Весна Јаневска

Бројот на заразени од вирусот COVID-19 секаде во светот или е на плато или опаѓа. Кај нас бројот на заразени расте. Ние во овој момент го живееме вториот бран на епидемијата од корона вирусот единствени во светот. Толку од успешната борба на Владата против епидемијата во Македонија.

На Министерот за здравство му е крива Комисијата за борба протв заразни болести, на Комисијата и е крив народот, а за однесувањето на народот е крив Наќе Чулев. Чулев бил крив затоа што не казнувал доволно. Сега тој еден меѓу нив 16 е крив, за тоа што цела Влада е во Брауново движење.

Ниту кога дневно се јавуваат повеќе од 40 и повеќе од 50 нови случаи на заразени не
престануваат манипулациите.

Манипулираа со религиозните чувства на верниците, односно манипулираа со гласовите на верниците и манипулираа со природниот порив на човечкото битие за слободно движење и слобода. Кога Саудиска Арабија и Турција ги затворија џамиите, ние ги отворивме и криви се верниците. Ги отворија кафеаните со над 20 нови случаи дневно и сега им се криви младите.

Постојаното праќање двојни и контрадикторни пораки направија луѓето да не ја сфатат
болеста сериозно. Сега кога е уште посериозно повторно си играат, но зарем не е јасно
дека си играат со човечки животи? Дозволија фејсбук да им води антикампања и разни
инфлуенсери да шират теории на заговор, секакви аналфабети да изнесуваат теоирии за
болеста.

Прво, како тоа во секуларна држава дозволија да управуваат верски водачи и дозволија
нивниот збор да е посилен од државниот?

Второ, не си го знаат менаталитетот на народот или го жртвуваа?

Трето, толку се способни или ова намерно го направија? Зошто, за брзи избори? Со над 50 заразени дневно тие подготвуваат препораки за отворање на градинките, физички упис во школите, бараат потврди од диспанзер за залевање на забите, вакцина против морбили која во моментов ја нема и што ли уште не, не е за спомнување. Во тек се избори за ректор на УКИМ и сенатори, следат избори за декани на факултетите.

Студентите се подготвуват за физичко полагање на испитите. Без лажна скромност, добро проценивме дека училишната година треба да заврши со далечинско учење и добро проценивме дека матурата треба да се укине. Добро е што тоа се случи!

Предложивме и бројни други мерки за кои останаа глуви. Сега, наместо да се повикуваат
на Комисијата која изгуби секаков кредибилитет и да нѐ бомбардираат со спинувани вести
за бројките на оздравени, да нѐ тормозат со идеи за брзи и скорешни избори, кои сега секако ќе мора да се поместат за подоцна, подобро би било да се потрудат да ја контролираат епидемијата. Независни, непритиснати и смели стручњаци јавно им кажуваат како.

На крај нека отворат весници и нека погледаат дека сите земји ги отвораат границите, ама
не и за нас, со ретки исклучоци заради неопходна потреба за поткрепување на сопствената екoномија. Ако продолжиме вака и тие ретки ќе ни забранат влез во нивните држави.

П.С. Внимавајте со градинките, ќе ви се случи трет бран, всушност четврт, зошто третиот
ќе биде резултат на нагло, неподготвено и неконтролирано отворање на кафеаните.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.