Никола Србов

Правниот систем е одлика на една држава, каков е тој таква е и државата. Сите сегменти на едно општество зависат од правниот систем, со него е врзан политичкиот систем на државата значи обликот на државата, со него се врзани финансиските односи, со него се врзани безбедносните одредби, политичкото делување, граѓанското делување, трговијата, транспортот, здравството, земјоделството и сѐ останато што можете да замислите во една држава е на некаков начин поврзано со правниот систем. Тој е темелот. Ако темелот е цврст, изграден од квалитетен материјал и направен по сите градежни прописи и се внимава да не се поткопа, тогаш таа градба ќе опстои со векови. Доколку темелот е трул, плиток, со фалц материјал и се поткопува секоја година заради некаква доградба, градбата ќе падне и на најслабиот потрес од 1 степен според Рихтер. Ете, толку е едноставно и просто да се сфати важноста на правниот систем во државата.

Македонското судство, за кое премиерот Заев кажа дека го „отворил како пупка“ е во вистинска смисла отворено, отворено е власта да прави што сака и како сака. Нас државава ни стои на отворени темели.

За состојбата со судиите и обвинителите во Македонија се изнаслушавме изминатиот период и сфативме едно – џабе фрлиле толку години на образование кога обвиненијата и пресудите ги носи политиката. Не, озбилно, зошто овие луѓе воопшто учеле? Зошто фрлиле време, труд и финансиски средства за да го оформат своето образование и да одговорат професионално на барањата кои ги поставува нивната професија? Ваков пример имало веднаш по крајот на Втората светска војна кога новите комунистички власти сета интелегенција во Македонија ја гледале како непријателска, па по справувањето со сите тогашни образовани правници немало кој во судница да седи на местото предвидено за судија. Има безброј случаи кога на тоа место седеле луѓе со завршено само основно образование, изговорот бил дека немале кадар бидејќи кадарните и образованите кршеле камен во некоја ќелија или биле изолирани. И во тој систем навистина немало потреба од многу образовани судии, имало потреба само од човек кој знае да чита за да ја прочита пресудата напишана во ЦК на КПМ пред обвинетиот. На лаик како мене денешната состојба во судството му изгледа како онаа после војната и „Среќна нова 19`“му е исто како „среќна нова 49`“.

Но, бидејќи не сум стручен да зборувам за судство, да не бидам дел од сестраните експерти во нашево општество, има една друга работа која ми паѓа во очи и која може да ја забележи секој човек, па дури и лаик како мене. Тоа е целата адвокатска фела.

Денеска во Македонија е честа појава да адвокат на својот тужен клиент, на прашањето од страна на клиентот „дали ќе добиеме на суд?“, да одговори „доколку судот одлучува непристрасно и професионално сигурно ќе ги добиете бидејќи имате одлични аргументи“, ова е тотален дебакл за еден систем. Уште пострашно е кога адвокатот на клиентот ќе му каже „но знаете дека за вашиот случај нема да има објективно судење бидејќи самиот предмет се коси со политиката на власта“, ова е веќе распад на системот.

Ова важи и за маргинални предмети од типот на клевета, навреда и слично, за покрупни предмети подобро и да не си земате адвокат, џабе само пари ќе давате, секако ќе бидете осуден.

Денеска во Македонија да сте најлошиот адвокат со најмногу изгубени спорови, доколку застапувате клиент чии тврдења се во корелација со власта, вие нема да имате потреба од составување одбрана и да прибирате докази, седете мирно, секако ќе го добиете случајот. Но доколку сте еден од најдобрите адвокати, со долги работа години зад вас, труд и резултати, а застапувате клиент чии тврдења се косат со моменталната политика, тогаш можете да ја составите најдобрата можна одбрана, да ги обезбедите најдобрите докази во корист на вашиот клиент, да направите сѐ најдобро што може да направи еден успешен адвокат, сепак вие ќе изгубите на суд, поточно, ќе бидете жртва на вашиот клиент кој пак е жртва на своите ставови кои не им се допаѓаат на властите.

Дискутабилно е прашањето дали во Македонија вреди да се вложуваш целосно во професијата која знаеш да ја работиш, која ја сакаш и во која се осеќаш супериорно, залуден ќе ти биде трудот.

Кога сите знаеме дека темелот на државата, поточно правниот систем ни е комплетно трул и поткопан, не треба да се чудиме зошто во Македонија не функционира речиси ништо. Секоја институција се основа со акт, со правен акт, ако во нејзиното основање има нешто труло тогаш како ќе очекувате резултати од истата.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.