Петар Поп-Арсов

Да се оди, или да не се оди на избори? Вистинска шекспировска дилема! Ќе гласаме ли на 12-ти април? Прашање кое во отсуство на традиционалната магловитост на доцната есен, полека но сигурно, почнува да го замаглува македонскиот политичкиот простор.

Првите пробни балони исполнети со магла, пуштени преку владиниот партнер од Мала Речица, иако изгледаа како нормална атмосферска појава во повисоките планински предели, сепак го најавија стравот од избори кај СДСМ. Прашањето за извесноста на изборите особено ги мобилизираше и претставниците на онаа „политичка збирштина“ која што го дополнува парламентарното мнозинство и која што го овозможи потребниот квантум на гласови за исполнување на она што беше реализирано.

„Забавните“ изјави на премиерот дадоа континуитет на спуштањето на политичката магла во руралните средини. Набргу следеше повикот на т.н. невладина организација „Совет на амбасадори“ за одлагање на изборите, со што го најави спуштањето на маглата и во урбаните центри. Името „Совет на амбасадори“ звучи некако неинвентивно, излитено и по многу нешта потсетува на „Дипломатскиот совет на СДСМ“, формиран пред десетина години. Обично се вели дека секоја сличност е случајна, но составот и постапките на „Советот на амбасадори“ се далеку од случајни.

Сето ова ќе личеше на класични предизборно испитување на пулсот да не беше интервјуто на министерката за одбрана, која го заокружи процесот на замаглување и целосно го прекри македонскиот политички простор со густа политичка магла. Магла, која дефинитивно претставува сериозна конкуренција дури и на енормното загадување со кое сме лидери во светот.

Членството во НАТО и потребата од ратификација на пристапниот протокол кон оваа организација се изговорот и причината за бегање од избори и соочување со гласачите. Понуденото решение од ВМРО-ДПМНЕ за ратификација на Протоколот со одложено дејство, со што ќе бидат надминати сите дилеми и навреме пресретнати сите опасности и компликации на процесот на пристапување кон НАТО, беа дочекани со дополнителна доза на политичка магла, која овој пат се спушти директно од Водно, од претседателскиот кабинет.

Претседателот имал дилема, и тоа правна дилема за можноста за ратификација на Протоколот со одложено дејство. Претседателе, Вие не смеете да имате дилеми, па биле тие и правни. Вие мора да имате став, политички став, да пресечете. Правни дилеми и проблеми може да имаме ние што сме избркани од работа, дискриминирани и политички прогонети, а одговорите на таквите дилеми ги бараме и решаваме на суд. Правните недостатоци и недоречености, особено во вакви сензитивни моменти за Македонија се рашаваат сега и веднаш, онака како што беше решен Гордиевиот јазол. Недопустливо е претседателот на државата да функционира на парадоксален начин по принципот „нешто многу се мислам, или можеби не?“.

Вие не сте административен чиновник кој е фрустриран од ниската плата, со право разочаран слушајќи за огромните плати и паушали на вработените во СЈО и нивните надворешни соработници. Не сте ни претставник на некоја НВО за да се додворувате со изјави, ефектни на таквите собири, дека би се иселиле од Македонија доколку не бевте претседател. Излезете веќе еднаш од тој филм на државен чиновник и станете државник. Бевте избран да бидете претседател! Избран сте и поради конструктивното и државничко учество на клучните политички сили во Македонија, вклучително и на секој македонски граѓанин што гласаше дури и против Вас.

Во септември годинава, непосредно по седницата на Советот за безбедност, Вие самите изјавивте дека влегуваме во еден период кој може да биде турбулентен и од политички и од безбедносен аспект, затоа што во наредниот период се очекуваше завршувањето на неколку битни ратификации во однос на нашето НАТО членство.

Од каде сега одеднаш надоаѓа вашиот отпор кон брзото и ефективното завршување на процесот на ратификација на Протоколот од наша страна, особено во услови на комплицирана политичка состојба во Шпанија. Како може да постои дилема кога веќе ви е презентиран примерот на Црна Гора за решавање на прашањето на идентичен начин? Зарем ратификацијата на Преспанскиот договор со одложено дејство не ви ја решава дилемата, или можеби тогаш немавте правни дилеми, како што немате ниту сега околу предвременото извршување на превземените обврски со Преспанскиот договор?! Каде ви беа правните дилеми по недобиениот датум за почеток на преговорите со ЕУ, од кој што зависи продолжувањето на имплементацијата на Преспанскиот договор? Каде сте да реагирате и да ги штитите интересите на македонската држава и нејзиниот правен поредок? Сега имате дилема, кога треба да се штити неспособната влада на СДСМ и да се бара начин за продолжување на нејзиниот опстанок?!

Изборите беа договорени на лидерска средба, токму кај Вас, кај претседателот на државата, непосредно по разочарувачката одлука на Европскиот Совет и повторната блокада на почетокот на македонските преговори со ЕУ. Претседателот треба прв да инсистира на почитување на договорот за избори и секое понудено решение, кое е од интерес на Македонија, да го поддржи. Затоа требаше да го поддрши предлогот на лидерот на ВМРО за промптна ратификација на Протоколот за НАТО со одложено дејство. Со тоа ќе ја отстранеше единствената реална дилема која што самиот ја наметна, односно дали Стево Пендаровски е партиски чиновник на СДСМ или претседател на сите граѓани на Република Македонија?

По се изгледа одговорот е јасен!

Нашето зачленување во НАТО е повеќе од важно и не смее да се релативизира на никаков начин. Македонија не е земја која секој месец добива вакви покани и постигнува слични успеси. Зачленувањето во НАТО како стратешка цел на државата, за која ВМРО се залагаше како прв политички субјект во независна Македонија, не е секојдневна појава за да се има дилеми околу тоа. Добро е и да не се заборави дека ВМРО своите стратешки политики ги остваруваше и остварува независно дали е на власт или во опозиција. Зачленувањето во НАТО е една од таквите.

Затоа треба да се елиминираат сите дилеми, опасности и можни компликации. Ратификација на Протоколот веднаш, а потоа избори!

Изборите се потребни за да се стави крај на овој нелегитимен парламентарен состав. Потребни се за да заврши мандатот на нелигитимно избраниот претседател на Собранието. Избран во услови какви што беа и никогаш да не се повторат, со избројани шеесет и еден пратенички глас во рок од пет секунди. Човек за пет секунди не може да изброи ни до десет, а не пак да изброи шеесет и еден пратеник со крената рака. Потребни се избори за да не се повтори референдумското гласање со најголема брзина на глас во секунда. Изборите требаат заради недобиениот датум за преговори со ЕУ, кој во 2018 година лажно го славевме со буџетски средства на празните плоштади. Потребни се избори заради аферите во СЈО, оние кои беа формирани и дебело платени да се борат токму против таквиот криминал, а не од таа борба да прават криминал со логаритамска експоненција. Избори требаат заради македонската демократија, владеење на правото и предвидливоста на економскиот амбиент во државата.

Ако Ајнштајн рекол дека: „Неможете да решите дилема со сиот ист ум кој што ја создал“, аналогно, неможете да решите проблем во државата со сиот ист ум кој што е причина и креатор на таквиот проблем.

Затоа требаат избори, без дилема!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.