Кирил Лазов

„Здравјето е најголемо богатство.” – Вергилиј

Во 1948 година СЗО го одржала своето Здравствено собрание, на кое е решено 7 април секоја година да се одбележува како ден на здравјето, почнувајќи од 1950 г. Овој ден е датумот кога е основана СЗО и таа пригода се смета за прилика да се привлече меѓународно внимание на здравствените проблеми со кои се соочува светот.

Светскиот ден на здравјето првпат бил одбележан во 1950 година и оттогаш е насочен кон подигање на јавната свест за здравствените проблеми. Овој ден се слави како потсетник за основањето на Светската здравствена организација, со цел да се привлече вниманието на најважните здравствени проблеми во светот.

Овој ден е повеќе од симбол и потсетник колку навистина здравјето е најважно и колку е неопходна грижата за него. Во таа грижа секако медицинските лица и те како се важни и имаат свое пиедестално место. А изминатата година и битката која секојдневно се води со пандемијата предизвикана од корона вирусот, повеќе од било кога го покажа тоа.
Светската здравствена организација секоја година избира по еден клучен глобален здравствен проблем, на кој ќе му посвети голем број активности во текот на целата година. Годинешното мото на Светскиот ден на здравјето е: “Да изградиме пофер и поздрав систем за секого”.

Во таа насока се наметнува прашањето колку навистина можеме да изградиме пофер и поздрав систем за секого, имајќи го во предвид нашиот здравствен систем, нашето колабирано здравство на кое повеќе од потребно му е респираторна поддршка. Од една страна опасната пандемија што како ѓаволски превез падна над нашите глави, полни болнички ходници, пациенти кои молат за помош, медицински персонал кои го троши последниот атом од себе, од друга страна министер за здравство и влада кои освен профитабилни тендери не ги интересира ништо друго. Без протоколи, без стратегија, без основна заштитна опрема, со задоцнета имунизација, оставени на милост и немилост, медицинските лица, повеќе од една година ја живеат голготата на белите мантили. Под секое човечко достоинство, ризикувајќи ги своите животи во борбата да се помогне и спаси друг живот тие и денес со насмевка ќе го прослават овој ден. Но дали навистина го заслужија сето она со што се соочија? Дали нашиот медицински персонал го заслуши потценувањето од страна на министерот Венко Филипче и владата предводена од Зоран Заев?

Крајно време е министерот Венко Филипче и неговиот бизнис партер Заев да разберат дека повеќе од неопходно е подигнување на квалитетот на здравствените услуги за пациентите со обезбедување на пристап и можности за секој и секаде. Време е министерот Филипче да го насочи фокусот на дигнитетот на здравствените работници. Време е за подобрување на инфраструктурата на постојните објекти, инвестиција во капитални објекти, за подобри услови за работа. Време е оваа влада и овој министер да покажат грижа за здравствените работници кои се наши херои и кои храбро ја водат оваа битка.

Денес не се потребни лицемерни честитки, ниту популизам за дневен маркетинг и ситни политички поени. Повеќе од било кога потребно е исрено призание, но не во зборови во дела, затоа што медицинските лица се наши вистински херои.
Нека ни е честит Светскиот ден на здравјето хероишта!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.