На тие што молчеа 1
Лазачи на мракот, на црната стега,
голтачи на трње и на дробна земја,
духот што се теши со молк и со темјан,
сениште е жално од себе што бега.
Зар тоа сте вие в глувчевата дупка?
Та не е од душа, ниту е од Бога.
Дур’ топло нѐ грее старинскиот оган,
тврдо срце епско уште во нас тупка.
Мегданот е овде, в мајчиниот двор,
низ нашиот дом се стркала Смртта,
ни скршија ‘рбет, и сѐ уште вртат…
Ти го гледаш тоа без да кажеш збор.
Што ли беше тоа, каква ноќна мора,
каков кошмар стрвен го презема Сонот?
Слободата наша пак си појде в гора,
душманот ги држи жезлото и тронот.
На тие што молчеа 2
Како коцки в дланка,
на гради ве стискав,
во вас се колнев,
дваж-триж пати хукав,
ве целував, преколнував
– но од вас седумка не излезе.
Знам, така е, добиваш или губиш.
Јас без зијан-пријатели останав,
а вие, еве, од туѓи дланки фрлени,
сѐ уште се тркалате по зелената чоја,
но од вас никогаш седумка не бидува.
Од истиот автор: http: //javno.mk/kliman-sega-se-igra-teshkoto-nasheto-oro-starinsko/
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.