Петар Поп Арсов

Добивме ли датум? Ќе ги започнеме ли преговорите? Кој е ставот на ЕУ? Како реагира Владата, односно како реагираат Заев, Димитров, Шекеринска? Многу прашања!
Најпрвин да расчистиме околу датумот за почеток на преговорите со ЕУ. Како започнуваат преговори и што всушност се смета за датум за почеток на преговори?

Датум за почеток на преговори на една земја кандидат се определува од страна на Советот на Европската Унија, односно највисоката инстанца на Унијата во која учествуваат и одлучуваат шефовите на држави и влади. Одлуката се донесува со консензус, кое што беше нашата најголема досегашна пречка и причина за десетгодишните блокади, уште од 2009 година. Консензус немаше поради Грција и проблемот со името. Тоа го знаеме и тоа е јасно.

Претходно, но и во текот на овие десет години поминавме низ долготраен и макотрпен процес на усогласување на македонското законодавство со правото на Европската унија. Поминавме низ бројни реформи. Спроведовме и реформи на реформите, па реформи на реформираните реформи заради реформите во ЕУ. И, така во континуитет. Во меѓувреме го сменивме и името, како „најголема реформа“ која ни ја наметна ЕУ! Од 2009 година па навака, речиси постојано добивавме позитивни оценки од Европската комисија дека сме подготвени за почеток на преговорите. И пак ништо!

После сите премрежија, состаноци и лобирања на политичко, дипломатско и експертско ниво со претставниците на ЕУ, без разлика дали тие се оддржуваа во Скопје, Брисел, Стразбур или главните градови на земјите членки на ЕУ, конечно дојдовме до точката да се „склопат коцките“ и да се создаде клима за носење на позитивна одлука од страна на лидерите на земјите членки на ЕУ, за добивање на датум за почеток на преговори.

И што се случи?
Одлука дека ќе започнеме преговори има! Но, датум нема! Да, така е, датум нема!
Датум повторно нема! Датум, за кој се потрошија огромни буџетски средства за негова прослава на македонските празни плоштади, повторно го нема! Залудно фрлени пари! По се изгледа чочекот од тунелот и прославата на пуштање на дел од автопатот „Пријателство“, кој што го изгради претходната влада, но, под друго име, ќе биде најдобрата инвестиција на актуелната влада во буџетската ставка „прослави, веселби и останати одбележувања“!

Што всушност заначи датум?
Одлуката што ја носи Советот на ЕУ, односно европските лидери, генерално кажано, се состои од две главни компоненти кои ги содржат одговорите на двете клучни прашања, дали и кога. Првата компонента е политичката, а таа дава одговор на прашањето дали земјата треба да започне преговори?! Во нашиов случај одговорот е да! Конечно, ЕУ смогна сили и на лидерско ниво да каже да! Втората компонента на одлуката е, да кажеме, техничка и со неа се определува датумот на оддржување на првата меѓувладина конференција, кој што всушност се дефинира и како официјален датум за почеток на преговори. Со оваа компонента на одлуката се повикува и Европската комисија да подготви Рамка на преговори, односно се определува рок до кога ваквата рамка треба да биде дефинитивно завршена. Таквата одлука го дава одговорот на прашањето кога земјата ќе ги започне преговорите?!

Е, кога? На кој датум? Датумот го нема!
Досегашните одлуки на Советот на ЕУ, за сите дотогашни земји кандидати, ги содржеа двете потребни компоненти. Тоа јасно може да се види ако се просурфа малку низ огромните лавиринти на ЕУ архивите, ако се нема време за другите, барем за земјите од регионот.

Зошто нема датум?

Нема затоа што Бугарија го блокираше определувањето на датумот! Да, грубо звучи, но, за жал така е! Бугарија поднесе сопствена изјава во пишана форма преку која бара македонскиот јазик да не се нарекува македонски. Побара откажување од македонското национално малцинство согласно договорот меѓу двете земји, не само на билатерално ниво, туку и на мултилатерално. Побара Македонија да се откаже од активната улога во Советот во Европа во врска со сите пресуди на Европскиот суд за човекови права и наодите на сите европски експертски тела кои посочуваат на постоењето на Македонците во Бугарија и кршењето на нивните човекови права.
Бугарија фати погрешен пат! Ќе биде запишано во историјата дека Бугарија ја блокираше Македонија! Бугарија ги напушти европските вредности и се врати на вредностите од минатиот век и минатиот систем од времето на железната завеса. Не се потребни нови железни завеси меѓу Македонија и Бугарија! Потребна е железн(ичк)а пруга, инфраструктурно поврзување, меѓусебно почитување и соработка. Потребно е тие конечно да престанат да го спорат македонскиот јазик, кој што за волја на вистината е далеку поразличен од бугарскиот, отколку што е тоа случајот меѓу српскиот, хрватскиот, црногорскиот и босанскиот. Никој од овие земји не го оспорува јазикот на соседот, особено неговото именување, иако се работи за речиси идентични јазици. ЕУ го прифаќа ваквиот однос и без проблем ги признава и именува сите овие јазици онака како што земјите го нарекуваат сопствениот јазик.

Во чиј интерес работи бугарската влада? На кого му користи постојаното негирање и игнорирање на реалноста? Во чија полза е непочитување на соседот? Одговорите на овие прашања се за во друга колумна. Голема е темава!

