Петар Поп-Арсов

– Кога дистанцата е нашата најголема блискост!

Вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии. Постоењето на вонредна состојба на целата територија или пак на дел од територијата на Македонија прогласува Собранието на предлог на претседателот на Републиката, Владата или минимум 30 пратеници. Ако Собранието не може да се состане, одлуката за воведување на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом ќе може да се состане.

Така отприлика е пропишан начинот на воведување на вонредна состојба во македонскиот Устав.

После кратко меѓупартиско „усогласување“ за тоа дали во моментов е потребна вонредна или кризна состојба, одлуката падна во прилог на вонредна состојба. Сеуште има поделени мислења за тоа која од двете можни варијанти ќе овозможеше поголема ефективност во справувањето со кризата, но тоа во овој момент и не е најважниот проблем во државата. Ќе има време кога да се анализираат и сублимираат правните аспекти на можните начини на делување. Ќе има време кога ќе се расправаме и надмудруваме за тоа како требало да биде или што би било кога би било. Сега е најважно да сме единствени и добро организирани. Потребно е да сме искрени и со морални и етички вредности ставени на максимум. Секој од нас, од првиот до последниот.

Водиме борба со противник кој не познава и признава ниту Устав, ниту закон, ниту пак било каква владина уредба. Не признава ни Конвенција за човекови права нити пак било каков меѓународен закон или правен лек. Ги признава само природните закони! Ги признава биолошките закономерности и лековите кои што човештвото грозничаво се бори да ги открие што е можно поскоро во борбата против ова зло.

За сето ова треба да сме сите свесни. Мерките кои што досега беа превземени сигурно ќе дадат резултат. Во секој случај многу подобар резултат отколку да не беа превземени никакви или минимални мерки, но резултатот највеќе зависи од сите нас поединечно и сите нас заедно, без разлика на тоа како се гледа на ова исто нешто. Сега е најпотребно да сме единствени во нашата што поголема поделеност и максимална изолираност. Во ова време е подобра целосна изолација отколку уземјување, како што би рекле енергетичарите.

Последнава реченица „ја украдов“ од статусот на еден мој пријател на социјалните мрежи и се надевам нема да ми замери за тоа, но во таа реченица е сместена целата суштина на моменталната состојба во која се наоѓа целиот свет.

Затоа во моментов треба да ги почитуваме природните и биолошките закони повеќе од кога и да е досега, а истовремено да извлечеме поука дека само со почитувањето на овие закони ќе го заслужиме нашето место на оваа планета сега и во иднината.

А што е со почитувањето на нашите општествени закони, закони од областа на правото, домашно и меѓународно? Како стојат работите во поглед на функционирањето и почитувањето на граѓанските и човековите права во услови на вонредна состојба.

Не е исто!

Ништо не е исто во услови на вонредна состојба!

Самата Конвенција за човекови права на Советот на Европа, „библијата“ по која работи Европскиот суд за човекови права, јасно го говори тоа. Конвенцијата предвидува голема лепеза на заштита на човекови права, кои во нормални услови се неприкосновени и задолжителна обврска за секоја европска земја. Но, што вели Конвенцијата за услови на воведена вонредна состојба во една земја членка на Советот на Европа, во која што меѓународна организација Македонија е полноправен член уште од ноември 1995 година?

Неколку члена од Конвенцијата јасно предвидуваат права и слободи, но со јасно укажување дека во услови на вонредна состојба работите не се толку едноставни. На пример, членот 9, кој што се однесува на слободата на мислење и верските слободи, вели „Секој човек има право на слобода на мислите, совеста и верата. Ова право ја вклучува слободата за промена на верата и убедувањето, како и слободата за изразување на својата вера или убедување, сам или заедно со другите, јавно или приватно, преку богослужба, поука, проповеди, верски обреди и ритуали.“

Во продолжение Коневенцијата преку членот 10 вели „Секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите…“

Членот 11 се однесува токму на моментално најфрагилното човеково право, правото на слобода на здружување и собирање „Секој човек има право на слобода на мирно собирање и здружување со други…“

Она што е карактеристично за сите посочени три члена од Конвенцијата е тоа што во продолжение на секој член стои текст кој што повеќе или помалку ја има следнава содржина: „Остварувањето на овие слободи, коешто вклучува обврски и одговорности, може да биде под одредени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите…“

Сите мора да сфатиме дека во моментов е неопходна дисциплина и организација во општеството. Верските обреди да се прилагодат на настаната ситуација, без да има потреба од групни собири. Господ е во секој од нас, господ ни дал памет и тоа е начинот на кој што не чува и заштитува. Потребна е одговорност од секој поединец што споделува информација и да внимава на нејзината веродостојност и точност. Не ни се потребни лажни вести во моментов! Но, потребно е и транспарентно информирање од Владата и министрите за реалната состојба во државата поврзана со бројот на заразените, како и за расположивите капацитети за лекување. Недавањето на вистинска информација исто така е лажна вест. Сите несериозни и несовесни граѓани, кои што досега лагодно се однесуваа, и до максимум го користеа правото на „дружење“ и собирање, треба да разберат дека во моментов не ги заштитуваат ниту биолошките ниту правните лекови. Неопходно е задолжително почитување на мерките, изолација и одржување на потребната дистанца меѓу нас. Во ова тешко време, по се изгледа дека токму меѓусебна дистанца е нашата најголема блискост!

П.С.

Порака до Владата.

Конвенцијата во членот 15, кој што се однесува на воведување на вонредна состојба, вели: „Во случај на војна или некоја друга општа опасност, која го загрозува животот на нацијата, секоја Висока страна договорничка (земја членка) може да презема мерки кои отстапуваат од обврските предвидени со оваа Конвенција, и тоа строго во согласност со барањата што ги наложува ситуацијата и под услов таквите мерки да не бидат во спротивност со другите обврски што произлегуваат од меѓународното право…. Секоја Висока страна договорничка, која го користи ова право на отстапување, е должна, за преземените мерки и за причините што го предизвикале нивното преземање, целосно да го информира Генералниот секретар на Советот на Европа.“

Какви мерки планира да превземе Владата во овој правец не знам, но какви и да бидат најдобро е правовремено да биде известен Генералниот секретар на Советот на Европа (ако досега тоа не било сторено), за да во перспектива државата не се соочи со тужби за прекршување на човековите права и слободи пред Судот во Стразбур.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.