Васко Шутаров

Чекајќи го Годо

Да беше денес жив Семјуел Бекет, само врз македонското искуство на празно тапкање и чекање во место, ќе требаше да ја преобмисли повторно славната драма „Чекајќи го Годо”. Идејата во неговата антидрама во два чина, во која дејствијата се повторуваат и во која сè е релативно, ќе добиеше нова содржина и свежина. А, времето и просторот во кои се одвиваат неговите драми на апсурдот, времето кое можеби беше вчера, а можеби ќе биде  утре или веќе е денес, како и местата на кои вчера или утре требаше да се чекаат неговите главни јунаци, ќе стекнеа нов и многу оригинален македонски квалитет на релативитетот. Апсурдот на чекањето кои неговите главни јунаци Владимир и Естрагон го исполнуваат со празни дијалози и (не)дејствија, ќе можеше секојдневно да се надополнува со сè понови и понови дијалози и (не)дејствија од нашите нови главни актери, новите Владимировци и Естрагоновци. Но, важно и тие (па и ние со нив) го чекаат Годо, од кого нешто очекуваат, а не се сигурни ни што е тоа, ни дали воопшто тоа ќе се случи.

Си ги имаме ние и нашите Поцовци и Среќковци, другите два лика кои одат секогаш во пар и кои ќе упаѓаат во двата драмски чина, колку да го изострат уште толку врвот на апсурдот. Ви текнува? Во првиот чин Поцо е господар кој со долго јаже и камшик го води својот натоварен слуга Среќко (или Лаки, ако повеќе милувате така), кој патем, само по наредба на својот господар, „мисли“ и тоа само под услов, ако шапката му е на глава. Во вториот, уште побизарен чин, Поцо е слеп. а Среќко е нем, но јажето со кое се врзани е сè пократко, па постојано паѓаат и ќе останат сè така паднати, додека не станат, што би рекол Поцо.

Петтиот лик, Момчето, кое не знае дали веќе било овде и дали повторно ги среќава истите или среќава нови ликови, е гласникот на Годо. Само тој е константа во релативитетот, бидејќи и во драмата и во нашиот реален театар на апсурдот секогаш ја носи истата порака – Утре!

Nothing to be done!

Ќе каже Естрагон, обидувајќи се да го собуе чевелот, погледнувајќи кон Владимир кој поминува и застанува до него, па ќе му рече: „Не сака, па Господ!” Nothing to be done, од оригиналниот текст, е реплика која се појавува повеќе пати во текстот и е лајтмотив во „Чекањето на Годо”. Како во драмата, така и во животот, репликава има широк спектар на толкувања: здодевно е, нема што да се прави, не може ништо да се направи или измени.

Додека го пишувам ова, ми текнува на првото читање и првата одгледана претстава на „Чекајќи го Годо”. Се преслушувам како тогаш, во тие студентски години со јасна „визија за иднината” сум го доживувал Бекет, на кој и не само поради подоцнежните чекања на Годо од нашите „секогаш идни животи”, му се навраќав, го препрочитував, па во сеќавање и ден денешен ми останале цели реплики од неговите драми, од кои една, од гореспоменатиот Поцо би можел и сега да ја парафразирам. „Солзите на светот се една постојана количина. За секој кој почнува сега да плаче некаде на друго место, некој запира да плаче. Истото важи и за смеењето. Да не зборуваме лошо за нашата генерација, таа не е понесреќна од претходните генерации. Да не зборуваме добро за тоа. Да не зборуваме за тоа воопшто!”.

„Годо”- драмата на апсурдот од нашите животи

„Зошто сме тука, тоа е прашањето? И ние сме благословени во ова, за да го дознаеме одговорот. Да, во оваа огромна збрка една работа е јасна. Го чекаме да дојде Годо. Ние не сме светци, но го одржавме нашиот состанок”, ќе рече Владимир во уште една незаборавна реплика од култната трагикомедија за егзистенцијализмот, излезена од ракописот на Бекет.

И добро е дека уште сме тука, живи и здрави, и покрај визиите за нашата иднина кои веќе не суштествуваат, но затоа жива е визијата и мисијата на Бекет, преку остварувањата на неговите места, времиња и ликови низ кои сè станува релативно. Kако во мојата држава денес.

Чекајќи го Датумо

Нашиот Годо, тоа сигурно веќе не е „Неименливото”, од истоимената исто толку славна драма на Семјуел Бекет. Има една анегдота поврзана со првото претставување на драмскиот текст за Годо на сцена, кога режисерот Алан Шнајдер го прашал Бекет, „кој е вистинскиот Годо”, на што тој само одговорил, „да знаев кој е, ќе напишев во драмата”. Во нашава драма, која сè уште ја испишува животот, Годо добиваше секакви, многу различни, но секогаш убедливи, иако и крајно прозаични именувања. Апсурдно е да се навраќаме на сите нив, доволно е само да се потсетиме на последните појави на негово исчекување, кои конечно се сведоа, само на две. Првата, ултимативно ја нарековме, Датум. Патем, преименувајќи ја час во датум за датум, час во рамка за датум, рамка за рамка или датум за рамка. Но, за ова чекање на овој судбоносен и неизбежен Годо, ќе следиме во продолжение, во вториот овогодишен чин од нашата претстава за долгото чекање во европската чекалница од нашите животи.