Како реагира ЕУ на сето ова?
ЕУ молчи! ЕУ „се прави како да не е од тука“! Преќутно ги прифати бугарските небулози, ги вметна во вид на анекс во еден од нивните документи и НЕ ОПРЕДЕЛИ ДАТУМ! Не рече ниту нешто конкретно кое што би можело да се толкува како експлицитно прифаќање на бугарските небулози, но не рече ни нешто спротивно на нив! Ни риба ни девојка! Пробен балон за Македонија, нејзините граѓани и нејзината Влада.

Прифаќањето на ваквите бугарски позиции од страна на ЕУ ќе биде нејзина комплетна самоЕУтаназија. Тоа ќе биде комплетно рушење на целокупниот систем на вредности создаван после Втората светска војна, со цел последиците од војната никогаш да не се повторат на европскиот континент. Тоа ќе биде комплетно рушење на целокупниот Систем на конвенцијата на Советот на Европа, комплетно рушење на човековите права на принципот на владеење на правото, како и комплетно рушење на целокупната архитектура и структура на експертските тела на оваа организација!

ЕУ не смее да ги прифати бугарските барања и да го претвори процесот на подготовката на Рамката за преговори во „субпростор на четвртата и петтата димензија“, во кој ќе се случуваат новите блокади на македонските евроинтеграции, изгубени во времето и просторот. Токму неопределувањето на датум за преговори за оддржување на првата меѓувладина конференција и неопределувањето на краен рок за подготовка на фамозната Рамката за преговори ќе го претставува просторот каде што Македонија повторно ќе биде изложена на притисоци, уцени, понижувања и, најмалку важно од се, но, во суштина доказ дека не сме добиле ништо, повторните блокади на македонските евроинтеграции. Блокади на неопределено време, во недоглед до бесконечност! Или пак…. можеби многу брзо решавање на проблемот, по евентуално новите и експресни отстапки на Заев и Димитров? Во рамката е клучот!

Како реагираат граѓаните на овој пробен балон?
Граѓаните се преокупирани со заканите од пандемијата, која што го тресе целиот свет! Граѓаните гледаат да спасат жива глава, да се снабдат со потребните намирници, да се вратат навреме дома пред почетокот на полицискиот час, да закрпат од први до први во месецот и ако можат, да предвидат како и од што ќе егзистираат во наредните месеци. Во моментов граѓаните не ги интересира ЕУ! Право да ви кажам не ме интересираше ниту мене последниов месец, иако долги години бев активно вклучен со бројни активности кои што се дел од оваа приказна. Толку многу го спуштија нивото и рејтингот на ЕУ во земјава, што веќе истата се претвори дури и недостојна за критика, за жал! Се претвори во предмет за потсмев, особено во моменти кога нејзиниот амбасадор споделува твитови за стотина кебиња и шатори. Не дека треба да се одбие било каква помош или подадена рака. Секоја помош е добредојдена, па макар таа била и од споменатите кебиња, кои болниците на Филипче и така ги немаат, но амбасадорот на ЕУ треба да внимава што споделува и со што се фали во јавноста. Не за друго, тој е ЕУ амбасадор и треба да се грижи за зголемување на нејзиниот углед, а не да се претвори во „антиамбасадор“ во чие што време ЕУ го достигнува најниското ниво на поддршка меѓу македонските граѓани. Партиско-идеолошкиот пристап во вршење на дипломатска должност е најголемата повреда на дипломатските принципи. Молчењето за сите коруптивни скандали кои што изобилуваа во нашата земја, кое што се компензира со твитови за стотина кебиња, му ја дава таа политичка обоеност на оној што најмалку смее да биде политички обоен, амбасадорот на ЕУ!
Како реагира Владата, односно како реагираат Заев, Димитров, Шекеринска и останатите „европејци“?

Заев вози мотор! Чопоративно, во група! Вози мотор и бара брзи „корона избори“ (позајмен термин од друг автор), со цел да добие уште еден мандат и да ја стави Рамката на преговори на брза лента. Брза лента, на која земјата ќе се откаже и од македонскиот јазик, и македонската нација, и од активната улога на Македонија во мултилатералните организации и Советот на Европа, со цел заштита на човековите права. Конкретно и прецизно, брза лента на која ќе се откажеме од заштитата на правата на Македонците по род!

Димитров, кој беше тој? Каде е тој? Што работи во моментов? Даде ли вистинско објаснување за состојбата во која се наоѓаме? Многу прашања, кои како такви, заради отссуството на одговори и причината поради која што се поставени, претставуваат одговор самите по себе! Министерот за надворешни не е достоен ниту за критика! Шекеринска уште помалку!

Сега е потребна сериозна реакција од сите општествени структури, групи и поединци, со цел да укажат дека ваквите пробни балони не смеат да поминат. Потребна е реакција на сите што ја сакаат Македонија, на сите што се колнат во владеење на правото и заштитата на човековите права, на сите што се залагаат за доследна примена на европските принципи, стандарди и почитување на меѓународното право.

Македонија не смее да дозволи неколку политички манипулатори целосно да го редефинираат и распродадат она што со векови е градено и со крв платено!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.