Петар Поп – Арсов

„Како партија неколку пати се обидовме да играме на политики на патриотизмот. Но тоа на нашата партија не ѝ прилега. И тука апсолутно загубивме. Чесно е да признаеме, за да бараме шанса за во иднина, за да не правиме вакви грешки. Од нас народот не очекува да глумиме патриоти.“

Вака говореше Зоран Заев пред осум години во својот прв телевизиски настап по преземањето на претседателскиот трон во СДСМ.

Беше искрен!
Му верувам!

Нема причина да се сомневаме во неговите зборови. Ги докажа на дело, од збор до збор. Ги исполни сите антипатриотски проекти и планови кои што беше ги наумил.

Патриотизмот за Зоран Заев не беше во мода!
И види пресврт!

„По цена на македонскиот идентитет и македонскиот јазик не ни треба Европска Унија, затоа што ќе бидеме прашина изгубена низ ветрот. Кој тоа ќе влезе во ЕУ? Не постои договор кој го договара тоа како се чувствуваме и каков јазик зборуваме и на крајот тоа е европска вредност и затоа Европа стои зад нашите позиции.“ – изјави истиот човек пред само неколку дена!

Истиот Зоран Заев.
Патриотизам на максимум. Проткаен со поетски орнаменти заради зајакнување на уметничкиот впечаток на неговата изјава. Човекот сврте нова страница. Се трансформираше во македонски патриот. Ликот на новиот Зоран Заев преоблечен во патриотско руво по најновите модни трендови.
Дали му верувам?
Не! Секако дека не!
Патриотизам и евтин полулизам се две различни нешта!

„Решение со Бугарија па старт на преговорите со ЕУ.“

„Без напредок во спорот со Бугарија, Македонија не може да се надева на отворање на преговорите за пристапување во ЕУ.“
Овие пораки на Оливер Вархеји дојдоа како студен туш под топлото поствелигденско македонско сонце.

Или можеби како зрак на искреност кој ќе ги превенира преголемите очекувања и постојаното повторувањето на лажните датуми кои што ги „добивавме“ на секој ЕУ самит откако е дојден Заев на власт.
Следуваше нова вест, некој би рекол нов студен туш. Албанија може да биде одвоена од пакетот со Македонија и сама да ги започне преговорите со ЕУ. Паника во македонските медиуми. Огорченост, гнев, разочараност, и малку да претерам, хистерија!
Но, зошто? Има ли потреба од негативни чувства? Има ли потреба од гневни реакции поради евентуалниот напредок на Албанија?
Мислам дека не!
Македонија никогаш не сакаше да оди во пакет со Албанија. Правевме напори да покажеме и докажеме дека сме далеку понапред од нашиот сосед и дека албанските недостатоци не треба да бидат кочница за македонските евроинтеграции, особено во однос на почетокот на преговорите со ЕУ. За волја на вистината, пред дванаесет години, кога во 2009 година ја добивме првата препорака за почеток на преговорите, воопшто не беа потребни напори за да се илустрира супериорноста на македонската држава во контекст на евроинтегративниот процес во споредба со Албанија, како што тоа е случај во времето на Зоран Заев.
Правевме напори, но влеговме во пакет со Албанија. Сега дојде моментот на „нашата разделба“, а ние „плачеме“ како ЕУ да станува наша далечна и неостварлива желба со албанското одвојување.
Нека одат! Нема далеку да стигнат! ЕУ изгради реверзибилен механизам на преговори со земјите кандидати кој како што гледаме сѐ уште ги држи на бавна лента преговарачките процеси на земјите од Западен Балкан. Нема потреба од реакции заради албанскиот напредок. Подобро нека тргнат со преговорите за да во иднина не се користат албанските слабости како причина која ќе го оневозможува македонскиот почеток на преговорите со ЕУ, токму заради пакетот со Албанија. Ако го прежаливме растурањето на пакетите со останатите земји од поранешна СФРЈ, за растурањето на пакетот со Албанија може само да се заблагодариме. Впрочем, овој пакет за нас беше растурен уште во декември кога ја чекавме бугарската дефинитивна одлука, вето или не. Тогаш воопшто не ни пречеше раздвојувањето со Албанија. Не треба да ни пречи ниту сега.

Интересни се изјавите на европските лидери кои сега и даваат поддршка на Македонија, но и на Албанија, изјавувајќи дека треба веднаш да започнат со преговори и дека треба да има две меѓувладини конференции. Интересен е ставаот на Г7, групата индустриски најразвиени земји во светот, која даде експлицитна поддршка на започнувањето на преговорите со ЕУ. Интересен е веќе конзистентниот став на САД која постојано повторува дека Македонија треба да започне со преговорите со ЕУ, а билатералниот спор наметнат од Бугарија треба да се решава надвор од преговарачкиот процес.