Чекајќи го Кодо

Нашиот друг Годо, вчера ли беше или завчера, лани истово време или деновиве, се нарекува уште попрозаично – Вакцина. Нашите Владимир и Естрагон од нашата реална животна приказна, претставата секојдневно ја почнуваат со истата реплика како од драмата: „Да одиме! Да, ајде да одиме!” (и не одат никаде, просто чекаат). „Да одиме”, ќе рече едниот. „Не можеме”, ќе рече другиот! „Зошто да не”, ќе рече одважно првиот. „Го чекаме Годо”, сигурен во себе ќе одговори вториот. И нормално, „ништо не се случува, никој не доаѓа, никој не оди, тоа е страшно”. „А да не е нашиот Годо, некоја тешка геостратешка грешка”, ќе запраша гласно и „мисловно како со шапка на глава”, нашиот главен јунак од драмава на апсурдов, оставајќи го и генијалниот Бекет, со прстот во уста.

Како ли само успеавме, сите ние, сосе сите непотребни пљачки од нашите животи што ги влечка Среќко низ претставата, да станеме неодвоив дел од оваа антологиска и вечно популарна претстава на апсурдот. A по оваа пригода, и сега ми текнува на претставата  „Крајот на играта” повторно од Бекет, која пред триесет и кусур години ја гледав во белградското Југословенско драмско позориште. Добив подарок билет од пријателка, која патем, само интригантно ми дошепна дека претставата ќе се игра со малубројна публика и дека само 40 билети се пуштени во продажба. Каква привилегија, нели? Љубезно бевме поканети да влеземе и седнеме и истиот момент станавме дел од играта и претставата, „наседнати” на една огромна и долга маса, со чинија и лажица пред себе, во кои се сервираше и сркаше изладено чорбасто гравче, за сето време дури се играше „Крајот на играта”.

И така неосетно, некогашата привилегија да се биде дел од една несекојдневна режисерска визија работена на текст од Бекет, денес ја живееме како редовна секојдневна привилегија, во која и крајот на играта и чекањето на Годо, ја добиваат својата комплетна и заокружена апсурдна смисла. Привилегијата е, што барем има надеж за преосмислување на истата, еве за почеток и преку пишување за неа.

И додека ова го читате, нашиот Владимир и Естрагон денес, вчера, утре или деновиве, ќе бидат „сигурно” на Табановце или некој „ајродрум по ваксајнс” чекајќи го нашиот најнов Годо. Или ќе соблекуваат чевел да одморат нога, под маса од масивно дрво или во „мерцедес“ со сите салтанати, (кој патем, требаше да се продаде, веќе се продаде или допрва ќе се продава). A бидејќи сè е релативно и сеедно во нашава драма на апсурдот, имаме сите неверојатна и неповторлива можност (конечно!) да го почувствуваме  доаѓањето на Годо, преку новиот драмски заплет наречен – чекајќи го Кодо! И тоа во совршена антидрама, во два чина. На боцкање. Најпрво, во нашата најнова виртуелна чекалница наречена апликација за вакцина, во која ако сте Среќко можеби и ќе го дочекате Кодо. А чекајќи го токму Кодо, разбирате дека чудото веќе се случило. Утре, вчера или деновиве. А за оние кои годините ги газат во виртуелнава чекалница, како и сите оние без достап до виртуелните апликации, ни Бекет не би имал што да им додаде или одземе во случајов.

Кој прв рече, Nothing to be done”?

И кој рече дека е здодевно и дека ништо не може да се промени во нашите живи театри на апсурдот? Зарем малку е, што во годинава на затворени театарски сцени, сите заедно сме вклучени во час организирана, час испуштена од секаква режисерска игра вистинска драма на апсурдот, на сцената која на сите нам ни значи и повеќе од живот. Како од најдобрите текстови на Бекет?! Го допишуваме ние Бекет, го надградуваме совршено. И го следиме, непогрешливо. Ако некогаш ни беа далечни и чудни неговите реплики, дека „Некогаш се обидуваш, а некогаш паѓаш. Не е важно. Обиди се повторно. Падни повторно. Падни подобро!” или дека ќе биде така сè дури „сите ние имаме доволно снага да ги поднесуваме туѓите несреќи”, денес од најблизу и во полна еманација ги живееме сите тие апсурди и тоа на купче.

И како и во секоја добра стара драма на апсурдот, конечно и разбираме дека сите заеднички сме дел од истата оваа несреќа од нашиот секојдневен театар на апсурдот, час растапкани во место, час во најдобро можно слободно паѓање, но сепак со надеж дека за Бекет секогаш ќе има простор и реално време да го вратиме таму каде му е вистинското место, во театрите, а нашите реални животи да ги промениме и вратиме на сцената во која самите ние ќе ги креираме нашите животни реплики и дејствија. Простичко е, како изладеното чорбасто гравче од претставата „Крајот на играта”. Ни треба само промена на жанрот, промена на ликовите и крај на играта со кои се изначекавме на Годо! И секако само под еден услов! Повеќе никогаш да не ни биде сеедно кого на сцена ставаме!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.