Д-р Марија Јовановски-Срцева
„Сакаш ли вечна среќа – не спиј! Пресврти ја ноќта во ден! Зашто оној што спиел е слеп, a при успаните среќата не доаѓа. Но, еве ви еден совет на сите што сте тука: Зградaта построена во прав – во прав ќе се урне. Ако ви се случи тоа – не обвинувајте го ни Бога ни човека: самите сте виновни. Избегнувајте поскоро од затворот на своето „јас“ одделете се макар на чекор од себеси и ќе видите – во ружите освен трње има и ружи“, Парадоксот на Диоген
Неколку недели наназад се трудам да се воздржам да не дадам некое епско или лирично објаснување на целокупната политичка, здравствена, економска и разнебитувачка контроверзa која се случува во Македонија. Парадоксалност до парадоксалност и не можам ниту јас која се сметам за човек со концизна и насочена мисла да се одлучам од кој парадокс да почнам. Заради тоа, решив едноставно, дури и да е хаотично да го елаборирам секој можен парадокс кој ќе ми текне.
Парадокс 1. Иницијално, малку сум збунета на кој јазик да го напишам ова?! Како што би рекле бугарите, на бугарски со посебен дијалект. Пресмешна констатација, но сепак решив да пишувам на мајчин, македонски јазик. Парадоксот за тоа дека во сопствената земја Македонија мора да си поставам прашање на кој јазик да се изразам ми е безмалку одбивно. Парадоксот на бугарските власти и не е толку страшен колку што е страшно тоа што актуелната политика во Македонија пробува на крилјата на Џорџ Орвел да го убеди народот дека соседите кои ни го контролираат минатото ни се патоказ и ни ја отвараат вратата во иднината.
Парадокс 2. 48 часа после најавен строг 58 часовен карантин, не не, не беше 58 часа беше 61 час или помалку?! (не ми оди математикава) Повеќе нема полициски час и смееме да посетуваме кафани. И на сето ова предлогот на 20 јуни (читај 552 часа потоа) да има избори. Се чувствувам како на лицитација: прв пат, втор пат, трет пат продаденоооооо!
Алооо луѓе консолидирајте се! Не сме во кладилница, иако има доста покер машини во Македонија. Веројатно и таму постојат некои правила, операциите не се само множење и собирање, сигурно и нешто се одзема, оди со предзнак минус. Очигледно, за жал, освен економијата, платите и салдото на сметките на македонскиот народ кои се со дебел предзнак минус најлесно е да се собира? Овој парадокс има и под-парадокс но, ќе го елаборирам покасно.
Парадокс 3. Бројот на заболени од корона пред да се воспостави вонредна состојба (неможам да сметам пред колку часа, многу множење е тоа) вртоглаво растеше и безмалку се излегуваше на прес-конференции и се вртеа бројки како на наводниот неупешено ветуван бројчаник на плоштадот. Сега после ослободување на мерките бројчаникот некако почна наназад да смета. Наместо бројот на заболени се кажуваат бројки на излечени, а дополнително на ова властите се однесуваат како народот да има безмалку групна амнезија и неможе да разбере дека бројките од бројчаникот на кои се прогласи вонредна состојба се истите на кои сега се вели пу, пу неважи. Со изјавите дека полицискиот час и вонредната состојба не се почитувале повеќе од 1000 часа, а бевме убедувани дека истата дава ефекти, е малку збунувачка. Или ќе броиме како што треба или назад во прво одделение. Малку да манипулираме предизборно, а имунитетот на народот е безмалку ист како и на почетокот.
Парадокс 4. Масовно тестирање. Повторно со некои бројки се лицитира на секоја прес конференција. Да не е ова масивново тестирање на лицата од градинките и медицинскиот персонал по партиска книшка? По клиничките болници е тешко да се истестира пациент, а не персонал. Но, затоа пред новиот паркинг кој се отвори (3 на 3 метра) стои човек рампа кој со апартче и кеш во рака прави масовен скрининг на колите кои влегуваат и им треба паркинг и наплаќа на лице место со приближно време на престој. Наместо овој човек рампа да стоеше екипа рампа со тестови, веројатно ќе имавме и некој реален увид на скринингот.
Парадокс 5. Децава за оваа година останаа неписмени, без воздух и затворени во 4 ѕидови колку часа?! Е-училиште, интернет школување, хаххххахха, или, што би рекла една моја пријателка јас ни јога не можам да вежбам на интернет и интерактивно, а не математика.
Парадокс 6. Се пуштаат бесплатните автобуси за пензионерите. Нели оваа возрасна група е најранлива група од корона и треба да се заштити? Нели не им дававме да поспијат наутро, па мораа на пазар да одат во 6 часот. Како сега ќе се возат во автобус во контролирани услови?
Еве, да речеме, мојот дедо кој е боем во душа ќе се качи во бесплатен автобус за да отиде до аптека да купи заштитна маска од 260 денари, а попат ќе помине до кафана на една ракија за да потроши малку од екстремно покачената пензија (едвај чекаше човекот да има место кај да троши пари) и сега да прашам вака: Како ќе се контролира дедо ми кога ќе влезе во автобус доколку има температура. Дали ќе се стават во автобусите кондуктери (милениалс не ни знаат што е кондуктер, барем една добра работа ќе научат во време на интерактивно школство) кои ќе мерат температура, термални камери или возачот ќе прави термален скрининг? За во кафана да влезе дедо ми (многу ми е важно ова) дали на врата ќе има топломер или да му спакуваме од дома?
Парадокс 7. Бројките за корона исти, а избори ќе има во посебни услови. Ако може дедо ми во кафана, може и на избори да гласа, таа ли е логиката? Притоа ќе мора на неколку секунди да ја тргне екслузивната маска од лице (мислиш маска од злато за подмладување според цената) и ќе гласа после ракијата. Се е толку логично незнам зошто воопшто ова го пишувам.
Не знам дали драмата „Парадоксот на Диоген“ која ја цитирам на почетокот е адекватна, но секако е симболична особено ако го земеме во предвид заклучокот кој говори за моралното пропаѓање на државотворниот фактор и губењето на вредностите и личноста со апсолутно замаглување на реалноста поради ситни политички поени.
Во буквална смисла на зборот дајте земете ја ламбата на Диоген и прошетајте сред бел ден со неа, можеби ќе ви помогне со таквиот пародоксален пристап да ја решите сопствената конфузија.
Не сакам ова да го напишам – од едноставна причина да не ви го подобрам видот во момент кога имате слепило на широко отворени очи, но нешто е појако од мене. Јас сум обичен граѓанин и навистина би била одушевена наместо правење пародоксални глупости да излезете и речете:
- Економијата ни е безмалку очајна, ново трошење на пари за избори во моментов не ни треба
- Парите со кои отвараме паркинзи, монтажни параформации ќе ги дадеме за станици за масовно тестирање на народот
- Иако се трудиме да го намалиме бројот на заболени од корона, некако не оди, ќе организираме масовна едукација на народот колку е важно да се знаат основните правила на однесување
- Наместо изборни пропагандни ливчиња ќе се направат планови за евентуален нареден пик на болеста (не дека овој е поминат)
- И конечно народот и здравјето пред сè
Конечно, сфатете го народот како една личност кој има силни морални вредности, има вистински квалитети има идеал, има цел во животот и е совршена личност, но Вие со сите парадоксалности го терате да се смени, да стане дрзок, да уценува, да прави етички компромис и да стане наеднаш неинтелигентен. Па дури и мојов пес нема да ве поддржи во парадокалностите и моралната конфузија.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.