Но, има еден проблем. Бугарија! Бугарија стои „цврсто“ исправена опонирајќи на политиките на најмоќните земји во светот?! Бугарија против сите! Кој ли ќе победи?
Делува како филмско сценарио за судир кој што се одвива на и за македонската земја. Нешто како судирите во минатото, но оние вистинските и реални.
Нема логика! Нема рамнотежа на силите меѓу спротивставените страни. Или попрецизно кажано, нема рамнотежа меѓу видливиот спектар на силите меѓу спротиставените страни.

Нашите западни партнери како да немаат контрола и регулација над состојбите, па час не тушираат со мраз студена, час со врела вода, неможејќи да се усогласат и да ја најдат онаа долго посакувана топлина по која тежнееме како држава повеќе од триесет години. Да, триесет години членството во ЕУ претставува стратешка цел за македонската држава.
Сега имаме проблем со Бугарија. Не може да се фати ни почеток ни крај на тоа што вушност тие бараат од нас. Го оспоруваат јазикот, бил нивни. Го признаваат идентитетот, но само овој современиот. Коренот не! Коренот е нивни! Дејците за Македонија, исто така се нивни. Се што е наше, овдешно, македонско, велат дека е нивно?! Ако не го прифатиме нивниот ултиматум, пак ВЕТО!

Кој ќе стави сега вето?

Која бугарска влада има мандат да стави вето за почетокот на македонските преговори? Онаа што падна на изборите казнета од бугарските граѓани? Онаа што не можеа да ја формираат поради кое што повторно во јули ќе одат на избори?! Кој ќе стави вето, Захариева, Бојко или Каракачанов како технички функционери без политички мандат?! Или можеби подобро е прашањето да го поставиме обратно. Кој ќе го симне ветото од македонскиот евроинтегративен процес? Владата која што ја нема, ниту ќе ја има за време на самитот на ЕУ?! Или истите технички премиер и министри кои паднаа на претходните избори?

Во моментов Бугарија нема функционер со политички мандат кој може да направи било каква промена на фактичката состојба!

Ветото останува!

Барем така вели логиката на демократската устроеност на земјите членки на ЕУ и земјите кандидати за членство. Секоe понатамошно дигање на тензиите и замајување на македонската јавност со ова прашање ќе има само театрален ефект за одвлекување на вниманието од економската катастрофа и вистинските проблеми со кои се соочуваат македонските граѓани.
Прашањето за одлука за почеток на преговори на јунскиот самит на ЕУ е затворено!

Само политичко чудо може да го смени ваквиот исход. Ќе биде интересно да се следат сите „жонглерски атракции“ и трикови на политичките илузионисти на европската политичка сцена.

И да се вратиме на почетокот. Кај нашиот „патриот“, Зоран Заев.

Веројатно му е повеќе од јасен ваквиот след на настаните, независно што настојува да остави впечаток на наивен политичар, потценет од политичките противници. Овој политички „монструм“, кој што нема никакви скрупули, се подготвува да го зададе завршниот удар врз македонскиот народ.

Во неговата изјава тој многу прецизно го лоцира епицентарот во кој ќе се обиде да го продаде македонскиот народ. Македонскиот корен!

Заев вели:

„ …драго ми е што Бугарија признава и кажува дека тие немаат проблем со реалноста за македонскиот јазик и за македонскиот народ, но ајде вика да ги утврдиме корењата. Ќе ги најдеме и корењата ако бидеме паметни на европски начин. Сите ние сме почитувачи на нашето минато, но сме обврзани да ја креираме иднина колку што може подобро. Колку повеќе се сплотиме толку повеќе благодет ќе почувствува овој наш народ.“

Заев ќе преговара за коренот за да добие преговори!

Ќе ги утврдува македонските корени говорејќи за европските вредности и европскиот начин на функционирање. И ова нема логика. Европските вредности и барањето корени некако не одат рака под рака. Тоа се спротивставени цивилизациски позиции.

Токму затоа, влегувањето во патриотската наметка со цел да го сокрие вистинскиот лик ќе биде новиот обид на потценетиот политичар да го искористи невниманието на самобендисаните потценувачи во македонската политика и да го зададе последниот удар врз македонските идентитетски вредности.

Затоа не му верувам!

Не им верувам на неговите европските вредности со средновековен корен со кој сака да го најде решението со Бугарија. Барањето решение не подразбира само отстапки и продажба на идентитетот, вклучително и коренот. Не му верувам на неговиот евтин популизам кој го продава како скап патриотизам обидувајќи се да излезе од политичкиот ќорсокак, затрпан со безбројни афери и скандали.

Не му личи патриотизмот на Заев!
Само на тоа му верувам!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.