата како такви, а сосема друго е кога ќе ги оплемениме се амбиција и желба, нешта кои што одат неколку чекори подалеку, а сите заедно споени ја создаваат онаа сила која не движи напред.
Неблагодарно е да се пишува и генерализира за индивидуалната перцепција на секој од нас за годината која што изминува. За некого беше подобра од претходната, за некого не. Некои загубија блиски луѓе како последица на Ковидот. Некои останаа затворени во своите домови, избегнувајќи секаков контакт и социјална интеракција поради стравот од истиот тој Ковид. Вестите за заминувањето на луѓе што сме ги познавале целиот живот, роднини, пријатели или комшии беа примани со неверојатна рамнодушност и прифаќање како нешто нормално и секојдневно за годината во која што живееме. Ковидот беше оправдувањето со кое се правдавме пред себе и останатите за сите постапки со кои се отуѓувавме едни од други и дистанциравме од воспоставените обичаи и култура на нашето живеење. Некогаш оправдано, некогаш не! Тоа беше нашата нова нормалност која ја добивме на подарок од 2021. Нормалност во која скоро и да не забележавме дека сме целосно интегрирани.
Секако дека имаше и убави моменти кои даваа надеж и сила да се истрае. Независно од тоа дали овие моменти беа колективни или индивидуални, нивниот придонес за намалувањето на негативната перцепција на нашето секојдневие во 2021 имаше седативно дејство меѓу два брана на фрустрации, страв и разочарување заради времето и местото во кое што живееме. Реков дека за индивидуалната перцепција на 2021 не можам да пишувам, тоа е лична димензија на секој од нас. Ниту пак можам да пишувам за колективната перцепција, како „перцепција на стадото“ која претставува статистичка резултанта на збирот на индивидуалните доживувања на 2021.
Ќе се обидам да дадам сопствена сублимација за она што не допира сите нас. За она на кое што сме му ја делегирале сопствената волја и личен суверенитет, кој како „суверенитет на стадото“ ни припаѓа само на нас, граѓаните.
Збор два за македонската држава, политика и власт во 2021
Од каде да почнам? Од внатре на надвор или обратно, од надвор на внатре? Исто му доаѓа! Меѓусебната поврзаност на овие две компоненти создава заеднички импакт врз животот на македонските граѓани. Ние не сме изолиран систем. Одамна не живееме во стакленото ѕвоно во процепот на левата и десната страна на железната завеса. Легендарната реплика од филмот „Среќна Нова ’49 Година“, „Истокот нè отпиша, западот не нè запишуе“ полека но сигурно се трансформира во нова дефиниција на македонското современо битисување, „Западот нè запишува, истокот од петни жили се бори да не нè отпише“.
Но, тоа е друга тема, за друга и поопсежна анализа која има далеку поширок временски опфат од оној што со себе го донесе 2021. Нашето кратко паметење е најсигурната карта на која отсекогаш играле концесионерите на волјата на граѓаните, македонските властодршци. Затоа да се држиме до 2021.
Датум за почеток на преговори повторно не добивме! Дури два пати во 2021. Веќе станува критична бројката на недобиени датуми за време на владеење на оваа власт, која што бројка сериозно се приближува кон бројот на „добиени, одбележани и прославени датуми“ од почетните години на нивното владеење. Првичниот наратив дека демократијата е вратена, државата е ослободена, човековите права се на потребното ниво, правото владее со сета сила, земјата е подготвена за членство во ЕУ, а првата меѓувладина конференција со ЕУ ќе се случи „следниот јуни“, се претвори во наратив за потребата од намалување на очекувањата.
„Да ги намалиме очекувањата со цел да не се разочараат граѓаните“.
Од поддршка за членство на македонската држава во ЕУ, која некаде во 2009 година изнесуваше околу 96%, се сведовме на бедни 53% во 2021. „Прогресивните сили“ донесоа прогрес на евроскептицизмот, а перјаницата на таквиот прогрес, Никола Димитров, веќе цела 2021 е носител на споменатиот наратив за спуштање на очекувањата на граѓаните во поглед на процесот на евроинтеграции. Целта на намалените очекувања е да се симне притисокот на јавноста врз владејачката структура поради неиспорачаните резултати. Разбирливо е ваквите тактики и стратегии да се дискутираат во затворените партиски кругови на власта заради нивниот интерес од намалување на политичките загуби. Но, отвореното заговарање за намалување на очекувањата на македонските граѓани во однос на евроинтеграциите е пресериозен превид, политички аматеризам и директно ширење на евроскептицизам. Не знам дали Димитров е свесен за сето ова? Можеби не, а можеби човекот е евроскептик?!
