Ден 38. Македонија на мапата на СЗО меѓу земјите во кои се регистрирани заболени од Корона вирус. Биланс на заболени 384. Смрттни случаи 11.
Млако менаџираме со ситуацијата и се давиме во сопствената безидејност со импровизации.
Сите овие денови првиот човек на македонското здравство, менаџерот, стратегот, министерот Венко Филипче во улога на главен ПР и презентер на пресовите на министерството за здравство.
Наместо вовед, нужно се наметнува потребата да ве потсетам на лекции од здравствениот менаџмент кои можеби сте ги пропуштиле. Здравствениот менаџмент и здравствената стратегија се креираат со цел да се постигнат националните, регионалните, локалните или институционалните потреби на индивидуата и општеството. Сите овие јавноздравствени потреби се професионално и политички детерминирани во уставни, правни и финансиски рамки. При креирањето на здравствената стратегија, нејзиното спроведување, мониторинг и евалуација, потребно е да бидат вклучени повеќе јавни и приватни партнери. Во рамките на тој процес потребно е да се формулираат краткорочните, среднорочните и долгорочните цели на стратегијата, индикаторите и приоритетите, како и методите кои ќе се користат за нејзино остварување. Здравствените стратегии се ориентирани кон унапредување на здравјето во согласност со здравствените потреби на индивидуата и општеството во целина. Државата, дејствувајќи преку министерот за здравство, ги поттикнува менаџерските структури во сите сектори да бидат ориентирани кон политики кои ја олеснуваат промоцијата и унапредувањето на здравјето.
Но, што навистина се случува кај нас? Колку министерот за здравство, Венко Филипче успеа да ги поттикне своите кадри од менаџерските структури да бидат ориентирани кон унапредување на здравјето? Можеби е вистинско време за
вистинското прашање: Требаше ли да ни се случи корона вирусот за да паднат маските и да разбереме дека здравствениот систем ни колабира?
Во ек на светска пандемија, кога се соочуваме со ризиците од Корона вирусот нашиот здравствен систем колабира. Колабира поради неспособни, неподобни кадри избраници на Филипче и поставени на високи менаџерски функции.
Носители на процесот на менаџмент во здравствените установи се менаџерите. Општоприфатена, традиционална дефиниција е дека менаџерите се луѓе кои се одговорни за работата на другите луѓе, односно луѓе кои имаат формална моќ во однос на друга група луѓе чијашто работа ја координираат. Оваа дефиниција го става главниот акцент на „моќта“ која ја има менаџерот во однос на луѓето чија работа ја координира. Заедничка карактеристика на сите менаџери е дека тие при извршувањето на одредени работни активности работат со луѓето чија работа ја координираат и контролираат.
А какви се нашите здравствени менаџери? Какви се избраниците на Филипче? Деновиве сме сведоци на општиот хаос во македонскиот здравствен систем предизвикан од оваа власт или со други зборови здравството во Македонија, за жал колабираше.
Монструозен е фактот што со невидена леснотија се прифати веста дека директорката на Клиниката за дерматовенерологија, Нина Цаца Билјановска пет дена одела заразена на работа со вирусот Ковид 19, доведувајќи ги во опасност вработените на клиниката и пациентите кои се лекуваат таму. Зарем само разрешувањето е казна која треба да ја добие? Можеби тоа што е кадар на владејачката гарнитура е олиснителна околност и поради тоа е изземена од било какви други обвиненија?
Требаше ли да почине пациент за да исплива на површина неетичноста и непрофесионалноста на директорката на охридската болница, Славица Малеска? Требаше ли да се случи трагедија за да се разобличи неподготвеноста и недостигот на јасно дефиниран протокол на Одделението за инфективни болести, менаџирано
од директорката Малеска? А иронијата да биде поголема истата таа директорка изјави дека не чуствува одговорност за случајот.
И повторно проблемот е решен со разрешување. Но проблемите се решаваат суштински и темелно.
Непобитен факт е дека здравствениот систем е во тотален хаос. Несомнено, скандалот со директорките и на Клиника за кожни болести и на охридската болница е дно на дното и е доказ за аматеризмот и неспособноста на оваа власт, поради која здравствениот систем колабираше.
Да се молиме на Бог да ни помогне да не бидеме колатерална штета на вештачки предизвиканиот колапс на македонското здравство поради лицемерниот менаџмент и безидејноста.
Да се молиме ова да помине побрзо.
Следете ги препораките и останете во добро здравје Вие и Вашите најблиски!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.