Д-р Кирил Лазов

2021- та по многу нешта ќе остане запаметена како драматична, тензична, година со многу пресвртници, со многу кризи, но и најтешка година за граѓаните на Република Македонија. За разлика од 2020, оваа 2021 е многу полоша, поморбидна, потрагична. Година на порази и несреќи, на колективни трагедии.
Втора година по ред сме соочени со колабиран здравствен систем кој едвај успева да се одржи на респиратор. Залутани низ лавиринтите на сопствената немоќ и незнаење досегашното раководство на министерството за здравство и првиот човек Венко Филипче, во ниту еден момент не покажаа доблест за понесување на се она што ни се случи, а не смееше да се случи.
Сепак, на неколку денови пред големото финале на годинава која ја оставаме зад нас стивнуваат аплаузите за Венко Филипче. Конечно, најлошиот менаџер во историјата на македонскиот здравствен систем, заминува за да биде запаметен по сите неуспеси.
Најголемиот трофеј за неговто неспособно менаџирање се скоро 230.000 ковид- дијагностицирани лица, бројот на починати се движи кон 8.000 починати, 14 живи изгорени луѓе во модуларната болница во Тетово.
И покрај сите обиди за лична промоција и претставување како супер херој пред очите на јавноста, Венко Филипче ќе остане запомнет како министер за здравство кој жилаво се бореше да ја држи Македонија на високото петто место во светот по смртност од ковид 19.
Ќе остане запаметен и по тоа што некои моменти од оваа 2021 година во која состојбата постојано беше „под контрола и стабилна“, како и лани, смртноста од ковид-19 во нашите болници се искачи до 60 отсто од хоспитализираните, од завидните 40 отсто во 2020 година, додека во други земји смртноста беше и е’ околу 10 отсто.
Венко Филипче ќе остане запомнет по подбивањето со природниот имунитет, по коруптивните афери со набавувањето вакцини додека луѓето умираа, ќе остане запомнет по тоа што во февруари лани не смируваше дека брисевите на потенцијално заразените ќе ги праќа во Ниш, дека во март лани тестиравме минимално затоа што немавме тестови, дека полесно беше да се добие прием кај американскиот претседател отколку датум за тестирање согласно научниот „алгоритам“ изготвен од неговата Комисија за заразни болести. Ќе остане запомент и по немањето протокол за работа, по немањето заштитна опрема за медицинскиот персонал кој оставен на лисот и немилост се снаоѓаше сам преку спонзорства и донации.
Другарот на Зоран Заев, „најдобриот“ министер за здравство во историјата на Македонија, славниот Венко Филипче, чиј пи-ар ја забавуваше јавноста со аплаузи во пет попладне, не за лекарите, туку за „Слушај го Венко“, ќе биде запомент и со стикерите на кои беше претставен како Супермен. Во таа насока не е за заборавње ни насловната на „Слободен печат“ на која беше претставен како Св. Филипче кој е единствениот кој може да ја убие короната, по примерот на Св. Ѓоргија и неговата борба со ламјата.
Ќе остане запомнет и по несфатливиот потег за минатогодишниот летен свадбарски бран, што не чинеше стотици мртви. Но и по инертноста која е се поприсутна во последните денови од неговото министерување во моменти кога светот е во лок даун поради новиот сој омикрон.
Се на се, македонскиот здравствен систем во моментот на заминување на Филипче е опустошен и изгорен до темел. А што може од пепелта да се направи?
Се поставува прашањето што може да направи новиот министер? Како прво, да го отвори системот. Како второ, да воведе ран третман за болните од ковид. За да го воведе тоа, треба да воведе систем на рано откривање на заразените. Да ги открие шемите кои Филипче ги воспостави со приватните лаборатории кои заработија милиони од луѓето кои редовно си плаќаат здравствено осигурување, но поради непособноста на „Слушај го Венко“ не можеа да се тестираат на сметка на ФЗО. Да ја претресе работата на Филипче и на неговите пулени и да и објасни на јавноста зошто имаме 60 отсто смртност на хоспитализраните пациенти од Ковид и да побара одговорност за 25-отстотното зголемување на смртноста од други болести. Да седне со опозицијата, независно од тоа дали новата влада ќе трае неколку месеци или неколку години и консензуално да го реши проблемот со изградба на нов клинички центар. Да и предаде „Бела книга“ на јавноста за функционирањето на т.н. фармацевтска мафија, а таа „Бела книга“ да биде основа за натамошните негови чекори.
За почеток, тоа ќе е доволно. Впрочем од тоа ќе се види дали новиот министер е поставен на тоа место затоа што неговата партија сака да ги подбри состојбите или само да го земе колачот што во овие неколку години го земаа Филипче и СДСМ.
Останува нејасно дали новиот министер ќе може да ни одговори за што тоа Заев своевремено го обвинуваше Бујар Османи како министер за здравство за некои 28 милиони евра? Или нема да смее, зашто сепак е во иста влада со ДУИ?
Како и да е, новиот министер нема да има многу време. Најмногу до пролет, кога ќе одиме на нови избори. Дотогаш нека ги засука ракавите и Господ нека му е на помош.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.