Намалувањето на очекувањата е исклучително добра теза за опстојување на власт во услови на стагнација на мекедонските евроинтеграции. Ако власта е цел самата по себе, а приказната за ЕУ Димитров ја смета само како алатка за остварување на целта, тогаш го имаме вистинскиот лидер на сите евроскептици и растечкиот евроскептицизам во државата. Лидер, кој со својот арогантен однос успеа да им ја одмили идејата за ЕУ и на најзапалените ЕУ фанови.
Има ли алтернатива за ЕУ? Се разбира дека не, и покрај тоа што Заев „на бегање“ потпишува договори за Отворен Балкан. Секоја интеграција која што ќе овозможи подобар проток на информации, капитал или работна сила е добредојдена, но во никој случај не смее да претставува алтернатива на македонските евроинтеграции. Заев не дојде на власт со ветувања за „Мал Шенген“, емисија на лажни пасоши, дипломатски шверц, пожари, сообраќајни катастрофи, корупција и заробено судство, кои во 2021 беа врвните дострели на неговата влада. Тој вети членство во ЕУ и просечна плата од 500 евра.
Каде се еврата, каде е ЕУ?
Државата плива во корупција. Во 2021 година живеевме со сознанието за рекордно високо ниво на корупција која што била измерена во претходната година. Со какво сознание ќе живееме во 2022, не знам, но кога веќе сме влезени во филмот на намалени очекувања, би препорачал да си ги намалиме очекувањата за полесно да го примиме мерењето на корупцијата од 2021.
Да ги намалиме очекувањата и за цената на струјата во 2022. Да ги намалиме дури и очекувањата за самата струја ако воопшто ја има и покрај најавеното зголемување на нејзината цена. Односот во енергетскиот сектор и недомаќинското раководење и управување во 2021 нè доведоа во незавидна положба. Ние веќе плаќаме енормно високи сметки поради набавката на прескапа струја. Тоа што нејзината вредност не е изразена на секоја сметка што ја добиваме, не значи и дека од некаде нашите пари не одат „во бунар“ за покривање на неспособноста на оваа власт. Механизмот со кој ги испумпуваат парите од нашите сметки говори за тоа дека се работи за вешта паразитска власт која „безболно“ го цица домаќинот до негово целосно исцрпување.
Ќе се освестиме, но ќе ја платиме и цената!
Свесна за својата потрошеност која го достигна својот пик во 2021, кон крајот на годината власта влезе во процес на метаморфоза со цел да го промени својот облик. Да, само обликот! Промената на партискиот лидер, најавеното кадровско рекомпонирање на нивното партиско раководство, како и евентуалните промени во владата, се потези кои имаат за цел да се амортизира бранот на незадоволство кој полека ја достигнува својата критична вредност. Поставувањето на лидер, класичен партиски апаратчик, човек од кој воопшто не сме слушнале кои се неговите ставови во однос на клучните политички прашања за кои се кршат копјата во македонското општество, како и извезсните „хокеарски“ измени во министерските фотељи кои ќе следат, треба да создадат слика дека власта во Македонија е променета.
Лошите заминаа, остануваат добрите!
Дојдоа промените! Имаме нова власт! Заев го нема! Нема потреба од избори!
Тоа е мастерпланот!
Тоа е новиот облик на паразитот кој „на бегање“ ни го остава 2021. Облик, преку кој ќе се обиде да продолжи да паразитира во македонскиот организам и во 2022, но и во следните неколку години. Тоа е новата доктрина на намалени очекувања која ќе им овозможи простор на медиокритетите своите просечни резултати да ги прикажуваат како врвен дострел, а потребата од предвремени избори и политички промени како депласирана и веќе завршена приказна.
Нека ни е Среќна 2022 Година! Да ги поставиме очекувањата на максимум!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.