Петар Поп Арсов
Значи како што реков прецизно и јасно, јас и влада предводена од мене, не може да продолжи ако Градот Скопје и општините, урбани и рурални, уназадуват. Затоа реков, на 31 октомври се однесува за се, комплетно, целосно!
Зоран Заев, 20 октомври 2021 година, на некоја од неговите прес-конференции.
Ден потоа Заев рече:
Ние го добивме нашиот жолт картон од нашите гласачи … така да, 31. е all in! Се носи одлуката и граѓаните треба да си знаат!
Што сакаше да каже Заев? Што е тука прецизно и јасно? Што е тоа што граѓаните „треба да си знаат“?
Најави ли оставка?
На прв поглед изгледа така. Оставка во најава. Такви беа и толкувањата од некои медиуми. Најавена оставка, условена со вториот жолт картон.
Ако погледнеме малку подлабоко во неговата навидум несмасна и изнудена изјава, може да ја видиме целата иронија на неговото досегашно владеење, како и вистината за неговите идни намери. Ќе ја видиме сета инверзија на тези преку кои се обидува да го продолжи својот политички опстанок преку наметнување на колективен далтонизам, убедувајќи нè дека црвеното е жолто. Во изјавата се гледа целата негова бескрупулозна борба за власт и опстанок на тронот по секоја цена.
Како да сакаше да ни каже дека тој ќе биде победникот што и да се случи во вториот круг?!
Така излегува ако тргнеме да ја анализираме неговата изјава со примена на логиката.
Доколку победат неговите, победуваат политиките на Заев. Тоа е јасно и едноставно за толкување.
Пораката дека, ако Градот Скопје и македонските општини продолжат да назадуваат, при што владата нема да може да продолжи, е малку потешка за толкување. Ниту беше јасен, ниту пак прецизен. Клучен збор од неговата изјава е зборот „продолжи“. Владата не може да „продолжи“ да ја води државата ако „продолжи“ назадувањето на Скопје и македонските општини.
Логиката вели дека Заев несвесно порача дека се потребни промени кои ќе не извлечат од назадувањето за да не би паднала неговата влада. Всушност таквите промени ги побараа Заев и неговата раководна екипа од СДСМ не дозволувајќи кандидатури по втор пат на огромен број досегашни градоначалници од СДСМ. Со тоа самиот потврди дека Градот Скопје и македонските општини биле во сериозен процес на назадување во минатите четири години на негова апсолутна власт на локално и државно ниво. Понудата на нови кандидатски имиња беа повик за промени токму од Заев. Промени кои што ќе го прекинат назадувањето што самиот го предизвика. Промени кои во исто време ќе и овозможат на неговата влада да продолжи со својата работа. Тој потсвесно посака win-win ситуација, исклучиво само за него, независно од исходот од изборите.
Тоа го кажа Заев!
Таков е заклучокот, така вели логиката!
Дали посакуваше таков заклучокот од неговата изјава?
Секако дека не!
Човекот не знае што зборува?! Како да беше под некоја наркоза или со силно разбуден инстинкт за преживување.
Заев нема да поднесе оставка!
Тој никаде не кажа дека неговиот пораз од опозицијата е услов за неговата оставка.
Диктаторите не поднесуваат оставки! Заев не дојде на власт со победа, ниту пак ќе си оди со пораз! Ќе мора замине на некој нов, уникатен начиn. Начин својствен само за него. Ќе мора да биде свргнат! Првин од своите, а потоа од сите останати!
Така некако тргнала работата.
Затоа Заев упатува така „прецизни и јасни“ пораки. Тој првиот се обидува да фати приклучок со новата реалност во македонската политика обидувајќи се со инверзија на тези да се задржи на власт.
Заев доцни со оставките. Во него веќе е акумулирана целата негативна енергија која што се собираше во годините од неговото владеење. Во него е оставката на Филипче на кого му изгореа четиринаесет живи луѓе кои бараа живот и спас од неговото здравство. Кај Заев се неподнесените оставки на Мила за нејзиното дигитално насилство врз македонското образование, укинувањето на историјата како предмет и исфрлањето на учебниците и книгите од образовниот процес.
Кај Заев се „оставките“ на Османи и Димитров чии што дипломати шверцуваат луѓе, цигари и алкохол срамејќи нè пред целиот свет. Тука е и „оставката“ на Спасовски чие што министерство ги снабди сите белосветски криминалци со македонски пасоши давајќи им лажен идентитет, а неговите началници ги ловат со дрога во земјава и странство. На радарот на граѓаните се и „оставките“ на Љупчо Николовски, чија што борба против корупцијата ја потона земјата на најниските позиции забележани во нејзината историја, и на Бојан Маричиќ во чиј што мандат бавната правда стана уште побавна и недостижна за македонскиот човек. Кај Заев е акумулиран целиот гареж од изгорените македонски шуми кои ги гаснеа странци додека тој се ладеше некаде на море.
За Заев е доцна за оставка!
Тој ќе добие отказ!
Отказ заради неспособноста да управува со државата. Ќе добие отказ заради поскапувањата кои од ден на ден стануваат се поприсутни. Ќе добие отказ заради неподготвеноста на државата да се справи со претстојната енергетска криза и недостатокот на енергенси за производство на струја. Му паѓаат дури и тендерите со кои се обидува да го санира неодговорното и раскалашено однесување на македонските енергетски власти кои ги оставија мекедонските производни капацитети без потребните количини на јаглен од домашно производство.
Македонскиот граѓанин ќе му даде отказ на Заев за да спаси жива глава, заради гол опстанок. Производството на струја и нејзината цена не признаваат продажба на идентитет, јазик, историја и култура. Нивната вредност е егзактна, а цената немилосрдна. Електричната енергија не се создава на мешовити комисии за историја, ниту пак со празна реторика и демагогија за едно општество за сите. Македонските граѓани ќе му дадат отказ на Заев само за да го спречат остварувањето на крајниот резултат од неговото владеење, едно општество за сите во студ, мрак и сиромаштија.
Заев доби отказ од своите. Залудни се неговите обиди да ги релативизира резултатите од првиот круг на локалните избори. Народот не е против социјалдемократијата. Имало неколку изборни циклуси кога ја давал својата доминантна доверба на левата страна од политичкиот спектар. Народот е против „социјалбандитизмот“ и „социјалмафијашите“ кои доминираат на политичката сцена и постојано го стегаат обрачот на притисок, закани, уцени, влевање страв и експлицитни акти на нанесување штета на се повеќе и повеќе поединци и групи. Народот е против сите облици на бандитизам кои како рак рана метастазираат во секој општествен и политички субјект.
Затоа ќе добие отказ!
Обидот на Зоран Заев да го наметне својот личен политички далтонизам како колективна слабост нема да помине. Сите параметри говорат во прилог на ваквата констатација. Тоа е волјата на македонските граѓани. Тоа е нашиот отпор. Тоа е инстинктот за преживување кој Заев и неговата бандитарија го разбудија во секој од нас.
Друже Заев, картонот не е жолт!
Картонот е црвен!
Многумина ти го рекоа ова. Вреди да ти се повтори уште еднаш.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.